Собрание

Денеска до полноќ треба да се избере новата влада

Во Собранието на Македонија денеска продолжува собраниската расправа за избор на новата влада, предложена од мандатарот Зоран Заев.

Вчера во своето експозе пред пратениците, Заев се осврна на приоритетите на новата влада, со акцент на економијата и социјалната политика.

Ова е мала Влада што ќе ја предводам, посочи Заев, во која членуваат мотивирани и посветени личности, кои ќе работат на остварување на поставените цели во стратешки интерес на државата.

Во експозето за предложениот нов состав на Влада Заев им порача на кандидатите за министри дека од нив очекува одговорност, како и да ги стават интересите на граѓаните и државата на прво место.

Покажавме, што значи да се спасуваат работни места и да се одржува стабилна економија и во време на пандемија, и ова, посочи Заев, е мотив да продолжиме да работиме да се вратиме на стапките на раст, зошто можеме.

„Се обврзуваме во време на криза минималната плата да ја задржиме на 14.500 денари и да ги помагаме граѓаниете и компаниите. По завршување на кризата Владата ќе се обврзе на 20 до 30 отсто раст на минималната и просечна плата. Наша цел е  20 илјади денари минимална плата до крај на мандатот. Во зависност од траењето на светската криза, се обрзуваме да  оствариме раст од 4 посто“, рече Заев во експозето.

Најави отворање разговор и носење со консензус одлука за даночната политика. Ќе продолжиме, најави Заев, со инвестирање во нови патишта и автопати и железничка инфрастурктура.

Следува, посочи Заев, реформа на јавната администрација, со цел да даде максимум ефикасни услуги на граѓаните.

Најави дека следува целосно прочистување на судството и градење правна држава. – Судиите за кои ќе се докаже дека свесно и намерно застарувале предмети ќе бидат разрешени. Предметите на СЈО ќе мора да добијат разрешница. Воспоставуваме систем за проверка на имот на сите функциониер. Силната заложба во борбата против корупцијата е и новиот министер за борба против корупцијата, изјави Заев.

Откако влеговме во НАТО, нагласи Заев, ќе покажеме дека можеме и во ЕУ.

„Новата Влада е посветена на договорите од Преспа и со Бугарија, кои го овозможија тоа. Ќе продолжиме посветено да работиме на добрососедските односи. Ќе продолжиме и со Охридскиот рамковен договор, кој е основа на меѓуетничкиот соживот. Пред нас е период во кој како држава ќе добиме многу повеќе отколку што ќе дадеме. Се обврзуваме во следните четири години да отвориме 80 проценти од преговарачките поглавја“, изјави Заев.

Тој нагласи дека во следните месеци, веројатно последиците од ковид-19 ќе се влошат.

„Нашата земја ќе стори се и веќе сме подготвени со нови пакети и мерки за поддршка на сите граѓани. Сметајте на вашата земја и институции, но и почитувајте ги мерките за лична заштита и на своите најблиски“, изјави Заев.

Затоа, посочи тој, продолжуваат инвестициите во здравството и изградба на нов здравствен центар.

Во текот на седницата пратениците од власта и опозицијата си разменуваа тези и контратези во однос на идниот владин состав и плановите што таа ги има, а пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, Левица и коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива, како што претходно најавија нема да и дадат поддршка на владата.

За економијата, идентитетот, промената на името, достигнувањата на меѓународен план, за лозарите, но и за правата на жените говореа пратениците на вчерашната владина седница.

Потпретедателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николовски оцени дека новата влада на СДСМ и ДУИ е коалиција на лагата. Најави масовни протести на есен за нејзино уривање, оценувајќи дека оваа Влада ќе биде со најкраток мандат. СДСМ, како што рече, ветуваше коалиција без ДУИ, а ДУИ ветуваше премиер Албанец, поради што, според него, двете партии добиле дел од гласовите на изборите на 15 јули.

