По вчерашното објавување на Африм Гаши, лидерот на Алтернатива, дека сите негови пратеници денеска ќе гласаат за недоверба на Владата, синоќа претставниците на коалициските партнери на СДСМ повторно имаа координативна средба со Заев пред денешната собраниска седница. По синоќешната средба, Али Ахмети, лидерот на ДУИ изјави дека е оптимист и дека владата нема да падне. Мнозинството е кај прогресивните сили, изјави Ахмети.
Вчера претседателот на Демократската Партија на Албанците (ДПА), Мендух Тачи, изјави дека на средбата присуствувале и претставници на движењето Беса, до вчера коалициски партнер во власта. Но, од партијата на Биљал Касами тоа веднаш го демантираа и изјавија дека денеска и нивните пратеници ќе гласаат за паѓање на владата на СДСМ и ДУИ.
По сите перипетии околу тоа дали опозицијата има 61, денеска ќе се гласа за доверба на Владата. Ако 61 пратеник денеска кренат рака за недоверба на Владата на Зоран Заев, тогаш неговиот кабинет треба да даде оставка во рок од 24 часа. Потоа во рок од 10 дена претседателот на државата Стево Пендаровски треба да го даде мандатот за составување нова влада на партијата или партиите кои ќе потврдат дека имаат најмалку 61 пратеник во Собранието. Актуелната Влада останува во функција до избор на новиот кабинет.
Ако денеска опозицијата не успее да обезбеди 61 глас, тогаш правото за ново гласање за доверба на Владата ќе може повторно да го искористи после 90 дена, освен ако на иницијативата не се потпишат најмалку 61 пратеник.