Претходно повторно се случи инцидент, откако Илија Димовски, пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ му ја извади картичката на претседателот на Собранието Талат Џафери. Пред ова, пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Зоран Илиоски побара пауза од еден час, а доби пауза од 10 минути.
Димовски од собраниската говорница рече дека не сака да се предизвикуваат немили настани во собраниската сала, но дека и за љубов и за кавга се потребни двајца.
Се замеша и обезбедувањето да ја чува картичката на претседателот на Собранието Џафери, а околу собраниската говорница повторно се собраа пратениците на опозицијата. „Секој ден ни викаш полиција. Ова е окупација на парламентот. Ова го нема нигде. Македонскиот народ го гледа ова“, извикуваше пред насобраните пратеници Влатко Ѓорчев.
Џафери даде пауза од еден час.
И денешната собраниска расправа помина во реплики и контрареплики на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ.
Предлогот за разрешување на Зврлевски е поднесен од Владата поради, како што се наведува во образложението, незаконито, ненавремено и недоволно стручно вршење на функцијата.
Барањето на Владата за пратениците на ВМРО-ДПМНЕ е неосновано и неаргументирано.
Собранието утре напладне ќе ја продолжи расправата за разрешување на државниот јавен обвинител Марко Зврлевски.