Интервју

Чулев: Од работењето на Спасовски во МВР, последиците ќе треба долго време да се санираат

Документите што ми беа презентирани по моето доаѓање покажуваа дека не само што не е направена професионализација на полицијата, туку во одредени сегменти од работењето на МВР е направена апсолутна партизација. Информациите што стигнуваат до мене укажуваат дека одредени структури во МВР и до денес добиваат задачи од Оливер Спасовски, дека заврши времето на партизација и доаѓа времето на професионализација на МВР, вели во интервјуто за МКД.мк техничкиот министер за внатрешни работи Наќе Чулев.

Целиот свој работен век сте професионалец во својот дел од работата во безбедноста. Сега наеднаш сосема неочекувано влеговте во политика. Што беше пресудно да ја прифатите понудата за технички министер за внатрешни работи?

- За мене позицијата министер за внатрешни работи пред сѐ е голема чест, но и одговорност. Јас сум човек што е воспитуван и живеел со верувањето дека работењето за граѓаните и сопствената држава во исклучителни тешки времиња е чест, а наша обврска е да ја ослободиме државата од хибридниот режим што владее со неа. За мене искреноста кон народот е највисоко ниво на почитување кон него.

Сепак, предлогот е партиски. Како ќе се справите со оваа наша сеопшта партиска поделеност на општеството?

- Кога прифатив да бидам министер за внатрешни работи, повеќе од сигурен бев дека секојдневно ќе треба да се соочувам со фактот дека од другата страна на масата седат луѓе со кои делиме различни политички вредности, но и различна перцепција за тоа што значи одговорно и чесно работење. За нив одговорно работење е да ѝ служиш на партијата, а за мене чесно е да служиш на сите граѓани.

Мојот стил на работа се опишува со неколку збора: јас сум човек професионалец, не сум политичар. Работењето во согласност со законите за мене е врвен императив.

Наќе Чулев е чесен и човек од збор, човек со интегритет кој не сака да ги лаже граѓаните, туку напротив сака искрено и отворено да разговара со нив и да ги погледне во очи. Проблеми има, но заеднички треба да работиме на нивно решавање.

На оваа позиција сум дојден по предлог на ВМРО-ДПМНЕ, но за мене сите граѓани и вработени во МВР се подеднакво исти, без разлика на нивните национални, верски или политички убедувања.

Дали има решение за кризата со лични документи и пасошите, кои директно влијаат на овозможување на фер и демократски избори?

- Вината за хаосот во кој се наоѓа Министерството за внатрешни работи и нашата држава лежи во Оливер Спасовски и тој е виновен што до сега не е најдено издржано привремено решение за овој проблем.

Во неколку наврати напоменав, сега пак ќе потенцирам дека три дена по моето доаѓање во Министерството за внатрешни работи бев информиран дека во оваа институција има сериозен проблем со недостаток на обрасци за лични документи. Да бидам искрен, оваа информација ме изненади затоа што со тоа беше доведена во прашање една од клучните функции на Министерството за внатрешни работи, а беше загрозено и одржувањето на претстојните парламентарни избори.

Сите информации, тогаш и сега говорат дека ова е проблем што свесно или несвесно е креиран од страна на Оливер Спасовски. Фактите што ги презентиравме во јавноста покажуваат дека Министерството за внатрешни работи не само што лошо ги планирало залихите на обрасци за патни исправи и останати лични документи, туку и подолго време не успеало да најде долгорочно решение за набавка на обрасци за патни исправи, како што барала Владата, односно постојано се наоѓале ад-хок решенија кои произлегувале од крајно дискутабилни и сомнителни тендерски постапки.

Кое е решението?

- Од моето доаѓање во МВР, па сѐ до денес, секојдневно јас и колегите правиме лични и натчовечки напори за наоѓање решенија за овој проблем. Граѓаните веќе знаат дека во делот на обрасците за лични карти и возачки дозволи проблемот е надминат, додека за пасошите тој сѐ уште постои. Веќе неколку дена во МВР функционира комисија која ги разгледува барањата на граѓаните, а која претставува едно привремено решение на проблемот до пристигнување на нова пратка обрасци.

