Чулев во Куманово: Инсистирам полицајците да бидат построги во спроведување на мерките на Владата

Министерот за внатрешни работи Наќе Чулев денеска го посети СВР Куманово каде што од раководството бил информиран за активностите кои се преземаат на територијата на Куманово, насочени кон справување со коронавирусот. Токму таму Чулев ја потврди информацијата за полицаецот од Куманово кој што почина од ковид-19.

„Вчера во Куманово на 52-годишна возраст почина И.С., вработен во МВР како полициски службеник на граничниот премин Белановце.  Според информациите кои ги добив од колегите, станува збор за лице кај кое во изминатиов период е детектирано присуство на коронавирусот.  Во оваа прилика сакам во мое име и во име на МВР да упатам најдлабоко сочувство за загубата пред сѐ до неговото семејството, а  истовремено да искажам и почит кон неговата работа и дело, истакнувајќи дека сите ние во Министерството изгубивме почитуван колега, пријател и вработен кој несебично даваше активен придонес во справување со секојдневните предизвици“, рече Чулев.

Според него, во вакви времиња кога државата и граѓаните секојдневно се соочени со предизвикот да го заштитат својот живот и животот на своите најблиски, полициските службеници се тие кои по медицинскиот персонал имаат најголема одговорност. 

„Токму затоа во изминатиот период во скоро секое мое обраќање во јавноста апелирав до граѓаните да се воздржат од непотребни излегувања, а како министер за внатрешни работи ги преземав сите неопходно мерки и активности за обезбедување соодветна опрема и заштита на полициските службеници, но и сите останати вработени во Министерството за внатрешни работи“, изјави Чулев.

Тој апелираше до сите оние кои на кој било начин не ја почитувале мерката за ограничување на движењето сериозно да ја сфатат опасноста со која се соочуваме и да ги почитуваат овие препораки затоа што само на тој начин ќе го заштитат своето здравје, а со тоа ќе дадат активен придонес за заштита на колективното здравје на сите нас.

„Основна задача и прироритет на МВР во овој период е заштита на животот и здравјето на граѓаните, а имајќи ги предвид последните податоци кои покажуваат зголемен број на лица кај кои е потврдено присуство на коронавирусот, но и бројката на починати лица, сакам да нагласам дека како министер за внатрешни работи инсистирам полициските службеници да постапуваат поригорозно во преземањето на активностите со кои го гарантираат соодветното спроведување на мерките и одлуките на Владата, а со тоа уште еднаш ќе ја потврдиме нашата заложба дека здравјето и животот на граѓаните се најважни“, рече Чулев. 

 

Доколку нешто радикално не се промени, не можеме да очекуваме дека нашата економија брзо ќе се нормализира и ќе излезе од сегашната криза.

повеќе

Како да разликуваш дали „Македонец” означува етничка припадност или државјанство? Според потребата на моментот!

повеќе