Заврши стручна дебата за законот за јавно обвинителство

Дескоска: Ќе продолжиме да се убедуваме со сите пратеници и ќе бараме мнозинство за Законот за ЈО

Во Собранието попладнево заврши стручната дебата за законот за јавното обвинителство, во организација на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците

Сотир Костов, правник, осврнувајќи се на Предлог-законот за јавното обвинителство, рече дека е збунет во однос на тоа во која фаза е текстот на законот и, подвлече, чиј е. Тој потенцира дека сака да се донесе овој закон и, како што рече, обвинителството да почне светла фаза во својата работа.

„Овој закон сите го посакуваме, ама вчера и денес се делиме на луѓе што не ја прифаќаме неговата содржина и луѓе што ја прифаќаат. Односот е 80:20. Вчерашните и денешните експерти ги избројав, 80 отсто не ја прифаќаат содржината на овој закон од разни причини, а 20 отсто прифаќаат“, рече Костов.

Според него, овој закон е лепенка од стариот закон, од СЈО, ама вешто е преформулиран, но, како што рече, неписмено правнички.

Новинарот Горан Лефков изјави дека не се согласува со некои одредби од законот, посебно членот 3 во кој се одредува дека Јавното обвинителство се организира по принципите на хиерархија и субординација.

„Политиката треба целосно да ги крене рацете од Јавното обвинителство. Политиката треба да ги остави Јавното обвинителство и јавните обвинители да си ја вршат работата. Мешање на политиката, на политичките партии и други форми на влијание врз Јавното обвинителство, последиците ќе ги имаме катастрофални, како што ги имаме денес во работењето на Јавното обвинителство“, нагласи Лефков.

Претседателот на собраниската Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците Александар Кирацовски изрази задоволство што два дена се дебатирало за ова предлог-законското решение. Според него, само еден од говорниците не дискутирал на темата, а сите други се вклучиле квалитетно, далбински и експертски.

Во јавната расправа досега учествува претставници на правната фела, обвинители, адвокати, професори од правните факултети и од НВО секторот, како и пратеници од сите политички партии. Предност во изнесувања на своите забелешки имаа претставниците на стручната и експертската фела.

Во стручната расправа денеска се вклучија професорите Александар Климовски, Александар Даштевски и Никола Тупанчевски, Џабир Дерала од НВО Цивил... Забелешките ги слушаа министерката за правда Рената Треневска Дескоска, државниот обвинител Љубомир Јовески, професори, членови на работните групи и пратеници.

Прашањето околу постапката за предлагање јавен обвинител од страна на опозицијата е една од спорните точки за кои ќе се гради консензус, нагласи на денешната прес-конференција министерката за правда Рената Дескоска.

Таа посочи дека не слушнала ниту едно аргументирано тврдење на вчерашната јавна дебата за тоа дека е добра процедурата јавниот обвинител да се избира на предлог на опозицијата.

„Вреден за размислување е предлогот за транспарентност на постапката за избор на обвинител на организиран криминал и корупација и тој предлог ќе биде земен предвид“, рече Дескоска.

Дескоска најави дека ќе се обидат да закажат средба со пратеничките групи во поширок формат и изрази надеж дека ќе учествуваат и пратениците од ВМРО – ДПМНЕ.

„Ќе продолжиме да се убедуваме со сите пратеници и ќе бараме мнозинство. Кој има добра намера е добредојден, кој не нема да дозволиме да го блокира процесот на носење на законот“, порача министерката за правда.

Законот за Јавно обвинителство, појасни претходно, го содржи концептот за градење силно обвинителство за организиран криминал и корупција, кое покрај тековните надлежности што ги има, ќе ги преземе и случаите што ги водеше СЈО. Ова обвинителство, укажа, согласно предложениот текст има одредени статусни и финансиски гаранции, што треба да му овозможат и да му гарантираат независност од извршната, законодавната власт, со цел да не може да биде уценувано ниту од финансиски, ниту да се врши какво било влијание.

Според неа, не се точни некои од тврдењата на вчерашната јавна дебата за овој закон за неуставност во овој концепт.

Веќе четврта деценија штом општеството се фокусира на македонско-бугарските или македонско-албанските односи, на улиците излегуваат навивачките групи со навредливиот репертоар. Спонтано? Ајде, Ве молам.

повеќе

Нивото на Советот на Центар никако да порасне и да ги покаже демократските капацитети и зрелоста очекувани од граѓаните.

повеќе

Historia magistra vitae est (Историјата е учителка на животот). Оваа латинска изрека ќе ги објаснува односите меѓу народите и нациите додека постои светот.

повеќе