„Ваквиот чекор следи откако Шпанија минатата недела го ратификуваше Протоколот, како последна меѓу членките на НАТО, по што генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг на 20 март упати писмо до премиерот Оливер Спасовки со кое официјално ја покани Северна Македонија да стане 30-та членка на Пактот“, наведува порталот.
Стејт департментот во средата информира дека на 19 март 2020 година биле исполнети условите за „влегување во сила на Протоколот за пристапување на Република Северна Македонија кон Северноатлантскиот договор, изготвен во Брисел на 6 февруари 2019 година“.
„Протоколот стапи во сила на 19 март 2020 година во согласност со членот 2 од Протоколо“т, се наведува во соопштението на Стејт департментот.
Сепак, како што истакнува „Дифенс Њуз“, за договорот да биде комплетен, Македонија мора да го достави својот „инструмент за пристапување“ до Стејт департментот.
Порталот наведува дека Амбасадата на земјава во Вашингтон потврдила дека документите ќе бидат доставени денеска во Стејт департментот, по што се очекува да уследи и официјална церемонија на подигнување на македонското знаме пред седиштето на НАТО во Брисел.
Поранешниот американски заменик помошник секретар за одбрана задолжен за европска и НАТО политика, Џим Таунсенд во изјава за „Дифенс Њуз“ изразува оптимизам дека по приемот во Алијансата, земјава ќе стане членка и на ЕУ, иако, како што вели, таа нема да биде важен играч во одбранбениот систем на Унијата, имјаќи ја предвид нејзината големина.
МИА