Во меѓувреме неколку пати разговарав со дополнителниот технички министер во МВР, но и со техничкиот премиер Оливер Спасовски, а дополнително испратив и информација до Владата со предлог заклучоци обидувајќи се да најдеме решение. За жал, Спасовски не само што го креираше овој проблем, туку тој ги кочи сите мои иницијативи и предлози за негово надминување.

Отворивте уште една неразјаснета ситуација, а тоа е проблемот со набавката на чизмите. Тендерот е почнат уште во време кога министерка беше Гордана Јанкуловска, а одговорен за набавките и тогаш беше Ѓоко Поповски?

- Документацијата поврзана со овој тендер е основа за сомневања дека целосната постапка е спротивно од одредбите на Законот за јавни набавки од аспект на тоа дека испораката е направена по истекот на договорот во услови на истечена банкарска гаранција, анексот на договорот е склучен по испораката на чизмите и ред други работи. Сите овие аргументи што ги откри внатрешната истрага и документите со кои таа е поткрепена покажуваат дека во оваа постапка прекршувањата на законот се направени со потпис и согласност на Оливер Спасовски.

Тендерот за набавка на полициските чизми, односно договорот кој е склучен врз основа на тој тендер е само уште еден доказ дека претходниот министер, Оливер Спасовски грубо ги кршел процедурите и законите во Министерството за внатрешни работи. Факт е дека тендерот е почнат во периодот кога со министерството раководела Гордана Јанкулоска, но и уште поважен факт е дека чизмите се испорачaни една година по нивниот рок за испорака, односно по насока и во време на Оливер Спасовски. Во меѓувреме стручните служби и надворешните лаборатории констатирале дека чизмите кои треба да се испорачаат сериозно отстапуваат по неколку критериуми од тие кои МВР ги барало со техничка спецификација, а вработените во министерството биле едногласни дека овој договор треба да биде раскинат и да биде спроведена нова постапка за јавна набавка. Во таа фаза најблиските соработници му сугерираат на Спасовски дека „не треба слепо да се верува на Законот за јавни набавки”, со што тој се согласува и таа негова согласност е основа за испорака на полициските чизми.

Како влијаат владините одлуки за поништување на вашите решенија, како тоа се одразува на секојдневната работа?

- Последните одлуки за поништување на решенијата и наредбите за распоредување на вработените во МВР пред сѐ сериозно удрија на моралот на полициските службеници, а потоа претставуваат грубо мешање на Владата во автономијата на министерството. Законот за влада јасно вели дека владата со одлука може да поништи пропис или акт на министерството, кој не е во согласност со Уставот и законот, а не може да се поништи конкретно решение за распоредување на работникот.

Ваквите одлуки на Владата предводена од Оливер Спасовски сериозно удрија по честа и достоинството на вработените во МВР и мојот впечаток е дека тенденциозно Владата се обиде да го скрши моралот кај нив, а и да создаде хаос во оваа институција со што ќе придонесе за дефокус од решавањето на секојдневните проблеми кои Спасовски ги оставил во МВР.

За мене како министер најважно е да се стави ред во работењето на МВР сѐ со цел оваа институција да биде подготвена за обезбедување фер и мирни избори. За жал, наводите што изминатиот период од моја страна беа презентирани во јавноста покажаа сериозна негрижа за вработените од страна на Спасовски.

Според ова што го велите, тогаш досега требаше да поднесете пријава против Спасовски за сторено кривично дело несовесно работење”?

- Како човек кој веќе еден месец е на оваа позиција морам да констатирам дека работењето на Спасовски во МВР направило сериозен хаос и неред во Министерството. Од оваа временска дистанца има впечаток како да поминал еден лош ураган чии последици ќе треба долго време да се средуваат и санираат.

Фактите и аргументите што ги презентирав изминатиот период и информациите со кои располагаме, а кои во следниот период ќе ги презентираме за јавноста, говорат за низа злоупотреби направени од страна на Оливер Спасовски.

