Во заклучоците за проширувањето на ЕУ во делот за Македонија се поздравува напредокот во владеењето на правото во нашата држава.
„Советот го поздравува тоа што е постигнат напредок во областа на владеењето на правото, вклучително и борбата против корупцијата и организираниот криминал, како и посветеноста на владата да го одржи и забрза спроведувањето на реформите поврзани со ЕУ. Одржливоста на овие структурни реформи е долгорочен процес, кој бара континуиран ангажман и од власта и од опозицијата. Советот ги охрабрува сите страни да продолжат да го продлабочуваат моменталниот реформски моментум и да го подобруваат конструктивниот дијалог“, пишува во заклучоците.
Исто така се препорачува државните институции да ги почитуваат препораките на Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) и да се продолжи со реформите за кои е потребен ангажман и од власта, но и од опозицијата.
Во однос на борбата против корупцијата, пак, се нотира оти се забележани напори во таа насока, вклучително и со случаи на корупција на високо ниво.
Во областа на правосудството, Советот на ЕУ го поздравува тоа што е постигнат одреден напредок во имплементацијата на стратегијата за реформи во правосудството, со што дополнително се адресираат препораките од Венецијанската комисија и Групата на високи експерти за системски прашања за владеење на правото. Советот нагласува дека фокусот треба да биде ставен на континуирана имплементација на постоечките стратегии и закони и користење на алатките, кои се веќе поставени, во согласност со стандардите на ЕУ. Независноста, професионалноста и непристрасноста на судскиот систем треба да се обезбедат, надградувајќи го веќе постигнатиот напредок.
Во заклучоците од Советот нотиран е и одреден напредок во јавната администрација, за што исто така се нагласува оти е од суштинска важност да се запазат принципите на транспарентност и правична застапеност, вклучително и преку подобрување и имплементација на законските рамки.
Во однос на економските реформи, пак, Советот ја охрабрува земјава да продолжи да ги исполнува барањата на внатрешниот пазар на ЕУ и да се справува со конкурентскиот притисок и пазарните сили во Унијата. Исто така, оттаму охрабруваат да се имплементираат политиките утврдени во заклучоците од економскиот и финансискиот дијалог.
Во однос на разузнавачките и безбедносните служби, пак, Советот на ЕУ констатира дека е спроведена сеопфатна реформа во соработка со НАТО и партнерите, но порачува и дека треба да се зајакне парламентарниот надзор над овие служби.
Советот на ЕУ се осврнува и на локалните избори кои се одржаа во октомври за кои констатира дека, според ОБСЕ/ОДИХР, биле конкурентни и се почитувале основните слободи и права, меѓутоа се посочува и дека има бројни недостатоци во правната регулатива поради што е потребно да се преиспитаат законите кои се однесуваат на изборите.
Во однос на пописот, пак, се поздравува тоа што тој бил завршен и се нагласува оти се очекува резултатите да бидат објавени во наредните месеци.
Во делот за добрососедските односи во заклучоците, Советот нагласува дека добрососедските односи и регионалната соработка остануваат меѓу суштинските елементи важни за процесот на проширување, како и за процесот за стабилизација и асоцијација.
Исто така, Советот посетува и дека е важно да се постигнат опипливи резултати и со спроведувањето на билатералните договори, вклучително и Договорот од Преспа со Грција и Договорот за добрососедски односи со Бугарија.