Што договорија премиерите на Македонија и Грција?

Денеска Заев и Димитров ќе го информираат Иванов за договорот со Ципрас

Премиерот Зоран Заев и министерот за надворешни работи Никола Димитров денеска во 10 часот ќе го информираат претседателот Ѓорге Иванов за постигнатиот договор со Грција за спорот што оваа земја го има со уставното име на Македонија. Вчера Ципрас изјави дека е постигнат успех со прифаќање на грчките услови за географска одредница и ерга омнес, а Заев дека е зачуван македонскиот идентитет и јазик. Деталите од договорот следуваат денеска или утре.

Според официјалните изјави на двајцата премиери договорено е новото име на Македонија - Република Северна Македонија (Republic of North Macedoniia) кое ќе биде за внатрешна и надворешна употреба. Тоа подразбира и уставни измени. Македонскиот премиер вели дека македонскиот јазик во договорот ќе стои без фуснота, онака како што е потврден од ООН.

Во графата националност ќе стои македонска/граѓани на Северна Македонија (Macedonian/Citizens of North Macedonia).

Новото име ќе почне да се употребува откако договорот со Република Грција ќе биде ратификуван од парламентите на двете земји. Грчкиот парламент тоа треба да го стори до крајот на годинава, а македонскиот по потпишувањето кое е можно да се случи веќе до крајот на неделава во Преспа. За домашна употреба новото име Република Северна Македонија ќе почне да се употребува постепено, како што ќе се отвораат поглавјата од преговорите за членство во ЕУ, но не подоцна од пет години од потпишување на договорот.

Во договорот во неколку делови јасно ќе стои дека се одвојува историјата, културата и наследството на античкото од словенското.  

Промените во Уставот ќе треба да почнат да се спроведуваат по евентуален успешен референдум (крај на септември или почеток на октомври). До крајот на годинава Грција ќе треба да го ратификува и протоколот за полноправно членство на Македонија во НАТО.

Грција во јуни треба да испрати писмо до ЕУ и НАТО дека нема веќе пречки за евроатланските интеграции на Македонија. На 28 јуни Македонија треба да добие датум за почеток на преговорите со Европската Унија, а на 12 јули покана за членство во НАТО.

Ќе дојде до промена на ознаката на регистарските таблички на возилата, наместо МК - НМК, а остануваат да важат кодовите МК и МКД.

Ова е она што е официјално соопштено. Вчера по грчките медиуми се објави нон-пејпер на грчката Влада во кој се дадени многу повеќе детали за примената на овој договор. Ова толкување го објавуваме подолу.

Вчера Христијан Мицкоски изјави дека ВМРО-ДПМНЕ не остапува од својот став дека нема да поддржи уставни промени со цел промена на уставното име. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски рече дека премиерот Заев потпишал капитулација со договорот со Грција и дека на евентуален референдум за промена на името тој ќе гласа против.

Од кабинетот на претседателот Ѓорге Иванов вчера попладне соопштија дека изјавата на Заев оти евентуалното отфрлање на договорот со Грција ќе ги загрози перспективите на Македонија за влез во ЕУ и НАТО и ќе ги зголеми внатрешните опасности претставува очаен обид за манипулација на јавноста и наведување на македонските граѓани во пресрет на евентуално референдумско изјаснување.

„Претседателот Иванов смета дека е несериозно и неодговорно е прашањето за името, кое е исклучително важно прашање за граѓаните, и наметнати технички барања да се решаваат телефонски и по пат на личен договор меѓу премиерите на на двете држави“, се вели во вчерашната реакција на кабинетот на Иванов.

 

Нон-пејпер

Грчките медиуми синоќа објавија нон-пејпер на грчката влада во кој се даваат некои појаснувања за постигнатиот договор со Македонија за промена на името.

Грција овој договор го смета како голем дипломатски успех затоа што „нашите соседи не само што ќе го користат договореното име во нивните меѓународни односи, меѓународни организации, меѓународни форуми и меѓународни документи, туку и во рамките на земјата.

- Името “Република Северна Македонија”, кое во нашата земја ќе биде признаено како „Северна Македонија (без англиски превод)”, става крај на иредентизмот содржан во името „Република Македонија”, кое е уставното име на соседот и кое е признато од повеќе од 140 држави во билатералните односи, вклучувајќи ги САД, Русија и Кина.

- Владата, сепак, не успеа само да го натера Скопје да прифати ерга омнес, туку и го обврза соседот на директни уставни измени.

- Прифаќањето на уставните измени е огромна победа за Грција, бидејќи тоа беше дел од нашите црвени линии, кои ги имавме во изминатите 20 години, а беше следена од сите партии и влади. Тоа беше црвената линија и на сегашната влада, а Скопје никогаш претходно не се согласила да го промени својот Устав со меѓународен договор.

