Одбележан Денот на Армијата

Членството во НАТО ја помести државата напред и ги отвори перспективите

Долг пат поминавме од местото каде што почнавме пред три години. Станавме триесетта членка на Алијансата, и дел од најмоќниот воено политички сојуз. Се опкруживме со сојузници кои ги споделуваат нашите вредности. Нашето знаме гордо беше подигнато и се развиори пред седиштето на НАТО во Брисел. Но, најважно од се, заедно со подигањето на нашето знаме, се подигна и нашата гордост и главата на сите граѓани, изјави денеска министерката за одбрана Радмила Шекеринска на одбележувањето на Денот на Армијата – 18 Август.

Според Шекеринска, со подигањето на нашето знаме во Брисел првпат во историјата на нашата татковина успеавме да забележиме успех, кој како што рече, ја помести нашата држава напред и и ги отвори перспективите.

„Нашето знаме гордо беше подигнато и се развиори пред седиштето на НАТО во Брисел, пред сојузничката команда за операции во Монс, пред сојузничката команда во Норфолк, како и во сите останати команди на НАТО Алијансата. Од зборови и надежи направивме резултат. Од прослави на кои НАТО знамето беше пример и симбол на нашите желби дојдовме во ситуација да го прославуваме денот на Армијата и знамето на НАТО да биде дел и симбол на нашата припадост и успех“, рече Шекеринска.

Таа додаде дека нашите интереси се нашите вредности. Тие, како што појасни, ни се заеднички: демократија, индивидуални слободи и владеење на право. Шекеринска потенцира дека членство во НАТО не исправа пред нова одговорност, не само во земјава туку и во светот, однсоно одоговорност да бидеме таму каде што треба, рамо до рамо со нашите сојузници.

„Ова не беше ниту едноставно ниту лесно. Како човек и граѓанин ме порази тоа што го видов и во Министерството за одбрана и во многу други важни ресори за НАТО за првпат кога бев избрана. Буџет под секое ниво, дотраена опрема, немотивирачка атмосфера, ниски и немотивирачки плати. Одземени дневници, нерамноправен третман, лоши услови за пензионирање. Пред себе видов неколку скалила кои требаше да ги искачиме пред да ја отклучиме вратата во НАТО. И почнавме скала по скала“, рече таа.

Првото скалило, како што рече, беше зголемениот буџет, веќе два пати, второ скалило беше стратешкиот одбранбен преглед, третото се платите во Армијата за кои додаде дека во некои делови се дури и двојно зголемени.

Четвртото скалило беше новата лична опрема, петтото се нови инжинериски машини, следно скалило, појасни Шекеринска, беше договорот потпишан со САД за набавка на нови оклопни возила, а потоа реновирањето на касарните.

Шекеринска им порача на сите припадници на Армијата, и поранешни и сегашни, да бидат горди, затоа што како што рече, во пишувањето на влезницата за НАТО тие имале клучна огромна улога, а сега на ред е втората цел, членството во ЕУ.

Ковид кризата, според Шекеринска, покажа и колкава е блискоста меѓу нашите војници, Армијата и граѓаните. Таа додаде дека членки на НАТО први ни притекнале на помош за време на пандемијата.

Началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски во обраќањето

кажа дека Членството во Алијансата е придобивка и привилегија на секое демократско општество, но кредибилна и почитувана членка ќе бидеме само со респектирање на демократските вредности, лојалност кон сојузништвото, солидарност и спроведување на националните обврски.

Пред присутните гости на воениот стадион во Градскиот парк во Скопје, Ѓурчиновски истакна дека секоја генерација даде придонес и остави белег во развојот на Армијата.

„Да бидеме горди на достигнувањата зашто сите заедно успеавме и покрај сите предизвици во минатото, да станеме дел од најмоќната воена Алијанса во историјата на човештвото. Тоа е огромен успех на сите поранешни и сегашни припадници на Армијата. Имаме одговорност и патриотска должност да ги воспоставиме процесите за целосна интеграција на нашата Армија како полноправна членка во НАТО“, порача началникот на ГШ.

Тој потенцира дека безбедноста, здравјето и благосостојбата на граѓаните ќе бидат приоритет за Армијата, но и нејзината трансформација по принципот „вистински луѓе на вистински места“, опремување и модернизација, како и доследно спроведување на обврските како полноправна членка на НАТО.

Одбележувањето на Денот на Армијата почна во 10 часот со почесна артилериска стрелба и со интонирање на македонска химна, на химната на НАТО, како и на химната на Армијата.

Со едноминутно молчење присутните им оддадоа почит на сите загинати и починати борци за слободата на државата, на загинатите и починатите припадници на Армијата, како и на сите жртви од ковид-19 во земјава и во светот.

На одбележувањето присуствуваа и премиерот Оливер Спасовски, генерали на Армијата и претставници на дипломатскиот и на воено-дипломатскиот кор во земјава.

Релевантните институции покажуваат неподготвеност да го спроведат долгоочекуваниот попис.

повеќе

Економската стратегија има за цел да се реализираат можностите на дигиталната трансформација, да се зајакне соработката во областа на климатските промени, енергетскиот сектор, човечкиот развој и безбедноста на храната.

повеќе

Во време кога турската лира е во историски пад, Турција мора да надмине бројни предизвици за целосно да закрепне од кризата.

повеќе