Како што јавува МИА од Брисел, германското претседателство се надеваше дека денеска овие заклучоци во кои е вметната референцата за „погрешно толкување на историјата“ и долгата форма на името Република Северна Македонија ќе можат да бидат формално усвоени од Советот, но барем две земји негодуваат затоа што сметаат дека ѝ се попушта премногу на Бугарија. Дипломатски извори изјавиле дека незадоволството во Македонија од нацрт-заклучоците се рефлектирало и кај земјите членки на Унијата.
Неусвојувањето на заклучоците го потврди и чешкото министерство за надворешни работи. Во официјалното соопштение на шефот на чешката дипломатија Томас Петричек, што го пренесува Радио Слободна Европа, се наведува дека неговата држава силно го поддржува процесот на проширување.
„Меѓутоа постојниот текст со заклучоците подразбира понатамошни компликации на патот во процесот на проширување“, се наведува во соопштението и се додава дека
е потребно повеќе време да се процени текстот и да се усогласат заклучоците и дека тие би требало да бидат усвоени на Советот за општи работи.
Преговарачката рамка за Северна Македонија засега е замрзната додека не попушти Софија, но Германија смета дека се потребни и заклучоци за целиот регион, како што е обичај во декември секоја година.
Според информациите на МИА, Словачка бара повеќе време за да се согласи, додека Чешка предлага да не се усвојат заклучоците. Засега останува нејасно кои се опциите на маса за земјите членки во однос на овие заклучоци, а германското претседателство има рок до 31 декември да изнајде решение.
„Советот нагласува дека во ЕУ нема место за распалувачка реторика и глорификација на воените злосторници од која било страна. Изјавите кои негативно влијаат на добрососедските односи и мирното решавање на споровите мора да се избегнуваат. Советот потсетува на Преспанскиот договор помеѓу Република Северна Македонија и Грција и Договорот за Пријателство, добрососедство и соработка помеѓу Република Северна Македонија и Бугарија и ја нагласува важноста на нивната постојана имплементација. Овие два крупни чекори би требало да им стават ефективен крај на сите барања засновани на погрешното толкување на историјата“, стои во зкалучоците.