На маргините на самитот ЕУ-Западен Балкан

Денеска Заев и Ципрас ќе ги продолжат разговорите за името онаму каде што Димитров и Коѕијас запреа

Употребата на новото име само за меѓународна или и за меѓународна и за домашна употреба и промените во Уставот ќе бидат прашањата за кои денеска во Софија ќе разговараат премиерите на Македонија и на Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас. Од разговорите се очекува потврда на досега договореното, поддршка за продолжување на процесот, како и обиди за приближување на позициите во однос на спорните прашања.

Заев и Ципрас ќе се сретнат во 10:30 часот.

Последните изјави, и од македонската, и од грчката страна, сепак, се проткаени со воздржаност дека токму оваа средба ќе вроди со конечен договор за името.
„Сакам договор за мојата земја, оптимист сум и еден од првите луѓе кој го сака тоа, но не можам да кажам дека имаме договор за прашањето за името“, изјави Заев пред заминувањето за Софија. 

Направен е напредок, но има уште пат да се изоди, напиша вчера грчкиот премиер на Твитер за  преговорите за името.

„Со големо задоволство гледам дека лидерите на социјалистите ги поздравија нашите напори за наоѓање заедничко решение за прашањето за името на ПЈРМ. На денешниот состанок на Партијата на европските социјалисти во Софија, тие истакнаа дека само прогресивни лидери можат да го постигнат ова", напиша Ципрас пред денешната средба со македонскиот премиер Зоран Заев и додаде:

„Им се заблагодарив и признав дека навистина направивме значајни чекори напред, но сепак имаме важни чекори што треба да ги преземеме пред да можеме да постигнеме решение."

Според грчката страна двете преостанати прашања за решавање во процесот на преговорите за името се ерга омнес и ревизија на Уставот.

Еврокомесарот за проширување Јоханес Хан, во интервју за грчкиот весник „Та неа“, вчера изрази убеденост дека може да се постигне решение за името и оценува дека во Софија нема да биде одлучувачката точка за тоа дали ќе има решение, туку тоа што е важно во овој процес е квалитетот на договорот.

„Со оглед на напорите што ги вложија двете страни со посредство на претставникот на ОН, Метју Нимиц, убеден сум дека може да се најде решение. Дали тоа ќе се случи уште во Софија не е одлучувачката точка, тоа што е важно е квалитетот на договорот. Доколку е изводливо во Софија, ќе биде уште подобро. Но, најважна е одлучноста на двајцата лидери да стигнат до компромис прифатлив за двете земји. Решението не е добро само за поранешната југословенска Република Македонија, туку и за целиот регион“, вели Хан.

А домаќинот на Самитот бугарскиот премиер Бојко Борисов вчера изрази надеж дека што е можно поскоро ќе се реши спорот со името меѓу Македонија и Грција.

Борисов ова го изјави еден ден пред официјалниот почеток на Самитот ЕУ-Западен Балкан како и ден пред новата средба меѓу премиерите на Македонија и Грција.

„Се надеваме дека конечно ќе се реши спорот со името на Македонија. Тоа е ваша работа. Ние само се надеваме, немојте да помислите дека ви солиме памет“, рече Борисов на конференцијата „Дијалог со Западен Балкан: создавање на регион на раст, безбедност и поврзаност на патот кон Европа“, која се одржа вчера.

Природната и суровата храна се заменува со фабрички подготвени оброци и со обработена храна.

повеќе

Гувернерот, кој и да е, не е ничиј должник. Ниту на предлагачот, ниту на тие што ќе го изгласаат.

повеќе

Родовото прашање е клучен двигател за резултатите на здравството.

повеќе