Дебатата за францускиот предлог продолжува во Собранието, а надвор протестите

Расправа за францускиот предлог во Собранието продолжува денеска, откако претседателот Талат Џафери ја прекина вчера доцна попладне и продолжението го закажа за 11 часот, за кога е закажан и протестот пред собраниската зграда.

На собраниската расправа за збор се пријавени вкупно 42 пратеници од кои неколкумина говореа вчера.

Во Собранието каде што на 81-та седница единствена точка е Информацијата за предлог-преговарачката рамка, пратениците нема да гласаат „за“ или „против“ францускиот предлог, туку за заклучоци со кои на Владата ѝ се дава насока и се задолжува за што може, а за што не може да преговара во процесот на интеграција во ЕУ.

Вчера во тензична атмосфера со довикувања и свирежи од опозициските пратеници, се обрати и премиерот Димитар Ковачевски кој порача дека ова е историска седница. Пред пратениците објаснуваше дека го отфрлил првичниот предлог на Европската комисија, кој бил „збир на идеи“, но не бил официјален и формален предлог и затоа не бил прифатлив за граѓаните на Македонија.

„Реков НЕ, бидејќи тој сет на идеи не гарантираше статус на македонскиот јазик во преговорите. Основата не беше добра. Ние инсистираме дека никој не може, нема право и нема да преговара за македонскиот јазик, неговиот посебен историски, културен идентитет и приватност, во секое време и од која било причина“, додаде тој.

Тој им предложи на пратениците да го прифатат ревидираниот предлог и „да продолжат понатаму“, со заштитено минато, стабилна сегашност и подобра иднина.

„Ова го правам не затоа што морам, не затоа што е лесно, туку затоа што силно верувам во исправноста. Сакаме да се бориме за себе на вистински начин. Бидете сигурни во себе и во вашиот идентитет, без компромиси, секогаш и на сите времиња, како дел од обединета Европа и дел од мирен и напреден регион“, рече Ковачевски. И додаде дека „тоа е тоа што го баравме. Нашата национална ДНК, македонскиот јазик, да биде службен и единствено официјален јазик“.

Опозициските пратеници, пак, со вувузели и свирки правеа бука за да не може да се чуе што говори премиерот и држеа транспаренти „предавници на народот“, „јазикот и идентитетот“, „народот вели не, свестете се“. Тие порачаа дека нема да дозволат „да се отвори Уставот и да се промени“ и обвинија дека со понудениот предлог се задира во јазикот, идентитетот и историјата и се прави „бугаризација“. Дел од нив го искинаа и запалија францускиот предлог.

„Доста си игравте со Македонија. Слушнете го гласот на народот. Зошто и го прават ова на државата и народот и државата кога знаат дека почеток за преговори нема да има. Дојдоа со агенда за живот и економија, а се занимаваат со продажба на најсветото. Совет за премиерот, прво народот те плаќа да го браниш неговите интереси, а не да ги распродаваш, а второ, ќе скапеш во затвор. Имате време да кажете не, на вас останува“, рече пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки.

Пратениците од власта пак возвратија дека паднале во вода сите лаги и манипулации на ВМРО-ДПМНЕ и партијата треба да им се извини на граѓаните за ширењето „лаги и небулози“.

„Вистината е една, македонскиот јазик е чист, преку тоа и македонскиот идентитет, но вие и понатаму продолжувате да ги нарушувате меѓучовечките односи, да иницирате меѓуетнички тензии, затоа што само тоа го знаете. Вашиот партнер е Левица и ова сценарио веќе сме го виделе на 27 април, кога на ист ваков начин лажевте за кантонизација и федерализација. На крај, ќе ви кажам дека сте кукавици, бидејќи манипулирате со 18-годишни момчиња, исто како што манипулиравте на 27 април сé со цел да остварите некој политички поен“, изјави Дарко Каевски од СДСМ.

Претходно во Собранието се обрати претседателката на ЕК Урсула фон дер Лајен која ја повика земјава да го прифати предлогот, уверувајќи дека нема сомнеж за јазикот ниту за историјата која не е услов за напредување во преговорите.

„Вашата држава е кандидат да стане земја членка на ЕУ од 2005 година, а многумина од вас овде и многу други кои се отсутни, работевте напорно да станете членка на ЕУ, но сега сите мора да го свртиме погледот напред и мора да ја искористиме можноста пред нас да ги започнеме пристапните преговори и да работиме заедно на патот што ве води кон ЕУ“, рече таа.

 

Одлучната изборна победа на италијанската десница овозможува нејзиниот лидер да биде првата жена премиер во Италија и прва која тврди дека недвосмислено има постфашистичко потекло.

повеќе

Нов фронт за работа на градежните фирми на веќе изградените згради (и куќи) треба да биде топлинската изолација.

повеќе

Во Македонија не постои никаква забрана за конверзиона терапија, а лиценцираните психолози што може да се јават како спроведувачи или наведувачи на ваква „терапија“, за жал, не сносат никакви последици.

повеќе