- Договорено е Грција да го ратификува договорот само откако ќе завршат уставните измени во соседната земја. Поканата за НАТО и отворањето на фондовите на ЕУ ќе се спроведува по ратификацијата на договорот од македонскиот парламент, но нејзиното пристапување кон двете организации ќе биде направено по уставните измени, бидејќи поканата експлицитно вели дека е неважечка ако не е исполнет договорот.

- Со овој договор, ја земаме назад нашата историја, симболи и традиција. Соседната земја  прифаќа разлика меѓу грчките Македонци, нивната древна грчка култура, нивниот јазик и регионот во кој живеат и народот на таа земја со своја историја, јазични и културни карактеристики од друга страна (види член 7 подолу).

- Името ќе биде запишано во македонскиот Устав со измените. Во исто време, повеќе од 140 земји кои денес ја признаваат земјата со терминот Република Македонија, сега ќе ја признаат како како Северна Македонија.

- Името целосно ја издвојува оваа земја од грчка Македонија и нејзините три региони (Источен, Централен, Западен).

- Досегашната неодговорност се потврдува на повеќе формални начини, бидејќи гаранциите се дадени на најексплицитен и недвосмислен начин, кој елиминира, спречува и ги сузбива сите видови на ирационална реторика и акции, без разлика дали доаѓаат од јавни или приватни ентитети.

- Договорено е сите ирационални референци да бидат избришани од Уставот на соседот. На пример ќе се отсрани копирањето на соодветното поглавје во грчкиот Устав. Во овој контекст, членовите за заштита на „македонските малцинства” во соседните земји ќе бидат отстранети; членот за заштита на границите се заменува со бришење на сите проблематични референци; се отстранат сите дури и имплицитни историски референци на иредентистички ставови во преамбулата на Уставот.

- Договорот предвидува дека државјанството во Северна Македонија ќе биде македонско/државјанин на Република Северна Македонија. Овој унифициран термин го заменува простото „македонско” во патните исправи.

Грција ќе го признае државјанството/државјанството како „граѓани на Северна Македонија”.

Поимот „националност” е различен од етничката припадност. Како резултат на тоа, договорот не ја признава националноста/нацијата, туку правото на самоидентификација на граѓаните на соседот. Во членот 7 од договорот се наведува дека нашите граѓани можат да продолжат да ги идентификуваат нашите соседи со кој било термин што го користат. (види член 7 подолу)

- Нашите соседи веќе го сменија името на аеродромот, нивниот автопат и нивниот стадион. Ќе има размена на споменици со општина Солун или ако размената не се спроведе, договорот предвидува дека соседната земја ќе стави натписи на статуите и спомениците за да стане јасно дека тие се симболи на грчката култура (на пример на скопскиот плоштад ќе има натпис дека спомениците се однесуваат на хеленистичкиот период и ќе биде обележан како симбол на пријателството на Грција – Македонија).

- Иако „македонскиот јазик” бил признаен од Грција во рамките на ОН од 1977 година, договорот содржи дополнителна јасна формулација дека тој припаѓа на семејството на словенски јазици, како и дека овој јазик е одвоен од античката грчка култура и грчко-македонското јазично наследство.

- Сите агресивни определби на владини и јавни институции, како и државни/културни организации финансирани од државата ќе бидат дефинирани со терминот „Северна Македонија”, додека дефиницијата „Македонија” се укинува.

- Од 2019 Ќе се формира работна група на експерти, која во рокј од 3 години ќе се занимава со прашањата за трговските марки.

Член 7 од договорот

1. Двете страни признаваат дека нивното меѓусебно разбирање на термините „Македонија" и „македонски/македонски" се однесува на различен историски контекст и културно наследство.

2. Што се однесува до првата страна, овие термини не значат само област и население на северната област на првата страна, туку и нивните карактеристики, како грчка култура, историја, култура и наследство на овој регион од антиката до денес.

3. Во однос на втората страна, овие термини означуваат територија, јазик, популација и карактеристики на сопствената историја, култура и наследство што се разликуваат од оние споменати во член 7 (2).

4. Втората страна забележува дека нејзиниот службен јазик, македонскиот јазик, спаѓа во групата словенски јазици. Страните се согласија дека службениот јазик и другите карактеристики на втората страна не се поврзани со античката грчка култура, историја, култура и наследство од северниот дел на првата страна.

5. Ништо во овој договор не е усмерено на кој било начин да го потцени или да ја измени или да влијае на употребата од граѓаните на која било страна“.

Прашањето е претенциозно, интенционално и суштински погрешно формулирано, не го задоволува т.н. троен тест на единство и е итро, манипулативно и сугестивно.

повеќе

Ако Владата е искрена пред нацијата во своите намери да го сочува националното достоинство на македонскиот народ треба да го сподели оригиналниот текст на амандманските интервенции во Уставот.

повеќе

Настрана од прашањето околу името, зачленувањето во НАТО ќе има реперкусии по нашиот животен стандард, реперкусии кои не смееме да ги занемариме, реперкусии поради кои ниту под уставното име не треба да прифатиме зачленување во НАТО.

повеќе