Претседателката на Општинска изборна комисија (ОИК), Сенка Андреева вели дека денеска избирачките одбори ќе посетат 66 болни и немоќни лица во нивните домови.
„Формирани се пет избирачки одбори, кои од 7 часот ги отвараат гласачките места во Казнено-поправните институции. Гласачките места во затворите ќе се затворат во 19 часот, а правото на глас можат да го исполнат 67 осуденици, кои се жители на Штип. Имаме и две лица пријавени во геријатриски домови, кои исто така ќе бидат посетени од страна на избирчаките одбори“, вели Андреева.
Во текот на вчерашниот ден право на глас го искористија 12 ковид болни и лица кои се во изолација. Општинската изборна комисија ангажираше два медицински избирачки одбори, кои со заштитна опрема и според протоколите им овозможија да гласаат во своите домови.
Вкупниот број на гласачи е 41.777, а за да бидат успешни изборите на 13 декември треба да гласаат една третина од запишаните избирачи или своето право на глас да го остварат 13.996 граѓани. Доколку не се исполни цензусот, во тој случај повторно ќе треба да се распишуваат избори за градоначалник на Штип.
Утре 77-те избирачки места се отвараат во 7, а се затвараат во 19 часот. На избирачките места ќе се прави и дезинфекција, со цел заштита на гласачите, но и на членовите на ибирачките одбори.
За градоначалник на Штип има петмина кандидати.