Според министерката, процесот на деинституционализација како дел од социјалната реформа, продолжува успешно да се спроведува. Трансформацијата на грижата на децата без родители и родителска грижа и лицата со попреченост во форми на згрижување, како згрижувачки семејства, групни домови и живеење со поддршка во заедницата, вели Шахпаска, секојдневно ја потврдува својата успешност.
„Лицата со попреченост најмногу од се бараат еднаквост, самостојно живеење и функционирање во општеството и затоа врвен приоритет на Министерството за труд и социјална политика и на Владата е нивната инклузијата во сите општествени текови“, вели Шахпаска.
По повод 3 Декември – Меѓународниот ден на лицата со попреченост, три проекти на Министерството за труд и социјална политика, проектот „Поддршка на модернизацијата и деинституционализацијата на социјалните услуги", проектот „Поддржување на процесот на преселба на лицата со интелектуална попреченост од институцијата во Демир Капија во станбени единици за поддржано живеење – ОАСИС" и проектот „Добивање живот – Деинституционализација на корисниците на Специјалниот завод Демир Капија – ПИН" финансирани од Европската Унија, кои во моментов го поддржуваат воспоставувањето на социјални услуги во заедницата и спроведувањето на Националната стратегија за деинституционализација, заедно ја спроведуваат кампањата за подигање на јавната свест „Ставете нѐ на вашиот ѕид".