По Јоханес Хан

Денеска Рикер во Скопје, средби со државниот врв и со опозицијата

Вршителот на должност помошник државен секретар на САД за Европа и Евро-Азија, Филип Рикер, кој престојува во работна посета на нашата држава, денеска во Скопје ќе има средби со државниот врв, а ќе разговара и со претставници на опозицијата.

Предвидено е Рикер да има средби со претседателот на државата Стево Пендаровски, со претседателот на Собранието Талат Џафери, со премиерот Зоран Заев, со министерот за надворешни работи Никола Димитров и други владини претставници. Помошникот државен секретар на САД за Европа и Евроазија, за време на посетата на Собранието, покарј со Џафери, ќе има средби и со пратениците од Независната пратеничка група од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За подобра Македонија“.

Според најавата од Стејт департментот и соопштението од нашето МНР, централни теми ќе бидат билатералните односи и патот на Северна Македонија кон членство во НАТО и ЕУ, а ќе бидат разменети и мислења за состојбите во регионот. Се очекува да стане збор и за новиот закон за јавното обвинителство со кој треба да се регулира идниот статус на СЈО.

Рикер придружуван од американската амбасадорка Кејт Мари Бернс вчера ги посетија општините Битола и Кавадарци каде остварија средби со градоначалниците Наташа Петровска и Митко Јанчев.

Пред посетата на Скопје, Рикер престојуваше во Атина каде имаше средби со шефот на грчката дипломатија Никос Дендиас, со други владини претставници, како и со поранешниот премиер Алексис Ципрас.

Филип Рикер кој е поранешниот амбасадор на САД во земјава, последен пат го посети Скопје во март годинава во својство на цивилен заменик и политички советник на командантот на Европската команда на Воените сили на САД, должност што ја извршуваше пред назначувањето за американски помошник државен секретар за европски и евроазиски прашања.

Рикер неодамна во изјава за МИА во Вашингтон оцени дека Северна Македонија во изминатиот период сработи одлично, и не треба да се дозволи земјата да подлегне на некаква дестабилизиција со непотребни политички игри. Администрацијата во Вашингтон е убедена дека Северна Македонија е на вистинскиот пат и оти процесот треба да се истурка до крај со цел земјата да стане 30. членка на НАТО и да ги почне преговорите за полноправно членство во ЕУ, истакна Рикер.

Вчера во Македонија беше и еврокомесарот Јоханес Хан. „Северна Македонија работеше вредно и време е ЕУ да ги исполни своите обврски. Уверен сум дека во октомври ќе добиете зелено светло и веднаш ќе може да почнеме со преговорите. Но, затоа неопходно е да се продолжи со натамошно спроведување на реформите, особено во делот на овозможување на владеење на правото преку усвојување на законот за јавно обвинителство и бескомпромисна борба против корупцијата и криминалот“, порача еврокомесарот за проширување Јоханес Хан на вчерашната заедничка прес-конференција во Скопје со премиерот Зоран Заев. Притоа, тој нагласи дека сите политички чинители треба да ја имаат предвид иднината и интересите на граѓаните и државата и апелираше до политичките партии што побрзо да дојдат до решение за законот за јавно обвинителство.

„Ги поттикнувам сите политички партии што побрзо да дојдат до решение. За нас има само неколку црвени линии, а најважно е во секое решение да се земе предвид дека не може во транзициската фаза да има изгубени случаи. Никој не смее да биде амнестиран поради неспособноста да се исполнат одредени рокови. Тоа мора да биде гарантирано. Ние така го гледаме владеењето на правото“, истакна Хан одговарајќи на новинарско прашање на прес – конференцијата по средбата со премиерот Зоран Заев.

Судскиот систем, како што посочи еврокомесарот Хан, мора да рабори според правилата и тоа мора да го почитуваат сите.

