ЧОВЕКОТ ШТО САКА ДА ЈА ДЕЛИ МАКЕДОНИЈА

Дејна Рорабакер, омилениот конгресмен на Путин

Проруските ставови на Дејна Рорабакер го направија отпадник. Но во Трамповиот Вашингтон тој може сосема добро да се вклопи, напиша пред два месеци Политико за американскиот конгресмен што неделава изјави дека Македонија не е држава и дека треба да се подели меѓу соседите.

Минатото лето републиканецот Дејна Рорабакер употреби една информација што ја доби директно од руската влада за да испромовира еден од врвните приоритети на претседателот Владимир Путин: отстранување на името на маченичкиот руски адвокат Сергеј Магнитски од еден глобален антикорупциски закон, вели Политико.

Повеќе независни истражувачи ги обвинија руските функционери за смртта на Магнитски, адвокатот-свиркач, кој наводно откри докази за кражба на 230 милиони долари од страна на претставници на режимот на Путин.

Во 2012 година Конгресот забрани функционерите што наводно биле вмешани во убиството на Магнитски да влегуваат во САД и да го користат нивниот банкарски систем. Сега, законодавците сакаат да го прошират законот, за да се бара одговорност и од претставниците во други земји за злосторствата од областа на човековите права.

Путин, сепак, заклучи дека Законот за Магнитски е меѓународен скандал и во знак на одмазда забрани Американците да посвојуваат руски деца. Еден соработник на Путин вмешан во случајот, исто така, почна жестока кампања за лобирање против новиот предлог-закон, барајќи од него да се отстрани името на Магнитски.

Путиновиот најголем сојузник во Конгресот е Рорабакер, 69-годишниот претседател на Поткомитетот за Европа и Евроазија, вели Политико. Поранешен борец во Студената војна, Рорабакер оттогаш се претвори во застапник за подобри односи со Путиновата Русија, од причини слични на оние што ги искажа новоизбраниот претседател Доналд Трамп. 

Навистина, симпатиите на Рорабакер кон Путин се чини дека се прелеаја кај некои од помошниците на Трамп, зашто калифорнискиот конгресмен со 14 мандати - отворен обожавател на Трамп пред изборите - се споменуваше како кандидат во сенка за државен секретар.

„Некои луѓе изгледа гледаат во мене, тоа е сè што знам“, рече Рорабакер за гласините.

Но приказната за неуморните напори на руската влада да го придобие Рорабакер и да ја добие неговата поддршка за отстранување на името на Магнитски од глобалниот антикорупциски нацрт-закон, илустрира колку длабоко влијанието на Путин се чувствува во Вашингтон во почетокот на Трамповата ера.

На едно патување во Москва, Рорабакер се сретнал со близок и доверлив соработник на Путин и ги зел документите од руските обвинители во кои се тврди дека Магнитски не бил кодош, туку крадец. Кога се вратил Вашингтон, висок помошник на Рорабакер ги придружувал анти-Магнитски лобистите на средба со други законодавци и дал сведоштво со руската верзија на настаните во официјалното конгресно досие.

Рорабакер, од своја страна, вели дека тој само сакал да се открие вистината во меѓународниот спор и да се избегне неоправданото демонизирање на Русија.

„Ме туркаат назад секогаш кога ќе побарам искрена процена на ситуацијата во која Русија се оцрнува“, изјавил тој за Политико. „Не знам од каде доаѓа сето ова, но очигледно има огромен напор да нè вратат во студената војна“.

За Рорабакер, кои често се фали дека отишол во Авганистан и заедно со авганистанските муџахедини се борел со Советите, улогата на проруски конгресмен е драматична промена. Тој беше пишувач на говорите за претседателот Роналд Реган во Белата куќа, а прочуено е неговото борење на рака со Путин во 1990 година, кога бил понизен заменик-градоначалник, во бар во Вашингтон.

Оттогаш трансформацијата на Рорабакер од борец на Студената војна до шампион на Кремљ ги збунува неговите колеги. Според самиот Рорабакер, Американците неоправдано ја разгневувале Русија, наместо да бараат заеднички ставови против поголемите закани од Кина и исламскиот тероризам. Тој светоглед го направи редовен елемент од вестите во руските државни медиуми.

„'Глупавоста ни штети на сите': Конгресменот Рорабакер вели дека носителите на одлуки во САД не знаат ништо за Русија“, одекна еден наслов во Раша тудеј.

