Во состав на владината делегација ќе бидат вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ и шефот на дипломатијата Бујар Османи.
Предвидено е на самитот да се одржат неколку сесии на кои премиерот Ковачевски заедно со лидерите од Албанија, БиХ, Косово, Србија и Црна Гора, ќе дискутираат за регионалната соработка и заеднички регионални пазари, за енергетска стабилност и трансформација, како и за перспективите на Берлинскиот процес и стратешките прашања.
За време на Самитот ќе бидат потпишани и три регионални договори за мобилност, кои се однесуваат на признавање на високообразовните квалификации во Западен Балкан, меѓусебно признавање на високообразовните квалификации за докторите по медицина, денталната медицина и архитектите, како и за слобода на движење со лични карти меѓу земјите во регионот.