Остра реакција од поранешниот претседател на СДСМ и на Македонија

Црвенковски: Скандалозното интервју на Заев ќе предизвика тешки последици, барам итна седница на ЦО, го замрзнувам членството

По долго време молчење и неизнесување лични ставови, поранешниот претседател на Македонија и поранешен долгогодишен лидер на СДСМ Бранко Црвенковски упати јавно обраќање во кое изразува остро несогласување со ставовите на Зоран Заев и побара највисоките партиски органи да расправаат и да донесат свој суд. Во меѓувреме, го замрзна своето членство во СДСМ.

Фото: ЕПА

Изјавата на Црвенковски ја објавуваме во целост:

„Почитувани сопартијци,

Во изминативе 7 години се решив да не бидам на каков било начин присутен во политичката јавност во Македонија. За таквото однесување имав повеќе причини, а во оваа прилика ќе ги споменам двете најголеми. Додека СДСМ беше во опозиција и водеше тешка битка со режимот, не сакав на ниеден начин да давам дополнителен повод за напади кон раководството на СДСМ, дека се мои марионети или дека спроведуваат политики под мое влијание. Сакав партијата да биде ослободена од какво било бреме од претходните владеења на СДСМ со државата. Во периодот по формирањето на Владата на чело со СДСМ, не излегов во јавност за да не се доведам во ситуација да се конфронтирам или јавно да критикувам некои политики и постапки на мојата партија. А такви ситуации имаше во повеќе наврати.

Таквиот мој став ќе продолжеше и во иднина ако не се случеше скандалозното интервју на Премиерот и Претседател на нашата партија Зоран Заев. Ставовите и тезите искажани во тоа интервју предизвикаа и ќе предизвикуваат тешки и долгорочни последици за македонскиот народ и македонската држава. Направена е огромна и непоправлива штета. Она што може и мора да се направи е да се стави јасно на знаење дека ставовите на Заев не се ниту ставови на целата влада, ниту на целиот државен врв.

Се обраќам до вас, почитувани сопартијци, за да ви укажам на посебната одговорност што ја има нашата партија. Зоран Заев е претседател на СДСМ и наша е задачата да ја намалиме штетата колку што е можно повеќе. Ако нема никаква реакција, ставовите на Заев ќе станат ставови застапувани од целиот СДСМ, а бидете убедени, тоа ќе има катастрофални последици врз партијата и, што е уште полошо, врз државата. Реакциите на одделни видни членови во медиумите и на социјалните мрежи се добредојдени, но не и доволни.

Затоа, почитувани мои сопартијци, повикувам итно да се свика Централниот одбор на партијата и на таа седница да се донесе заклучок дека искажаните ставови на Заев не се ставови ниту на ЦО, ниту на СДСМ во целина. Да се реафирмираат уште еднаш ставовите на СДСМ за македонскиот национален идентитет, македонскиот јазик, македонската историја, карактерот на антифашистичката борба и АСНОМ. Почитувањето и спроведувањето на таквите заклучоци да биде задолжително и без релативизирање за секој член на раководството на партијата и секој државен функционер предложен од СДСМ.

Почитувани сопартијци, до одржувањето на таква седница на ЦО, јас, Бранко Црвенковски, основач и долгогодишен претседател на СДСМ, го замрзнувам моето членство во Социјалдемократскиот сојуз на Македонија.

Со другарски поздрав.“

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Структурното насилство кон трансродовите и родово небинарните луѓе е препрека во нивното реализирање како полноправни членови на општеството.

повеќе

И сега вие замислете, на едно детенце од 6 години да му кажувате со авторитет на наставник дека не треба да се дефинира како машко или женско.

повеќе

Засега СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ и нивните заеднички алтер-фабрикати не даваат впечаток дека го разбираат новосоздадениот замаец.

повеќе