На собраниската расправа имаше жестока дебата и меѓу претставниците на албанскиот блок меѓу пратениците од ДУИ и Коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива.

За избор на владата е потребно просто мнозинство, односно 61 глас, а владината коалиција на СДСМ и другите партии од коалицијата „Можеме“, ДУИ и ДПА, во Собранието има парламентарно мнозинство од 62 пратеника.

Бројот на министерски места во новата влада е намален за седум и сега ќе брои 19 министри и премиер.

Програмата и предлог-составот на новата Влада, мандатрот Зоран Заев до Собранието ги достави во средата. Покрај него како премиер, членови на Владата ќе бидат и Љупчо Николовски како вицепремиер за борба против корупцијата, Фатмир Битиќи – вицепремиер за економија, Никола Димитров – вицепремиер за европски прашања, Оливер Спасовски – министер за внатрешни работи, Радмила Шекеринска – министерка за одбрана, Бојан Маричиќ – министер за правда, Благој Бочварски – министер за транспорт и врски, Венко Филипче – министер за здравство, Мила Царовска – министерка за образование и наука, Јахода Шахпаска – министерка за труд и социјална политика и Ирена Стефоска – министерка за култура.

Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство ќе го води Аријанит Хоџа од Беса, предизборниот коалициски партнер на СДСМ, а Горан Милевски од ЛДП ќе биде министер за локална самоуправа и во новата Влада.

Артан Груби од ДУИ ќе биде прв вицепремиер и министер за политички систем, Бујар Османи – министер за надворешни работи, Фатмир Бесими – министер за финансии, Крешник Бектеши останува министер за економија, а Насер Нуредини министер за животна средина. За министер за информатичко општество и администрација е предложен Јетон Шаќири.

Во предлог-програмата на новата Влада предвидено е и намалување на привилегиите на јавните функционери со цел да се спречи злоупотреба на функцијата за лични цели, намалување на буџетските трошоци и зголемување на ефикасноста во вршењето на функцијата.

Заев вчера во текот на изложувањето на експозето рече дека ќе нема компромис за министрите ако некој го прекрши законот, а ако се прекршат етичките норми очекува оставка или ќе има разрешување. Им порача на кандидатите за министри дека од нив очекува одговорност, како и да ги стават интересите на граѓаните и државата на прво место.

„Имате привилегија во вашата работа да донесете добро за нашата држава и за нашиот народ. Искористете ја. Очекувам посветена работа и целост да се вградите и да водите процеси кои носат трансформација на подобро и никогаш не заборавајте дека секој од вас е одговорен и пред граѓаните и пред законите нема толеранција за прекршување на законите или етичките норми без разлика на функцијата која ја извршувате. Со тоа немало и никогаш нема да има компромис. Ако некој го прекрши законот ќе одговара. Ако се прекршат етичките норми очекувам оставка или ќе има разрешувања“, рече Заев.

Тоа, како што рече, се однесува и на сите директори и раководители, но и на целата јавна администрација.

„Посебно да водите грижа за однесувањето на тие од вториот и третиот ешалон, раководители на сектори и одделенија, шефовите во јавните институции. Најголемите злоупотреби, неетички однос се прави токму таму“, укажа Заев.

Пратениците ќе се состанат денеска во 12 часот на продолжението на седницата, а како што најави синоќа Џафери, прв говорник треба да биде пратеникот од мнозинствто, лидерот на Демократскиот сојуз Павле Трајанов.

Предвремените парламентарни избори во Македонија се одржаа на 15 јули. Поради состојбата со коронавирусот се гласаше три дена, под строги здравствени протоколи. 

Каракачанов: На Бугаринот паметот му доаѓа следниот ден...

повеќе

При еден спор, понижувањето не е добро ниту за победникот, ниту за поразениот; ниту за „победникот“, ниту за „поразениот“.

повеќе

Стравот од неизвесноста што ја носи пандемијата од ковид-19 вирусот, бара да се преструктуираме и да го промениме начинот на нашето однесување и работење.

повеќе