Обраќање во официјалниот дел на Минхенската безбедносна конференција

Членка сме на НАТО, но 17 години сме само кандидати за ЕУ, порача Ковачевски

Во обраќањето на тема „Не гледај раздвоено - Цртање на пат за ЕУ и Западен Балкан" („Don't look decoupled – Charting a Path for the EU and Western Balkans") во рамки на официјалната програма на Минхенската конференција, македонскиот премиер Димитар Ковачевски порачал дека „јасната ЕУ перспектива за Северна Македонија е од стратегиско значење за регионот“ и потсети дека земјата веќе 17 години е кандидат за членство во ЕУ, а дека сега е соочена со бугарска блокада на тој пат. Обраќањето на Ковачевски го следел и премиерот на Бугарија Кирил Петков.

На почетокот Ковачевски потсетил дека минатата година земјава одбележала 30 години независност, што според него, е од големо значење бидејќи се поклопи со приемот во НАТО како 30-та членка на Алијансата. 

„Членството во Северно-атлантската алијанса е остварување на една од нашите најважни стратешки цели, преку која континуирано обезбедуваме сигурност, стабилност и безбедност за државата и за граѓаните. Членството во НАТО е израз на нашиот суверен избор и нашата силна општествена согласност да станеме целосно интегрирани во демократскиот свет. Наша еднакво важна стратешка цел, покрај членството во НАТО, е секако членството во ЕУ“, нагласил Ковачевски.

Тој ги информирал присутните дека Македонија е земја кандидат уште од 2005 година, а дека пред 21 година е потпишана Спогодбата за стабилизација и асоцијација.

„Преговори, сè уште не сме почнале, и тоа секако се должи на предизвиците кои го попречија нашиот европски и интегративен пат. Но, еве нѐ денес, сè уште на истиот тој пат, бидејќи членството во ЕУ, за нас, нема алтернатива. За нас, ЕУ интеграцијата е прашање на прифатени највисоки западно-демократски вредности и посветеност за исполнување европски стандарди на работење во сите сфери на општеството и во сите институции“, рече Ковачевски.

Тој нагласил дека проширувањето на ЕУ со земјите од Западен Балкан не е само прашање на проширување, туку е пред сѐ прашање на заеднички стратегиски ангажман.

„Исклучително е добра веста за одлуката на Европскиот Совет од 21 март 2020 година, со препорака за безусловен почеток на преговорите за членство на Северна Македонија во Европската Унија. За жал, оваа препорака за безусловен почеток, беше условена од блокадата на претходната влада на Бугарија. Таа блокада е сѐ уште активна“, рече премиерот и нагласи дека  Македонија е земја на пријателства и соживот и дека и светот по тоа нѐ препознава.

Ковачевски рече дека Владата е посветена на изнаоѓање взаемно прифатливи решенија и дека во тој дух и манир се преземени сите неопходни чекори за деблокирање на процесот на проширување на ЕУ.

„Во духот на европските добрососедски односи, јас и бугарскиот премиер Петков во последниве два месеци, откако сме и двајцата премиери, ги интензивиравме разговорите меѓу Северна Македонија и Бугарија со искрена волја да направиме чекори на доближување, на соработка и на доверба за кои веруваме дека ќе нѐ однесат до решенија за нашите билатерални прашања. Почитувани колеги и пријатели, Западниот Балкан функционира како систем на поврзани садови. Кога има напредок во една земја, тоа е поттик за напредок кај другите соседи. Блокадата на оперативниот почеток на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија со ЕУ се чувствува низ целиот регион како сериозен удар врз довербата кон Унијата. Поради неодобрувањето на преговарачката рамка, Северна Македонија и Албанија губат драгоцено време. Но, поголемото прашање е што губи Европската Унија во овој случај. Кредибилитетот на ЕУ е ставен под знак прашање“, нагласи премиерот Ковачевски.

Притоа премиерот додал дека ваквата ситуација го охрабрува и зајакнува интересот на трети страни во регионот и дека доколку ЕУ покаже отсуство или слабост на Западен Балкан, тогаш третите страни ќе имаат повеќе можности да ја пополнат таа празнина која е исклучително важна на геостратешки план.

„Затоа ЕУ мора да најде формула како да го одржи зборот и да продолжи со проширувањето на Западен Балкан. Европската Унија има обврска да покаже на дело дека процесот на проширување на Западниот Балкан е жив. Да внесе оптимизам дека европските вредности и принципи се сѐ уште реалност“, рече Ковачевски.

Тој укажа дека со Албанија и Србија се работи на наоѓање начини за внесување европски стандарди и за олеснување и подобрување на животот на нашите граѓани.

„Токму затоа и ја поведовме иницијативата Отворен Балкан како платформа за соработки, мобилност и за практикување на четирите европски слободи за движење на добра, капитал, услуги и луѓе. Отворен Балкан е одлична иницијатива но не е, не претендира да биде, ниту пак може да биде алтернатива за ЕУ. Северна Македонија останува посветена на Берлинскиот процес и на европската перспектива, а нашата цел е една и единствена – рамноправно членство во семејството на европски народи и држави – Европската Унија“, рече Ковачевски.

Тој ги повика европските политичари да најдат вистинска формула која ќе го забрза темпото и процесот на проширување на ЕУ со земјите од Западен Балкан и потсети дека тоа е предизвикот за Франција како претседавач со ЕУ.

 

Со францускиот предлог на патот кон ЕУ македонскиот народ ќе ја изгуби историската тапија врз сопствената свест и наследство.

повеќе

Ако пак се натури овој бесмислен консензус на Франција, кој ги признава сите емоции на Бугарија, тогаш оваа неспособна власт ќе не одведе подлабоко од сегашниот амбис.

повеќе

Во новите предлози се направени само формални, но не и суштествени промени, во однос на претходниот предлог (кој Владата го нема објавено).

повеќе