Внатрешните истраги што беа спроведени во МВР јасно покажуваат дека изминатиот период често се кршел законот и тоа се правело од страна на Оливер Спасовски, но и од луѓе што се блиски до него.

Во овој момент не би сакал да прејудицирам дали има елементи за одредено кривично дело, таа работа ќе ја оставам на јавното обвинителство. Но, јавно ќе ја повикам оваа институција да ги разгледа и да постапи по известувањата што од страна на МВР беа доставени изминатиот период.

Дали го екипиравте кабинетот?

- Луѓето во мојот кабинет се само еден дел од професионалците во МВР со кои секојдневно работам, соработувам и имам комуникација. Да бидам искрен за мене е вистинско задоволство што во институцијата со која раководам има една голема бројка на исклучително чесни, посветени и професионални луѓе со кои секој човек би сакал да соработува.

Кабинетот на министерот е предимензиониран и јас во иднина значително ќе го намалам бројот на советниците на министерот, заменик министерот и директорот на Бирото за јавна безбедност, на сметка на откривачката и оперативна функција на министерството. Од тие причини оваа организациска единица во МВР не ја пополнив во целост.

Резултатите од мојата работа и од работата на кабинетот ќе оставам да ја оценува јавноста. Помеѓу нив има и припадници на други етнички заедници, но сите тие се професионалци кои се таму поради искуството и знаењето кое го имаат во областа која ја работат, а не поради какви било политички или партиски причини.

Каква е состојба со човечките ресурси во МВР?

- Хаосот поврзан со процесот на управување со човечки ресурси беше една од темите на кои посветив големо внимание изминатиот период. Бев зачуден како Спасовски три години зборуваше за ветинг и професионализација на полицијата, а тоа што го затекнав беше спротивно на ова. Документите што ми беа презентирани по моето доаѓање покажуваа дека не само што не е направена професионализација на полицијата, туку во одредени сегменти од работењето на МВР е направен апсолутна партизација. Информациите кои стигнуваат до мене укажуваат дека одредени структури во МВР и до денес добиваат задачи од Оливер Спасовски, а моето искуство сведочи дека тие информации не се далеку од реалноста. И за каква професионализација ќе зборуваме ние?

Што преземате?

- Дополнително на ова се надоврзуваат и уште низа аргументи меѓу кои и незаконските наредби за извршување на работни задачи, непочитување на системот за кариера, унапредување како резултат на партиски заслуги, како и големиот број судски спорови од работен однос против МВР.

Ако ме прашувате што преземам јас во овој дел, ќе кажам дека заврши времето на партизација и доаѓа времето на професионализација на МВР. Исплатата на бонус платата, укинувањето на бесконечните наредби за извршување на работни задачи, почитувањето на системот на кариера се само дел од чекорите и мерките кои ги спроведовме во изминатите 30 дена. Припадниците на МВР ги уверувам дека ќе ставам крај на реваншизмот, дека најдоследно ќе се раководам од критериумите на чесност, професионалност, стручност и посветеност во реализирањето на службените задачи.

За последната полициска акција во Крушопек за кокаинот официјалните информации на почетокот беа 1,3 тона, за да неколку часа подоцна еден килограм. На што се должеше ваквата грешка?

- Со оглед на фактот дека меѓународната операција е комплетирана, потврдувам дека 1.129 килограми кокаин од Колумбија беа наменети за нашата држава како крајна дестинација, а дека еден килограм што беше фатен кај нас беше дел од контролиран транспорт.

Оваа информација викендов ја објавив на мојата фејсбук страница, а и на мојата прес конференција потенцирав дека акцијата беше спроведена во координација со италијанските партнери и надлежен македонски јавен обвинител. Сепак и покрај инсистирањето на медиумите, информациите што ги објавив, беа строго селектирани, целосни и точни. Ниту еднаш во моето обраќање не споменав количество, контролиран транспорт и имиња на конкретни држави.

Веројатно, изнервирани од фактот дека медиумскиот ексклузивитет го граделе врз основа на неточни и непроверени информации, моите политички противници се обидоа тој гаф да го скријат со евентуални забелешки дека со мојот прес сум ја попречил истрагата. Јавноста треба да ги има целосните информации, секогаш кога тоа го дозволуваат околностите.

