„ШАРЕНА РЕВОЛУЦИЈА“

Денес се собираат донации, во Скопје нема протест, но ќе има во Струмица, Охрид, Прилеп... (ВИДЕО)

„Шарената револуција“ денеска во Скопје не најавува протест. Од 13 часот, па до крајот на работното време во „Излет“ ќе се собираат донации за подмирување на казните за демонтрантите. Истовремено, попладнето и вечерните часови ќе протестираат „шарените револуционери“ од Струмица, Радовиш, Валандово, Охрид и Прилеп.

„Во оваа борба сме сите заедно. Голем дел од нас веќе два месеци неуморно се борат во првите редови на Шарената револуција. Нашата истрајност денеска доведе до извојување на втората поголема битка, а тоа е целосно поништување на аболицијата. Секој ден сме чекор поблиску до враќањето на слободата и правдата - откажување нема! Но, оваа наша борба зема и многу жртви. Нашите пријатели, шарените командоси и други наши соборци-демонстранти, се соочуваат со прекршочни и кривични пријави за кои режимот спрема високи казни. Тоа се оружјата со кои оваа власт сака да не заплаши и запре. Ова не смееме да го дозволиме! Ако нивното оружје се стравот и казните, тогаш нашето се солидарноста и другарството! Нема да дозволиме нашите соборци сами да ги плаќаат неправедните казни. Нема да дозволиме да бидеме заплашувани на овој начин. Како што досега сложно, рамо до рамо протестиравме, така и сега сложно ќе ги платиме казните“, стои во повикот за настанот во „Излез“ на кој денеска ќе се собираат донации.

„Шарената револуција“ потенцира дека само во изминатите неколку денови само во Скопје се поднесени кривични пријави против 7 од најактивните граѓани – т.н. „шарени командоси“, за кои се очекува да добија огромни парични казни за боењето на „Порта Македонија“.

„Ве повикуваме сите заедно да го споделиме финансискиот товар со кој режимот сака да не потисне! Да донираме, секој со своите можности и преку солидарноста да им покажеме колку ќе биде тешко да не скршат!“, повикуваат од „Шарена револуција“ и „Протестирам“.

Инаку, вчера „Шарената револуција“ даде рок за исполнување на две клучни барања до 18 јуни. Односно, рекоа дека на власта и испорачуваат два итни чекора, кои се дел од планот на „шарените револуционери“ за решавање на кризата, а порачаа на власта да ги сфати многу сериозно и итно за оваа криза да не се продлабочи уште повеќе. Во спротивно, како што беше речено, граѓаните ќе ја земат демократијата и слободата во свои раце.  

Првото барање е Уставниот суд да се произнесе за уставноста на Специјалното јавно обвинителство (СЈО). Демонстрантите нагласуваат дека на работата на СЈО му се заканува и ризик да биде прогласено за неуставно. Уставен суд го окарактеризираат како партизиран и велат тој би можел да ги заштити криминалците од прогонот на правдата.

„Затоа, бараме Уставниот суд да ја отстрани оваа опасност и конечно да се произнесе за уставноста на СЈО. СЈО не смее да биде прогласено за неуставно. Правдата и борбата против криминалот се уставни категории и не смеат веќе да бидат под закана!“, соопштуваат од „Шарената револуција“ и „Протестирам“.

Второто барање е да се запре прогонот на демонстрантите. Бараат да се  ослободат сите приведени кои учествуваа во протестите од 12 април наваму и да се повлечат пријавите од МВР за сите останати демонстранти.

„Наши соборци ги држат во притвор повеќе од еден месец. Наши сограѓани и сограѓанки ги повикуваат на информативни разговори, а поднесени се кривични пријави за повеќе од 30 граѓани. Не’ приведуваат, не’ оцрнуваат, но никогаш нема да не’ заплашат. Оваа хајка мора да престане. Бараме итно ослободување на сите приведени демонстранти и запирање на сите форми на притисок врз слободните граѓани кои го искажуваат својот револт“, соопштуваат демонстрантите.

Предвиден беше уште ден, примарен чекор од планот за целосно поништување на аболицијата, но „Шарената револуција“ вели дека „очигледно е дека нашата најава на тој план влијаеше и врз режимот, кој повторно пукна, исто како и нивниот бетон“. Сметаат, ова значи дека ќе има правда, но, сепак, напоменаа дека најсоодветен и целисходен начин да за поништување на аболицијата е преку автентично толкување на Законот за помилување од Собранието на Република Македонија.

Покрај овие барања за кои испорачаа рок до 18 јуни, „Шарената револуција“ и „Протестирам“ остануваат и на останатите свои барања – оставка од актуелната влада на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ и формирање на преодна влада која докрај ќе ги спроведе итните реформски приоритети од извештајот на Прибе и ќе создаде услови за фер избори, формирање на специјално одделение во кривичниот суд, надлежно за случаите под јурисдикција на СЈО, задолжително вклучување и присуство на независни претставници на граѓанското општество во процесот на решавање на кризата, процесот на решавање на кризата да се одвива на територија на Република Македонија и оставка на Ѓорге Иванов од функцијата претседател на Република Македонија.

Со цел исполнување на барањата, „Шарената револуција“ најавува дека ја менува формата на протестите, со порадикални активности. Првиот чекор е утре на пладне, кога ќе се блокира сообраќајот во Скопје. Сметаат дека со оваа блоката ќе покажат како всушност со години изгледа нашиот систем.

Ние живееме во блокирана држава со блокиран пристап до правда, блокирани и партизирани институции. Ќе го оневозможиме движењето како што со години оваа власт го оневозможува нормалниот живот, еднаквоста и слободата на граѓаните. Затоа, ги повикуваме сите граѓани да се приклучат кон оваа блокада за да испратиме силна порака на единство и одлучност. Оваа форма на отпор е нужна бидејќи власта со месеци е глува на нашите барања. Блокада на системот е нужна за да ги спречиме и понатаму да ја блокираат правдата! Бараме разбирање и поддршка од сите наши сограѓани, бидејќи ова го правиме за подобра иднина за сите нас“, соопштуваат од „Шарена револуција“ и „Протестирам“.

Б.Ш.

Овде нема такво нешто. Има некои чинители што се занимаваат со испишување црвени линии. Не им значи ништо фактот што токму под ова гесло е овозможен најдолготрајниот мир на европскиот континент.

повеќе

Србија продолжува да го негира минатото, при што нејзините политички елити ја користат резолуцијата за да ѝ се спротивстават на Црна Гора и истовремено се надеваат дека овој потег ќе им донесе поголема популарност дома.

повеќе

„И, ако милееме ние за својата Татковина, ако во нас има барем капка македонска крв, ако во нас останала искра благороден патриотизам, овојпат треба да се впрегнеме, за да понесеме дел од тежината на едно дело и од жестокото величие на една епоха“.

повеќе