Одговор на пратеничко прашање

Дендиас: Како што е познато, во Грција не постои македонско малцинство

Грција ја поддржува европската перспектива на Република Северна Македонија, согласно условите од ЕУ, но истовремено е неопходно и целосно и сеопфатно спроведување на Договорот од Преспа, вели грчкиот министер за надворешни работи, Никос Дендиас.

Дендиас писмено одговорил на пратеничко прашање од претседателот на партијата Грчко решение, Кирјакос Велопулос за македонскиот јазик и неговото изучување во Грција, за постоењето македонско малцинство во земјата и за европската перспектива на Северна Македонија, јавува МИА од Атина.

„Нашата земја ја поддржува европската перспектива на сите земји од Западен Балкан, вклучувајќи ја и Република Северна Македонија, во согласност со поставената условеност од ЕУ. Во овој контекст, неопходно е целосно и сеопфатно спроведување на Договорот од Преспа“, одговара Дендиас и додава дека почитувањето на она што е предвидено во Договорот од Преспа „е неопходна алатка за да бараме Република Северна Македонија целосно да ги исполни своите обврски што произлегуваат од овој Договор“.

Во пратеничкото прашање, претседателот на десничарски ориентираната партија, Кирјакос Велопулос пишува дека во организација на „Македонското движење за промоција на мајчиниот јазик Крсте Мисирков” ќе се воведе пилот програма за изучување македонскиот јазик преку интернет платформа со седиште во Аридеа, еднаш неделно, во периодот од средината на октомври 2019 до јуни 2020 и го прашува шефот на грчката дипломатија дали ова „претставува прекршување на националните суверени права на Грција, бидејќи содржи елементи на иредентизам”.

 „Во однос на јазикот на северниот сосед, Договорот од Преспа забележува дека припаѓа на групата јужнословенски јазици и нема никаква врска со грчката Македонија и грчкото наследство од антиката до денес. Овие работи се однесуваат на соседната земја и нејзините граѓани. Околу тоа кои јазици се изучуваат во нашата земја е прашање регулирано со грчките закони. Во случај приватно здружение да се обиде да го предава горенаведениот јазик, ова тело, како и секое друго, треба целосно да ги почитува одредбите предвидени со важечкиот закон“, одговара Дендиас.

На прашањето на Велопулос дали министерот за надворешни работи смета дека „горенаведеното е прв чекор за зацврстување на обидите за признавање на наводно македонско малцинство во Грција”, Дендиас кусо одговара дека „како што е познато, во Грција не постои македонско малцинство“.

Интеграциите и буџетски субвенционираната економија и социјала се проектираните теми на кампањата на власта за претстојните избори.

повеќе

Третманот и плаќањето на работникот од кого зависи целиот производствен систем, треба да биде на прво место кај државата и работодавачот. 

повеќе

Дали верувате дека до ова дереџе се дојде за една ноќ, еден месец, една година? Вистината е дека години се потребни за таков пад.

повеќе