Прес-конференција на ВМРО-ДПМНЕ

Чулев: Вчера е сторено кривично дело - несовесно вршење на службата, треба да одговара и Спасовски

На вчерашниот уредно најавен протест со позната рута на движење, Оливер Спасовски и неговите партиски пулени, исклучиво раководејќи се од партиски интереси и желба за зачувување на власта по секоја цена, дозволија да се случи сериозен безбедносен инцидент кога лесно можеше да се случи да се изгубат и човечки невини животи, со последици по безбедноста и стабилноста на државата, изјави Наќе Чулев од ВМРО-ДПМНЕ поранешен технички министер за внатрешни работи. Несовесното вршење на службата е кривично дело, нагласи Чулев.

Чулев рече дека МВР е должна да изготви оперативен план каде ќе предвиди мерки и активности за физичко, оперативно и сообраќајно обезбедување на протестот.

„Оливер Спасовски, како министер за внатрешни работи, е должен секогаш кога има протест, освен одржување на јавниот ред и мир и заштита на виталните државни објекти, да организира и обезбеди непречено одржување на протестот и заштита на безбедноста и животот на учесниците во протестот. Оперативното планирање се врши врз основа на безбедносна проценка која вклучува безбедносни ризици вклучително и безбедносен ризик за учесниците на протестот. Притоа, се утврдуваат и сектори односно критични безбедносни точки каде што би можело да дојде до сериозни безбедносни инциденти односно нарушување на јавниот ред и мир“, нагласи Чулев.

Тој рече дека согласно безбедносната проценка и оперативниот план се предвидува и соодветен распоред на полициските сили и средства и мерки и активности кои треба да се преземат.

„Речиси секогаш во досегашните оперативни планови секторот 'Мавровка' односно плоштадот 'Скендербег' е идентификуван како критична безбедносна точка. Но, за време на вчерашниот инцидент, од причини познати на министерот, на оваа локација, каде е неопходно дури и висинско обезбедување, видливи беа само тројца позорникари. Ова значи дека целосно е потфрлено во физичкото обезбедување со непредвидување на доволен број на полициски сили и соодветни материјално-технички средства.

Дополнително, од професионално неразбирливи причини, мистериозно затаило и оперативното обезбедување, во насока на благовремено информирање за групирање на лица со намера за попречување на протестот и загрозување на јавниот ред и мир и односно загрозување на безбедноста односно животот на протестантите“, рече Чулев.

Тој оцени дека министерот Спасовски воопшто не водел грижа за безбедноста на граѓаните учесници во протестот, поради што и се случило да дојде до сериозно нарушување на јавниот ред и мир, до предизвикување на општа опасност, како и други сторени кривично-правни дејствија.

„На овој начин, од страна на партиските послушници на Оливер Спасовски, е сторено кривично дело несовесно вршење на служба. Должност и задача на министерот и неговите соработници е да ја заштитат безбедноста на учесниците на протестот, а тие очигледно тоа не го направиле загрозувајќи го нивниот живот.

Инфилтрирани провокатори, провокативни легитимирања, уцени, закани, прекумерна употреба на брутална сила, непреземања на должни дејствија и друго е само дел од modusot operandi на овој хибриден режим во насока на модерирање на гневот на граѓаните особено на младите протестанти и предизвикување на инциденти и ескалација на протестот со крајна цел дискредитација и угушување на сенародниот граѓански протест“, рече Чулев.

Тој посебно потенцира дека Спасовски треба кривично да одговара и самиот да си поднесе оставка. Чулев рече дека оставка треба да си поднесе и министерот за надворешни работи Бујар Османи зашто повикувал и се заканил со етнички инциденти доколку „не помине предлогот со кој Македонија ќе се асимилира и бугаризира“.

Чулев потоа, како поранешен министер за внатрешни работи и разузнавач испрати порака до полициските службеници и припадниците на безбедносните служби:

„Почитувани колеги, знам дека овие денови сте предмет на енормни политички притисоци. Знам дека најголем дел од вас се патриоти кои душа ги боли за Македонија. Знам дека многумина од вас сте подложни на континуиран мобинг, дискриминација, дисциплински постапки, суспензии, осветнички наредби за прераспоредување. Судбина која заеднички ја споделуваме, меѓутоа достоинството и слободата немаат цена. Мојата порака да вас е бидете истрајни и силни и продолжете чесно, достоинствено и професионално согласно законот да ги вршите вашите обврски и не дозволувајте по никоја цена партиски директиви да бидат основа за ваше постапување. Сѐ е минливо. Се ближи денот кога оваа хибридна власт ќе падне. А, по падот на оваа ненародна власт повторно ќе се врати системот на кариера, ќе се почитува професионализмот и ќе се наградуваат најдобрите. А, сите вие кои сте неправедно дискриминирани верувајте ќе го добиете заслуженото место“.

Минатата недела во јавноста се актуелизираше дискусијата за концептот на даночната реформа.

повеќе

Војната во Украина ја разоткри вистината за Русија, но и вистината за Европа. 

повеќе

Несанкционирањето на овој говор доведува до повторување, ширење и злоупотреба на овие аномалии како еден вид „нормализиран“ начин во политичката борба против поединци и групи со различни мислења.

повеќе