Шпекулации, спинови и дезинформации се карактеристика за луѓе кои се во паника, а јавноста може да процени кој изминатиот период често шпекулира и постојано пласира непроверени и неточни информации.

Има многу шпекулации за тоа каде завршуваат парите од кокаинот во Македонија?

- Министерството за внатрешни работи во соработка со надлежните институции активно преземаат мерки и активности со цел утврдување на лица и компании што се инволвирани во нелегална трговија со дрога, перење пари и други кривични дела. Овие активности треба да дадат одговори на вашето прашање, но и на прашањата дали со овие пари се финансирале и одредени нелегални активности, а и се переле во легални бизниси во државата.

Во овој контекст ќе истакнам дека истрагите што во моментов се водат во МВР треба дадат и одговор на сомневањата и сѐ почестите информации што стигаат до мене, а кои говорат за тоа дека дел од овие криминални групи имале блиски релации со високи раководни структури во полицијата.

Тоа се зборува за секој нов состав на раководството во МВР?

- Да се воздржиме уште кратко време. Во моментов во интерес на истрагите кои се во тек не би можел да изнесам повеќе информации, но верувам дека наскоро ќе излеземе со конкретни информации и сознанија на оваа тема.

Дали со укинување на единицата за беспилотни летала влијае на успешноста на полициските акции и собирање на разузнавачки податоци?

- Секој капацитет од кој се собирале релевантни податоци, но и се користел за спречување на кривични дела бил ефикасна алатка за работа на министерството. Поддршката на полициските единици, независно дали станува збор од воздух преку хеликоптер, беспилотни летала или пак преку термални камери или камери за видеонадзор насекаде низ светот се вообичаена полициска алатка. Во оваа насока наместо Оливер Спасовски да ги зголеми капацитетите за собирање разузнавачки податоци и воздушна поддршка за полициските акции, тој со укинување на единицата за беспилотни летала директно влијае врз ефикасноста во борбата против постојаните закани со кои се соочуваме.

Сепак, има сомневања и за начинот на набавката на овие летала?

- Јавноста треба да знае дека Министерството за внатрешни работи врз основа на договор што е склучен во 2018 година, а завршува на крајот на оваа година во овој момент од буџетот одвојува 1.940.000 долари за одржување на овие беспилотни летала односно за капацитети што се нефункционални и кородираат во хангари.

Во следниот период, по завршување на парламентарните избори ќе направиме максимални напори за оваа единица да се стави во функција и да ги извршува задачите за кои таа е формирана.

Даваат ли некои резултати овие измени во безбедносниот и разузнавачкиот сектор? Каква е вашата соработка со новите тела, со АНБ, со вашата бивша Агенција за разузнавање...? Ќе му фали ли на МВР УБК?

- Граѓаните, но и стручната јавност треба да знаат дека законските промени и реформите поврзани со реорганизација на разузнавачкиот систем од самиот почеток се направени на нездрави и нефункционални темели. Тука пред сѐ мислам на фактот дека приемот и селекцијата на кадар во АНБ е целосно спротивен на законот, без спроведување на текст за интегритет и без полиграфско тестирање. Паралелно на ова безбедносните проверки кои се правени на вработените во МВР кои требало да поминат во АНБ се користат како политичко средство за елиминација на професионалци со долгогодишно искуство во областа на безбедноста и со меѓународно признати резултати.

МВР е државна институција што е надлежна за спроведување на законот и како таква неопходно е да соработува со сите институции што се надлежни за собирање на информации. По моја иницијатива за прв пат во оперативните штабови за фудбалскиот натпревар и за изборите на барање на МВР ќе бидат вклучени и претставници на овие државни институции.

А.Д.

Доколку нешто радикално не се промени, не можеме да очекуваме дека нашата економија брзо ќе се нормализира и ќе излезе од сегашната криза.

повеќе

Како да разликуваш дали „Македонец” означува етничка припадност или државјанство? Според потребата на моментот!

повеќе