„Рорабакер, кој доаѓа од ерата на Реган, целосно е свртен“, рече Андерс Асланд, виш соработник во Атланскиот совет, непартиска експертска група.

Минатиот април Рорабакер отпатува за Москва на официјално конгресно патување со уште четири други члена на Конгресот и двајца вработени. Рорабакер и неговиот постар помошник, Пол Берендс, приватно се сретнаа со Владимир Јакунин, близок пријател на Путин, кого американското Министерство за финансии во 2014 година го стави на црната листа за да ја казни Русија за освојувањето на Украина.

Немаше ништо нелегално во разговарањето со Јакунин, но другите од делегацијата се држеа понастрана. На овој состанок, една од темите за кои дискутирале Јакунин, Рорабакер и Берендс, според Рорабакер, била и аферата Магнитски.

Подоцна истиот ден, Рорабакер се вратил кај остатокот од делегацијата за да се сретне со Константин Косачев, претседател на Комитетот за меѓународни прашања во Советот на Федерацијата (руски пандан на Сенатот). На тој состанок, Косачев му рекол на Рорабакер да се консултира со руските обвинители во врска со аферата Магнитски. Рорабакер го послушал и добил документ што ја побива приказната за Магнитски, рекол Рорабакер за Политико.

„Косачев ме праша дали би ја зел информацијата од обвинителите и дали би разгледал што велат тие за овој конкретен случај“, рече тој.

Во документот, кој бил обележан со „доверливо“, Магнитски и неговиот работодавец, роден Американец, инвеститор по име Бил Браудер, се обвинуваат дека организирале даночна измама. Во писмото се посочува дека ако повеќе членови на Конгресот го следат примерот на Рорабакер и ја преиспитаат приказната за Магнитски, Русија ќе ја повлече забраната за американските посвојувања.

Во документот се посочувало на докази во еден судски процес во Њујорк, кога во 2013 година федералните обвинители обвиниле руска холдинг-компанија за перење на 14 милиони долари украдени во мрежата што ја откри Магнитски. Сопственикот на компанијата, Денис Катсив, во февруари со двајца други Руси основал непрофитна организација во Делавер и ангажирале лобист по име Ринат Акметшин. Акметшин ја посетил канцеларијата на Рорабакер во мај, на денот пред Комисијата за надворешни работи при Претставничкиот дом да го разгледува новиот глобален предлог-закон за човекови права именуван по Магнитски.

Берендс, помошникот на Рорабакер што патувал со него во Москва, го шетал Акметшин низ канцелариите во Конгресот, а многу е невообичаено еден вработен да шета наоколу лобист, особено некој што лобира за туѓи интереси, рекле за Политико сегашни и поранешни вработени во Конгресот. Берендс одбил да коментира.

На 18 мај Рорабакер предложил амандман да се отстрани името на Магнитски и ја понудил руската верзија што ја добил во Москва.

И покрај инсистирањето на Рорабакер, Комисијата гласаше против неговиот амандман и го одобри нацрт-законот, но кампањата за лобирање продолжи и понатаму.

Во Вашингтон тоа беше знак дека проруските интереси стануваат сè поагресивни, истата година кога американски разузнавачки функционери ја обвинија Русија за мешање во претседателските избори. По победата на Трамп, нема да биде лесно да се маргинализираат руските обиди за влијание, вели Политико.

„Русите никогаш не се откажуваат ако нешто навистина им пречи, а Магнитски очигледно навистина им пречи и тие не сакаат дополнително внимание кон тоа“, вели Вилијам Померанз, заменик-директор на Кенан-институтот за напредни руски студии во Вудроу Вилсон Центарот. „Само сè уште не знаеме колку републиканците се спремни да ѝ се спротивставуваат на политиката на Трамп за Русија“.

Без оглед дали сте поддржувач или противник на претходната власт, не можете да оспорите дека таа постави сосема нови стандарди во поглед на мерките, напорите и вложувањата за да се привлечат странски инвестиции, за наши услови. 

повеќе

Ако лидерите на двете најмоќни земји во светот – САД и Кина имаат суштински разлики во начинот на кој тие гледаат на меѓународните односи, какви се изгледите за глобално зајакнување на соработката?

повеќе

Најновите случувања на релација политичка власт-граѓански сектор, повторно го отвораат прашањето за односите помеѓу овие два сегмента на општествениот живот.

повеќе