Ден на ОН: Одржливиот развој мора да стане највисок приоритет на сите

Одржливиот развој мора да биде врвен приоритет за сите, во сите наши акции и одлуки, е заклучокот од настанот организиран по повод Денот на Обединетите нации во Македонија, што се одржа во Градскиот парк во Скопје, а на кој присуствуваа претставници на државните институции, граѓанското општество, академските кругови и дипломатскиот кор.

Претседателот Стево Пендаровски во своето обраќање говореше за визијата на генерацијата, чија историска задача била да го обнови разрушениот свет по двете светски војни и преку Повелбата на Обединетите нации ги постави основите на новиот поредок и ја изрази споделената визија за мир и безбедност, развој и човекови права.

„Во текот на изминативе 76 години, Обединетите нации спречија повеќе конфликти, искоренија многу заразни болести, издигнаа милиони луѓе од сиромаштија. Универзалната декларација на човековите права и сродните меѓународни акти и конвенции го потврдија вроденото достоинство на секој човек. Корпусот на меѓународното право внесе поголема извесност во односите меѓу државите. И покрај сите успеси на ОН, живееме во свет што сѐ уште е далеку од сонот на нејзините основачи. Пандемијата на ковид-19 ги разоткри постојните системски нееднаквости и социјални неправди и дополнително ја влоши состојбата на ранливите сегменти во речиси секое општество”, рече Пендаровски.

Тој истакна дека многу од плановите за климатска акција се директно поврзани со Целите за одржлив развој, а кореспондираат и со Зелената агенда на ЕУ. Пендаровски уште укажа и на неодамна усвоената Долгорочната стратегија за климатска акција со акциски план чија цел е да постигнеме зелен, ниско јаглероден и климатски отпорен развој и рече дека со надеж гледаме на претстојниот самит за климатски промени – КОП26 во Глазгов. Освен за посветеноста на климатската акција, тој додаде дека од пресудна важност е да имаме споделена визија и за развојот на државата.

„За таа цел, уште на почетокот на мојот мандат го иницирав проектот МКД2030 како наша, автентична стратешка рамка за развој на Северна Македонија до крајот на оваа деценија. Вклучувајќи претставници на сите сегменти во општеството, преку МКД2030 ние ги поставуваме темелните долгорочни развојни приоритети. Исто така, ја поддржувам и Националната развојна стратегија 2021-2041 која како следна фаза треба да се надоврзе на МКД2030. Благодарни сме на поддршката од ОН и другите донатори за спроведување на овој единствен сеопфатен процес за долгорочно планирање. Во ова кратко време што го имаме мора да ги насочиме нашите заеднички напори за да создадеме иднина за младите тука, во Северна Македонија”, порача Пеендаровски.

Тој додаде дека последиците од одлуките што ги носи нашата генерација ќе ги чувствуваат наредните генерации и дека не смееме да носиме одлуки за младите без нивно учество.

„Затоа со УНИЦЕФ ја започнавме иницијативата ‘Преобмисли ја иднината’ со која им даваме простор на младите да се вклучат во дефинирањето на визијата за иднината што ја сакаат за себе и за идните генерации. Наша должност е да им помогнеме да бидат дел од процесите на креирање политики и носење на одлуки кои влијаат на нивната и иднината на сите нас. За да ја достигнеме таа светла иднина, ние мора истовремено да работиме на повеќе полиња. Поткрепено со нови цели и методи, преку образованието ние уште денес треба да ги градиме граѓаните на утрешнината кои ќе бидат посвесни за економските и социјални нееднаквости, кои ќе се гледаат како дел од природата, но не како нејзини господари, и кои попродуктивно и поодговорно ќе ги користат новите дигитални технологии. Мора да образуваме генерација на луѓе кои ќе го почитуваат достоинството на разликите. И уверен сум дека Обединетите нации, како една од најважните меѓународни организации, ќе има незаменлива улога во градењето на таква иднина кај нас и во светот”, рече Пендаровски.

Во специјално снимената видео изјава за одбележувањето на Денот на ОН во Македонија, премиерот Зоран Заев истакна дека основните начела на ОН – мир, просперитет и еднакви шанси за сите се вредности без рок на важност за нас и за сите идни генерации.

„Во таа смисла, нашата силна посветеност на усогласување на националните приоритети и политики со Целите за одржлив развој е доказ за нашата решеност да донесеме подолг и подобар живот на сите наши граѓани”, рече Заев.

Постојаниот координатор на ОН во Македонија, Росана Дуџак истакна дека целите за одржлив развој се заложба за подобра иднина за сите нас и дека тие не им припаѓаат на ОН, на Владата или на која било друга организација или група на луѓе.

„Целите за одржлив развој нѝ припаѓаат на сите нас. Без разлика дали нашите напори се засноваат на Агендата 2030, процесот на пристапување во ЕУ или на националните приоритети, ние во принцип работиме на истата платформа и, на крајот на краиштата, на истата цел – забрзување на одржливиот развој за доброто на сите”, изјави Дуџак.

Таа додаде дека одржливиот пристап мора да биде интегриран во секој домен од нашето свесно и несвесно делување, од изборот на храната што ја јадеме, до влијанието што го имаме врз пријателите, семејството, заедницата и нашата планета.

„Мора да разбереме дека промени се можни само ако ова го правиме заедно. Мора да ги тргнеме разликите и недоразбирањата од минатото на страна. Мора да се осигураме дека не постои поголем приоритет од одржливиот развој”, рече таа.

Дуџак ја најави повеќегодишна отворена кампања за застапување наречена „Се грижам”, чија цел е да се мобилизираат организации и личности од сите сегменти од општеството за активно да придонесат кон заедничката определба за позелена, подобра и поодржлива иднина.

Одбележувањето на 76 години од основањето на ОН е во организација на Канцеларијата на постојаниот координатор на Обединетите нации во Македонија.

Освен тоа што муралите се моќно средство за комуникација, тие можат да бидат и предмет на манипулации, па и пропаганда, подигање тензии и продлабочување на недоразбирањата во БиХ.

повеќе

Процесот на донесување на буџетот ме потсетува на една изрека на поранешниот државен секретар на трезорот на САД, Џејкоб Лу (Jacob Lew) кој вели дека „Буџетот не е само колекција на бројки, туку израз на нашите вредности и аспирации“.

повеќе

Конески со голема дарба и со рационална мисла, создаде комуникативна поезија, создаде за македонските генерации образец на читлива литература.

повеќе