Дескоска: Почитувајте ги мерките за да нема други ограничувања

Министерката за правда Рената Дескоска на заедничката прес-конференција со премиерот Оливер Спасовски денеска им порача на граѓаните дека прогласувањето на вонредната состојба не значи автоматски ограничување на правата, иако, доколку има потреба постои можност за тоа.

„Граѓаните треба да знаат дека ограничувањето на слободите и правата не смее да биде дискриминаторско по никаква основа. Вонредната состојба не смее да значи нечовечко постапување и казнување. Ограничувањето на правата на граѓаните треба да биде минимално и само кога е нужно“, порача Дескоска.

Таа го повтори апелот до граѓаните да се придржуваат до мерките на Владата, бидејќи, како што рече, „колку повеќе се придржуваме, толку побрзо ќе ја пребродиме кризата“. Освен тоа, ги повика граѓаните сите доброволно и совесно да ги почитува мерките и препораките на Министерството за здравство и на Владата за да нема потреба од други ограничувања.

„Вонредната состојба не значи забрана за движење, полициски час, затворање на продавници и слично. Со вонредната состојба нема автоматско стапување на сила на нови мерки“, рече Дескоска.  

Говорејќи за потребата од дисциплина и солидарност, во одговор на новинарско прашање, Дескоска рече дека мерките на Владата важат за сите институции, вклучувајќи ги и судовите и апелираше сите судови да ги почитуваат сите препораки.

Дескоска појасни дека сите закони можат да се изменат со Уредбите со законска сила.

„Сите закони можат да се изменат со Уредбите за законска сила. За областите во кои се подготвуваат уредби и една во Министерството за правда е Законот за облигациони односи да се намалат казнените камати и тоа е една од првите уредби. Има некои и од КЗ", појасни Дескоска.

Таа посочи дека за застарување на судските предмети и за да не се земе предвид овој период кој тече, а се однесува на вонредната состојба ќе се прави проценка и консултации со претседателите на судовите.

„Тоа ќе се направи во консултација со претседателите на судовите, односно ако се затворат судовите, тогаш да се донесе уредба дека рокот престанува да тече. До сега не е дојдено до таму. Можност стои и да се запре течењето на роковите на застарување на предметите", појасни Дескоска.

Се затвораат цркви, но се отвораат кладилници.

повеќе

Во повеќето земји во развој, ковид-19 предизвикува економски ураган.

повеќе

Бизнис заедницата која до пред некој месец постојано „трубеше“ како државата не треба да ѝ се меша во работата, веднаш почна да плаче за државна помош.

повеќе