Според Царовска, во план е социјалната помош да се зголеми, но тоа ќе се случи следната година.
„Ние како СДСМ ќе бараме решение како да ги направиме пензиите одржливи. Во изминатиот период имаше голем проблем со Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, односно беше скратено усогласувањето на пензионерите. Два пати годишно требаше да се усогласат пензиите, но законскиот основ да се регулираат пензиите согласно трошоците за живот им беше ускратен на пензионерите. Ние ќе го оствариме тоа усогласување два пати годишно и тоа го предвидовме со ребалансот на Буџетот минатата недела - се предвидоа двете законски покачувања на пензија согласно усогласување. До крајот од годината, зависно од буџетот на Република Македонија ќе се испита можноста за пензијата и трет пат да се зголеми само ако има основ за истото.
Во план е да се покачи и стапката на социјална помош. Во 2018 година е најрано зголемување на социјална парична помош согласно линија на сиромаштија. Социјалната помош за четиричлено домаќинство ќе треба да биде 12.000 денари, со тоа што, тие што ќе примаат таков тип на социјална парична помош, ќе треба да се активираат на пазар на труд и да работат“, изјави Царовска.
Што се однесува до лицата со попреченост, кои ќе кампуваат пред Собранието, Царовска вели дека се предвидува решавање на дел од нивните барања.
„Тие нема да можеме сите наеднаш да ги решиме, но ние веќе имаме пет точки од нивните барања кои со итни промени на законот ќе ги надминеме. На пример, целиме кон тоа родителите на тие лица да имаат право на стартно работно време и по 26 години и да остваруваат додаток за туѓа нега без цензус од 21.000 денари“, рече таа.
На средбата се разговарало и за можноста на ослободување на еднородителските семејства од партиципација за градинка која чини 1400 денари, за изработување на правилник за 50/50 родителство каде ќе биде одреден минималниот број на денови, кој, согласно европските стандарди, е 180, како и за новиот предлог закон за работни односи и слично.