„Ајде да одиме напред во Западен Балкан“

Четворица министри на ЕУ повикаа на преговори за пристап на Северна Македонија и Албанија

Одлуката на Европската Унија дали да почне преговори за пристапување со Северна Македонија и Албанија доаѓа во време кога блокот се соочува со голем број предизвици, го пренесува Политико повикот на чешкиот, унгарскиот, полскиот и словачкиот министер за надворешни работи.

Сепак, прашањата што се пред нас (брегзитот, миграцијата, нестабилноста во соседството, стартот на новата Европска комисија) не смеат да нè оддалечуваат од она што ЕУ успеа да го постигне на Западен Балкан - и од она што сè уште можеме да го постигнеме со почитување на ветувањата што ги дадовме во регионот, велат министрите.

Пред дваесет години, конечно завршија катастрофалните и крвави војни по распадот на поранешна Југославија. Големи делови од регионот беа во урнатини. Новите држави од Западен Балкан и нивните општества беа уништени и им беше потребна рака за да се извлечат од живиот песок во кој тонеа.

ЕУ, и самата резултат на мировен проект, сфати дека за да се стабилизира овој дел од Европа, требаше да се мотивираат владите на земјите од Западен Балкан да ги обноват, реформираат и да ги демократизираат своите држави и општества. Регионот требаше и да се обедини околу една заедничка цел, што ќе ја поттикне соработката и ќе го олесни помирувањето. Затоа на Самитот во Солун во 2003 година беше донесена мудра одлука да им се вети можност за членство во ЕУ на сите земји од Западниот Балкан - само неколку месеци откако беа потпишани спогодбите за пристап со 10 нови земји-членки на ЕУ во Атина.

Оваа историска посветеност, повторена на самитот ЕУ-Западен Балкан во Софија во мај 2018 година, ја потврди решеноста на ЕУ да шири стабилност, безбедност, демократија и просперитет на целиот континент и да обезбеди заедничка европска иднина.

Денес, 16 години по Солун, со задоволство можеме да забележиме дека проширувањето се покажа како една од најуспешните политики на ЕУ. Напредокот постигнат од земјите од Западен Балкан е импресивен. Тие ги трансформираа своите економии, правосудство, јавна администрација и безбедносни апарати.

Сепак, не смееме да заборавиме дека овој напредок немаше да биде можен без јасна перспектива за членство во ЕУ. Целта да се влезе во ЕУ служи како моќен мотиватор за владите и граѓаните на земјите од Западен Балкан да поминат низ потребните, но честопати болни реформи. Не можеме да бидеме несвесни за оваа реалност и да бараме изговори за да не се оди напред со процесот на интеграција во ЕУ.

Додека ЕУ одлучува дали да почне разговори за пристапување со Северна Македонија и Албанија, важно е да се напомене дека и двете држави ги исполнија критериумите што им ги постави ЕУ, со воведување комплексни домашни реформи. Покрај тоа, Северна Македонија го склучи историскиот Преспански договор со Грција, решавајќи го долготрајниот спор за името на земјата.

Во знак на признавање на овој импресивен напредок, Европската комисија во мај 2019 година издаде безусловна препорака за почнување преговори за членство во ЕУ со двете земји. Сепак, Северна Македонија и Албанија сè уште чекаат зелено светло од националните влади на ЕУ. Почетокот на разговорите за пристап е важен чекор на патот кон пристапување во ЕУ, но не треба да се меша со самото членство. Интеграцијата во ЕУ е фино балансиран процес базиран на заслуги, чија цел е да им помогне на земјите од Западен Балкан да се реформираат и да се подготват за членство во ЕУ, истовремено подобрувајќи го квалитетот на животот на своите граѓани.

Исто така, тоа е и заеднички стратегиски избор на ЕУ и нејзините партнери во регионот. Вклучувањето на Западен Балкан во Унијата е од политички, економски и безбедносен интерес на ЕУ. Преговорите се долгорочен процес што ќе ѝ даде на ЕУ огромен простор за преглед на реформите на земјите-кандидатки, вклучително и оние во клучната област на владеењето на правото. Годините што се потребни за завршување на разговорите за пристапување, исто така, ќе ѝ дадат на ЕУ доволно време за темелно дискутирање и воведување на промените потребни за непречено функционирање на ЕУ пред и по приемот на новите членки.

Северна Македонија и Албанија со нетрпение го чекаат почетокот на нова фаза од процесот на интеграција во ЕУ. Време е да се донесе смела одлука за иднината не само на овие две земји, туку и на целиот Западен Балкан и ЕУ. Позитивната одлука ќе испрати јасен сигнал дека ЕУ ги признава конкретните резултати во исполнувањето на условите што ги поставува. Ќе му даде на регионот нов поттик за понатамошни реформи и трансформација.

Овозможувајќи им на Северна Македонија и Албанија да го преземат следниот чекор во процесот на интеграција, ЕУ ќе ја докаже својата посветеност кон стабилноста, безбедноста, демократијата и просперитетот на регионот. И, ќе го признае фактот дека само преку интеграција на Западен Балкан ЕУ може да биде комплетна, а нејзините долгорочни интереси да бидат долгорочно заштитени.

Томи Петричек е чешки министер за надворешни работи. Петер Сијарто е унгарски министер за надворешни работи. Јацек Чапутович е полски министер за надворешни работи. Мирослав Лајчак е словачки министер за надворешни работи.

Макси помпа, просечен дипломатски и небитен медиумски ефект.

повеќе

Силите на антиглобализацијата веќе стануваат доволно моќни да и зададат значаен удар на светската економија. 

повеќе