Десет дена пред завршување на мандатот

Денеска ќе се одлучува за писмата од притвор на Јанева - за предметите на СЈО и за оставката

Комисијата за прашањата на изборите и именувањата без дискусија со едногласна одлука го утврди предлогот до Собранието, Катица Јанева да биде разрешена од функцијата специјална јавна обвинителка поради несовесно, нестручно и незаконито раководење со институцијата Специјално јавно обвинителство. Но како што јавија дел од медиумите вчера попладнето Јанева доставила писмо од затворот за активирање на поднесената оставка од 15 јули.

До крајот на вчерашниот работен ден, до Советот на јавни обвинители дописот не беше пристигнат, но денеска, како што рече претседателот на Советот, Ацо Колевски, е можно да дојде и тие веднаш ќе ја разгледаат оставката и ќе одлучат како би постапиле.

Јанева поднесе условна оставка на 15 јули, на денот кога беше уапсен Бојан Јовановски за случајот „Рекет“, а која требаше да биде активирана кога ќе се избере нов специјален обвинител.

Праќањето на писмото е откако собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата едногласно донесе одлука на Собранието да му препорача разрешување на Јанева поради несовесно, нестручно и незаконито раководење со институцијата.

Претседателот на Комисијата, Илија Димовски изрази очекување дека наскоро ќе биде свикана пленарна седница, како и дека на собраниската седница одлуката ќе биде едногласна како што било случај и на седницата на комисијата.

Комисијата  во врска со предлогот за разрешување на специјалната обвинителка, Комисијата одлучуваше зад затворени врати, по разгледување на извештајот на Советот на јавни обвинители за разрешување на Јанева поради нестручно и несовесно работење.

Покрај Димовски, се огласи и претеникот од СДСМ, Мухамед Зекири, кој изрази надеж дека брзо ќе заврши истрагата и ќе почне судскиот процес во кој виновните ќе одговараат, а шпекулациите и маглата ќе биде расчистена.

Тој не жали што дал поддршка за СЈО, бидејќи како што рече, вината е индивидуална, а не колективна. Ако еден се огрешил од законот, истакна Зекири не може да и се суди на цела институција. Сепак, се согласува дека Јанева ги разочарала сите од кои добила поддршка вклучувајќи ги и граѓаните.

Јавното обвинителство ги чека и предметите од Специјалното јавно обвинителство, додека продолжуваат консултациите меѓу работните групи на власта и опозицијата за Законот за ЈО, со кој треба да се реши и судбината на СЈО.

Јавното обвинителство се уште го разгледува прашањето дали да ги прифати предметите на Специјалното јавно обвинителство, информираат од ЈОРМ.

Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, која е во притвор во КПУ Затвор Скопје-Скопје како осомничена за случајот „Рекет“, во средата даде полномошно сите предмети на СЈО да бидат предадени на Јавното обвинителство. Со полномошното Јанева ги овластува обвинителите во ова Јавно обвинителство да ги предадат на Јавното обвинителство предметите кои се водат во ова Јавно обвинителство и тоа: кривичните предмети во судење, во истрага и во предистрага.

Премиерот Зоран Заев вчера кажа дека предавањето на предметите од СЈО во ЈО е логична постапка. Тој оцени дека решението е да се постигне договор, според кој предметите треба да поминат во Јавното обвинителство и најави можна средба на работните групи.

„Очекувам исчекор, утре би требало да се сретнат работните групи, ако двете страни се подготвени после консултациите, за да се продолжи во изнаоѓање решение кое би требало да биде до крајот на неделата“, истакна вчера премиерот Заев.

Во Министерството за правда вчера се одржаа констултации за законот за јавно обвинителство со работната група. Министерката за правда Рената Дескоска на својот Фејсбук-профил објави фотографии, на кои се гледа дека на состанокот меѓу другите присуствувале државниот јавен обвинител Љубомир Јовески, обвинителката од СЈО Ленче Ристовска, академик Владо Камбовски и професори од Правниот факултет.

Главните разлики меѓу работните групи на власта и опозицијата за Законот за јавното обвинителство остануваат околу статусот на обвинителите од СЈО и нивните предмети кои не се во судска постапка.

Поради скратените рокови Законот за ЈО се очекува да биде донесен најдоцна до 15 септември. За да биде усвоен потребно е двотретинско мнозинство од пратениците, а неговото носење е клучно и за евроинтеграциите на земјава.

Покрај Јанева, за случајот „Рекет“ се осоничени и Бојан Јовановски – Боки 13 и Зоран Милевски – Кичеец. 

Мандатот на СЈО истекува на 15 септември. Неговиот иден статус треба да се реши со новиот закон за ЈО кој е во собраниска процедура, но за него власта и опозицијата засега не можат да се усогласат.

 

Социјалниот маркетинг веднаш би можел ефективно да придонесе во напорите против нееколошкото однесување во нашата земја.

повеќе

Античкиот грчки филозоф Хераклитус, кој живеел пред Сократ, Платон и Аристотел, е авторот на често користената поговорка „панта реи“ (Panta rei), односно, во превод, поедноставено: ,„сѐ тече, сѐ се менува, ништо не останува исто, нема апсолутна вистина и единствена реалност е повеќегодишно движење“.

повеќе

Интеграциите и буџетски субвенционираната економија и социјала се проектираните теми на кампањата на власта за претстојните избори.

повеќе