Собраниска седница во 13 часот

Денеска нова шанса за гласање на уставните амандмани, Касами не остапува од барањата на Беса

Собраниската седница на која треба да се донесат уставните амандмани како последна фаза од спроведувањето на Договорот од Преспа продолжува денеска во 13 часот, а според премиерот Зоран Заев сѐ уште не е обезбедено двотретинско мнозинство. 

Откако Заев постигна договор со Зијадин Села за гласовите од неговата Алијанса за Албанците, останува уште да се добијат гласовите од Беса на Билал Касами. Но, Касами синоќа во дебатата „Клик плус” на ТВ 21 кажа дека без исполнување на нивните барања, нема да гласаат за уставните измени. Условите на Беса, како што рече Касами, се да нема македонско државјанство кај Албанците и да нема заштита само за македонската дијаспора, туку заштита на дијаспората на Македонија. 

Билал Касами

Претседателот на Собранието Талат Џафери вчера попладне ја прекина седницата откако Заев ги образложи уставните амандмани за да може, како што рече, пратениците да го добијат текстот од експозето на премиерот. 

Заев пред пратениците кажа дека се загарантирани македонскиот идентитет, македонскиот јазик, Македонец, како и дека „Грција еднаш за секогаш го признава нашето право на самоопределување“. Тој им се заблагодари на СДСМ и коалицијата, ДУИ, ДПА, Беса и осумтемина независни пратеници од ВМРО-ДПМНЕ кои, според него, се конструктивна опозиција за разлика од остатокот, како и на пратеникот Панчо Минов за придонес во предлозите вградени во амандманите, на Беса на Касами и на Зијадин Села од Алијансата за Албанците.

На денешното продолжение на седницата пратениците да го утврдат предлогот на амандманите за што се потребни со 61 глас, за разлика од донесувањето и прогласувањето на амандманите за што е неопходно двотретинско мнозинство, односно 80 гласови, по што следува уставниот закон за спроведување на уставните амандмани кој исто така се носи со двотретинско мнозинство.

Пред почетокот на седницата за уставните амандмани, вчера претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски пред Собранието потврди дека пратениците од неговата партија нема да учествуваат на седницата бидејќи не сакаат да му дадат легитимитет на процесот на менување на Уставот, по што заедно со дел од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и други сопартијци се придружи на протестот пред Собранието организиран од „Македонија блокира” и „Тврдокорни”. И покрај повиците и барањата од учесниците во протестот да се обрати, Мицкоски не го стори тоа за што доби свирежи и пцовки. 

Вчерашниот протест, според првичните најави, требаше да трае до полноќ, но заврши веднаш откако спикерот Џафери ја прекина седницата и ја закажа за денеска. По ова и организаторите закажаа нов протест за денес во 12 часот.

 

 

Во дипломатијата како гранка од јавно политичкиот живот професионалните кадри треба да бидат повеќе застапени од политичките.

повеќе

Апелирам до лидерите на партиите да не им „помагаат" на кандидатите.

повеќе

Во ерата во која сите напредни земји во светот престануваат со употреба на фосилни горива, ние отвораме нови наоѓалишта, наоѓаме оправдување за исцрпување на необновливите ресурси и за активирање на најголемата глобална закана за морската биолошка разновидност.

повеќе