Голем јубилеј за елитната анитерористичка единица

Четири децении развој на специјалната единица „Тигар“

Во касарната „Илинден" со положување на цвеќе на споменикот на загинатите борци, подигање на новото знаме, доделување на плакети и прикладни говори од страна на високи функционери, беше одебележана 40-годишнината од формирањето на Единицата за специјални задачи „Тигар", сега преименувана како Специјална антитерористичка единица „Тигар". Сите членови на државната делегација се поклонија пред Споменикот на загинатите „тигри“ - вицепремиерот Груби пријде, но не се поклони.

Командантот на Единицата за специјални задачи „Тигар" Митко Даневски нагласи дека четиридеценискиот период беше и период на постојан развој, обуки и професионализација на единицата, на успеси и признанија. Нагласи дека значајни трансформации и реорганизации беа спроведени во последните четири години.

„Последната реорганизација направена на почетокот на оваа година за исполнување на потребните безбедносни стандарди што произлегуваат од членството во НАТО во овој процес единицата изврши зајакнување на кадровскиот и техничкиот потенцијал, притоа акцентот е ставен на на модуларноста на специјализираните тимови, како и на специјалностите на секој припадник поединечно", нагласи командантот Даневски.

Тој посочи дека таквата структура и високите критериуми за избор и обука на кадри за Единицата, им овозможува континуитет во функционирањето како и приспособување кон потребите за ефикасен одговор на сите предизвици.

„Од формирањето до денес низ редовите на единицата поминаа над 700 припадници на македонската полиција кои со својата професионалност, храброст, висока мотивираност и пожртвуваност, најчесто извршуваат задачи во високоризични и крајно екстремни ситуации во кои несебично се жртвуваа за постигнување на целта и по цена на сопствениот живот. Посебно место во историјата на нашата единица имаат припадниците кои извршувајќи ја својата должност на првата борбена линија го дадоа и најдрагоценото, ги положија своите животи", нагласи Даневски.

Тој истакна дека во изминатиот период со голема поддршка на раководството на МВР успеале да изградат стратегиски капацитети за функционирање на Единицата, организирале селективни курсеви за надополнување за професионалниот кадар и ја интензивирале обуката за специјалните тимови, а воедно ја зголемиле и соработката со сродните единици на регионално и меѓународно ниво.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски потенцираше дека денешното одбележување на датумот 13 март има своја исклучителна посебност и тоа од две причини.

„Првата, дека денес одбележуваме еден многу значаен јубилеј, а тоа е четиридецениско постоење на единицата и втората, фактот дека како резултат на нашите заеднички реформски напори за сеоопфатно техничко, материјално, професионално и организациско унапредување на МВР и неговото вредносно стандардизирање согласно критериумите на НАТО и ЕУ ја промовираме единицата во специјална антитерористичка единица 'Тигар', назив што соодветствува со новата структура, концепциска надградба на полициска организациона единица", рече Спасовски.

Тој нагласи дека бројни генерации на нејзини припадници без оглед на турбулентноста на времињата оставија силен и неизбришлив печат во создавањето на богато и успешно професионално портфолио исполнето со бројни ангажмани и со жртви во името на примарната и основна полициска задача - заштитата и безбедноста на сите граѓани, но и на мирот и на општествениот поредок на нашата држава.

„Станува збор за една од најсложените полициски служби и есенцијален сегмент во безбедносниот систем на МВР. Оваа единица мора во секое време да биде целосно подготвена, крајно ефикасна, технички и кадровски екипирана до перфекција, а сето тоа во името на специфичните задачи што пред неа се поставуваат во секојдневното работење", нагласи министерот за внатрешни работи.

Спасовски оцени дека периодот од четири децении за единицата не бил ниту едноставен, ниту мирен,туку дека е период на бурни случувања во кој и државата и народот се соочуваа со многу предизвици и искушенија, воени конфликти во земјата и регионот, непрекинатата борба против терористичките закани и организираните криминални групи.

„Денеска Специјалната антитерористичка единица, популарно позната како „Тигар", одбележува 40 години од своето постоење. Тоа е сериозна годишнина достојна за прослава со сите највисоки почести бидејќи САЕ денес е синоним за обученост според највисоки стандарди кои ги налага борбата против тероризмот и високиот насилен криминал. Синоним за професионалност, за максимална храброст и подготвена да се спротивстави на каков и да е предизвик со кој е доведена во прашање безбедноста на земјата и граѓаните", рече премиерот Зоран Заев на церемонијата.

Тој нагласи дека овој јубилеј е уште позначаен бидејќи сега земјата е полноправна членка на НАТО.

„Како земја членка на НАТО свое значајно место има и Специјалната антитерористичка единица која е оспособена за борба против тероризмот, радикализацијата и насилниот екстремизам и за заштита на националната безбедност. Оваа единица е еден од гарантите на овој приоритет", потенцираше премиерот и рече дека е убеден оти реформираната и модернизирана антитерористичка единица ќе го продолжи трасираниот четириесет годишен пат на високо мотивирана, врвно организирана и подготвена служба, која заедно со сите останати сегменти на нашиот безбедносен систем е гарант за мирот и безбедноста и за заштита на уставниот поредок на државата", рече премиерот Заев.

Артан Груби, вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, кој пријде, но не се поклопни пред Споменикот на загинатите припадници на „тигрите“, на медиумите им изјави дека присуствувал на церемонијата од почит и затоа што по 20 години од Охридскиот договор време е за целосно помирување.

„Тенденциозни се обвинувањата на моја сметка. Да не сакав да одадам почит, немаше да присуствувам како член на владината делегација“, рече Груби.

На три месеци пред избори, Владата носи закони и уредби со катастрофални последици по граѓаните, што е просто неверојатно.

повеќе

ДУИ, која по конфликтот го вееше албанското црвено - црно знаме, потоа синото, на следните избори ќе го вее зеленото.

повеќе

Што правите министерке, кога ќе посетите еден приватен или државен иниверзитет за да видите што навистина се случува.

повеќе