Премиерот Заев пак, истакна дека земјава заслужува да добие датум за почеток на преговорите со ЕУ поради тоа што изминатите две години напорно работела на таа цел и изрази уверување дека во октомври, конечно по 15 години ќе го добиеме долгоочекуваниот датум за преговори и дека ЕУ ќе го исполни своето ветување. Во меѓувреме, рече, ќе продолжиме да работиме на реформите за да не и се даде алиби на ЕУ за поинаква одлука. Порача дека власта е отворена за соработка со опозицијата за сите клучни прашања важни за интересот на граѓаните и државата.

Со еврокомесарот Хан, рече, споделиле искрени очекувања дека благодарение на процес што ги става и двете условни страни, и власта  и опозицијата како победници, до крајот на овој месец да се постигне политички концензус, а на крајот на август почеток на септември да се изгласа законот за јавно обвинителство. Во тој контекст го информирал Хан дека е прифатено барањето од опозицијата изнесено во преговарачкиот процес, за спојување на обвинителствата.

„Има јасни легални клаузули за 30 јуни 2017 година и употребата на прислушуваните разговори. Еднаквоста и принципиелноста во континуитет на сите јавни обвинители во државата и изедначеност на јавните обвинители во новото обвинителство за гонење на организиран криминал и висока корупција. Така што опозицијата е вградена во овој закон и верувам дека имаме видлива ситуација која на крајот ќе им служи чесно на граѓаните, каде што политичарите се надвор од процесот на одлучување за иднината на предметите, за правните аспекти и оставено е целосно на јавно-обвинителскиот систем, како и на судството да ги носат одлуките“, истакна Заев.

Со еврокомесарот Хан се сретна и вицепремиерот Бујар Османи кој на прес-конференцијата со директорот за државни патишта Зоран Китанов, одговарајќи на новинарски прашање дали нашата земја ги испонува критериумите за почеток на преговори со ЕУ, посочи дека мото на Владата за периодот до октомври е реформи – реформи, а фокусот е донесување на законот за јавно обвинителство.

„Денеска имав средба со еврокомесарот Јоханес Хан и кажав дека нашето мото во овој период по јуни беше реформи – реформи до октомври. Ние не застануваме и покрај тоа што Комисијата има констатирано дека сме ги исполниле сите услови. Прашањето што до октомври треба да го заокружиме е законот за Јавно обвинителство и тука ставовите на сите ни се јасни. Како вицепремиер за европски прашања и како претставник на ДУИ можам да кажам дека нашите основни постулати се два, а тоа е дека мора да има обвинителство, односно институција која ќе се занимава со висока корупција и второ дека мора да се продолжи со тоа што е почнато од страна на Специјалното јавно обвинителство“, нагласи Османи.

Еврокомесарот за соседска политика и проширување имаше средба и со лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на која, како што соопштија од партијата, Мицкоски изразил загриженост поради застојот во европските интеграции и недобивањето датум за преговори, како и, како што се наведува, отсуството на волја кај Владата во справувањето со растечкиот криминал, скандалите и висока корупција која е присутна во највисоките ешалони на власта.

„Немањето волја за справување со корупцијата и сомнежите за криминал се гледа и во предлог законот на премиерот Заев за организирање на обвинителството каде наместо непристрасна борба против корупцијата се нудат решенија кои ќе бидат алатка за политички притисоци и заштита на криминалот“, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ посочувајќи дека ниту еден криминал не смее да остане имун на правдата и дека на тој план не се потребни компромиси.

Воедно, истакнал дека услов за нова лидерска средба и дијалог со власта за повеќе прашања е одредување на датум за предвремени парламентарни избори како начин за враќање на процесите на вистинскиот пат и обезбедување на европска иднина за земјата. 

Поентата на глобализмот е максимално економско вмрежување во десетици економски сојузи на секоја држава.

повеќе

Социјалниот маркетинг веднаш би можел ефективно да придонесе во напорите против нееколошкото однесување во нашата земја.

повеќе

Античкиот грчки филозоф Хераклитус, кој живеел пред Сократ, Платон и Аристотел, е авторот на често користената поговорка „панта реи“ (Panta rei), односно, во превод, поедноставено: ,„сѐ тече, сѐ се менува, ништо не останува исто, нема апсолутна вистина и единствена реалност е повеќегодишно движење“.

повеќе