Со заедничката владина седница ќе претседаваат премиерите Димитар Ковачевски и Кирил Петков, а во програмата е најавена и нивна тет-а-тет средба, како и средба на министрите за надворешни работи Бујар Османи и Теодора Генчовска.
Премиерите и министрите на двете влади по одделните работни средби е предвидено да продолжат со пленарната седница на којашто ќе бидат презентирани резултатите од работните групи, после што ќе следува потпишување меморандуми и договори за соработка. Резултатите од меѓувладината сесија ќе и бидат презентирани на јавноста на заедничката прес-конференција на двајцата премиери.
Пред оваа заедничка владина седница Македонија и Бугарија, како што беше договорено при посетата на Петков на Скопје, ги формираа работните групи – економија, трговија и иновации, за инфраструктура, транспорт и поврзување, за европска интеграција и зелени политики и за култура, наука и образование.
Копретседавачи на првата група од македонска страна се вицепремиерот задолжен за економски прашања, координација на економските политики и инвестиции, Фатмир Битиќи, министерот за финансии, Фатмир Бесими и министерот за економија, Крешник Бектеши. Од бугарска страна со оваа група ќе копретседаваат заменик-премиерот за економија и индустрија и министер за економија, Корнелија Нинова, вицепремиерот за еврофондовите и министер за финансии, Асен Василев и министерот за иновации и раст, Даниел Лорер.
Со втората група од македонска страна ќе копретседаваат министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, министерот за локална самоуправа, Горан Милевски и министерот за информатичко општество и администрација, Адмирим Алити, додека од бугарска вицепремиерот за регионален развој и јавни работи и министер за регионален развој и јавни работи Гроздан Караџов, министерот за транспорт и врски Николај Сабев и министерот за енергетика Александар Николов.
Копретседавачи на третата работна група од македонска страна се вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ, кој поради ковид-19 не присустува на денешната седница, вицепремиерката за политики за добро владеење, Славица Грковска и министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини. Од бугарска страна со оваа група ќе копретседаваат вицепремиерот за климатски политики и министер за животна средина и води Борислав Сандов, вицепремиерката за ефикасно владеење Калина Константинова и министерката за правда Надежда Јорданова.
Со четвртата работна група од македонска страна ќе копретседаваат првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби, министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска и министерот за образование и наука, Јетон Шаќири, додека од бугарска министерот за образование и наука Николај Денков, министерот за култура Атанас Атанасов, министерот за туризам Христо Проданов и министерот за млади и спорт Радостин Василев.
Во работните групи ќе членуваат и претставници од ресорните министерства и институции, а копретседавачите ќе ротираат согласно тематиката, која ќе биде ставена на дневен ред на состаноците.
Премиерите најавуваа пет работни групи, петтата е историската, но двете влади не формираа засебна работна група, а според она што го кажаа Ковачевски и Петков на прес-конференцијата во Скопје, оваа област ја покрива Мешовитата македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања. Засега не се знае дали комисијата ќе продолжи да работи во сегашниот формат.
За денеска попладне најавена е и средба на македонската владина делегација со бугарскиот претседател Румен Радев и со претседателот на бугарското Собрание Никола Минчев.
Од Софија, Жана П.Божиновска