По вчерашната посета на премиерот Кирил Петков

Бугарското прифаќање на краткото име - за Владата успех, за Димитров отстапка

Ништо не е договорено додека не е договорен цел пакет и затоа ништо не може да се спроведува, е ставот кој го застапува поранешниот вицепремиер за европски прашања, Никола Димитров во однос на решавањето на спорот со Бугарија.

„Ние направивме една отстапка, без притоа Бугарија да одговори со нешто, што нам ни треба и ни е важно“, изјави Димитров во гостувањето во Топ тема на Телма, во однос на тоа дека Бугарија веќе не се противи на користењето на скратеното име Северна Македонија во меѓународните организации.

Тој додава дека тоа што посебно му пречи и за што чувствува разочараност е дека не може да почнат да се прават отстапки само од едната страна.

„Ако денот се познава по утрото, ако едната страна прави отстапки, а другата страна си стои и не мрда, тогаш ова може само да води за жал, кон целосен пораз и целосна победа“, рече Димитров, додавајќи дека од петте точки, една точка била краткото и долгото име, а таа точка сега не постои.

Според него, ние не само што направивме чекор и отстапка, како што рече, туку тоа и го имплементиравме, нотата во ОН е дадена, за возврат немаме обезбедено ништо. Но, тоа да се сврти како Бугарија да направила отстапка, истакна, е несериозно и безобразно.

Во однос на малцинствата, Димитров се осврна на Советот на Европа и ние сме, како што рече, договорна страна на Европската конвенција за човекови права и тоа што се прави таму во однос на пресудите пример што ги има изгубено Бугарија од сопствени граѓани, не може да биде дел од договорот не мешање во внатрешните работи.

„Мојот став, една од позициите за кои се залагав, градејќи ги државните позиции изминатите години кон Бугарија беше дека Стразбур не можеме да го поклопиме со немешање во внатрешни работи. Проблемот што овде посебно пречи, е двојниот аршин. И Бугарија има обврска да не се меша во внатрешните работи, не само околу малцинското прашање, нема повнатрешно прашање од прашањето на македонскиот јазик. Тоа е кршење на Договорот за пријателство, во тој дел. Или пак тврдењето во едно од документите за етнички инженеринг, тоа е навредливо и директно мешање во внатрешни работи“, појаснуваше Димитров.

Тој смета дека наша исправна позиција ќе биде, без разлика што тие имаат привилегирана позиција како земја членка на ЕУ, а ние сакаме внатре, ние мора да ги извршуваме своите обврски и права како земја договорна страна на Европската конвенција за човекови права и земја членка на Советот на Европа.

 

Тој наведе дека предупредил на ова на прес-конференција споменувајќи ја македонската нота до ОН околу краткото и долгото име на државата.

„Прашав дали се размислува тоа да се направи и кажав дека тој чекор ќе ја ослаби македонската преговарачка позиција“, рече Димитров.

За разлика од него, вицепремиерот Бојан Маричиќ смета дека со заеднички чекори од двете страни, решено е едно отворено прашање кое претставуваше проблем во дел од меѓународните организации. Ова, според Маричиќ, е гест на добра волја од двете страни за да се стекне натамошната доверба.

„Со овој чекор кој е едно од отворените прашања, решаваме еден проблем – затвораме едно прашање и креваме една од блокадите. Со ова се затвора еден проблем. Бугарија практично ја менува својата позиција и почнува да го користи краткото име. И премиерот Петков денеска неколку пати го употреби скратеното име – Северна Македонија. Решено е едно отворено прашање кое нам ни предизвикуваше проблем во дел од меѓународните организации. Ова е тема која скоро две години е отворена и со неа се оспоруваше нашето право да се нарекуваме со кратко име“, рече Маричиќ.

Инаку, за време на вчерашната посета на бугарската делегација, двајцата премиери, Димитар Ковачевски и Кирил Петков најавија нов пристап во кој историјата е ставена во втор план, со фокус на градење на добрите односи меѓу граѓаните на Македонија и Бугарија, зајакнување на соработката во повеќе сектори, како и добрососедство мерливо според постигнати цели и резултати.

 

 

Македонскиот народ мора да ја заштити автокефалноста на својата Македонска православна црква - Охридска архиепископија, како еден од носечките елементи на неговиот идентитет, од сите загрозувања од Фанар, од СПЦ и другите меѓународни црковни и други чинители. Време е за нов Македонски црковно-народен собир, како во 1945 година.

повеќе

Сите политичари и безмалку сите новинари во Македонија, се со став дека нема или поточно не е можен план Б во преговарањето за влез во ЕУ со Бугарија.

повеќе

(Насловот е на турски со причина, во превод, „писмо или револвер“.)

повеќе