Дескоска: Забелешките на Венециската комисија за Законот за јазиците ќе се анализираат по изборите

Процесот околу забелешките на Венециската комисија за Законот за употреба на јазиците не е завршен и најверојатно ќе остане за после изборите, изјави денес министерката за правда Рената Дескоска.

„Не е завршен тој процес. Се разгледуваат и се анализираат забелешките и она што е законски текст, јас искрено не верувам дека тоа би се завршил пред изборите, бидејќи сепак треба да се направи сериозна анализа на она што е предложено, дали тоа значи промена на закон, дали тоа значи создавање на одредени услови. Така што тоа најверојатно ќе остане за после изборите“, изјави Дескоска.

СДСМ и ДУИ излегоа со различно толкување за препораките на Венециската комисија за Законот за јазиците.

Венециската комисија неододамна препорача да се преиспитаат одредби од Законот за употреба на јазиците преку консултации со сите засегнати страни.

Правните експерти на Советот на Европа посочуваат дека во споредба со законодавството од 2008 година, новиот закон значително ја проширува употребата на албанскиот јазик и во многу аспекти ги надминува европските стандарди утврдени со Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства и Европската повелба за регионални и малцински јазици.

Венециската комисија ја поздравува подготвеноста на властите за подобрување на јазичната состојба на заедниците. Оценува дека во одредени области новиот закон може да оди премногу далеку со наметнување на јавните институции на нереални правни обврски, особено во врска со употребата на албанскиот јазик во судска постапка, придружено со тешки санкции во случај на непочитување и можност за промена на судските решенија, доколку има недостиг на превод и толкување во текот на постапката.

Според мислењето на Венециската комисија, овој пристап би можел значително да го забави функционирањето на целото правосудство, ризикувајќи сериозни нарушувања на правото на фер судење, загарантирано со Европската конвенција за човекови права.

Комисијата понатаму забележува дека Законот за јазици не е прецизен кои одредби важат само за албанскиот, а кои, и за другите јазици на заедниците.

Законот за употреба на јазиците беше донесен во јануари минатата година. Собранието го гласаше по втор пат, откако претходната година претседателот Ѓорге Иванов одби да го потпише указот.

Минхенската безбедносна конференција, која со децении служеше како силен симбол на силата на западното сојузништво, оваа година покажа дека јазот меѓу сојузниците е поголем од кога и да е.

повеќе

Време е да се почне да се размислува што може да значи тоа.

повеќе

Која е логиката на Заев и СДСМ со вчерашниот протест што од сега се гледа дека ќе им биде и наративот за целата кампања?!

повеќе