Софија-Скопје

Бугарските власти ги проверуваат членовите на Здружението на Античките Македонци

Добиваме телефонски покани во локалните полициски станици и таму, како основачи на Здружението на Античките Македонци нѐ распрашуваат за тоа кои се членови, кои се нашите дејности, нѐ тераат на ливчиња да ги пишуваме бројките од 1 до 10..., велат за МКД.мк основачите на ова здружение.

Здружението на Античките Македонци е основано и регистрирано според бугарските закони уште есента лани. На основачките документи своерачно се потпишани 21 лице, Македонци, државјани на Бугарија. Сега, по тој список, се повикуваат еден по еден во полициските станици во зависност кој од кое место е. Седиштето на здружението е во Гоце Делчев.

„Ова е секојдневие за нас. Постојано сме изложени на некаков притисок, на заплашување. Во полициската станица нѐ прашуваат за целите, за тоа какви дејности сме имале како здружение. Ние од основањето не сме се виделе поради коронавирусот, а тие нѐ прашуваат за некакви дејности. Некои од нас, ако не одговораат на телефонската покана, па добиваат писмена покана за разговор во полицијата во Софија. И тоа е дел од целосното тормозење на бугарските власти против Македонците. Се обидуваат да нѐ предомислат, да се откажеме од регистрацијата на здружението, да ги повлечеме потписите“, велат за МКД.мк членови на Зружението на Античките Македонци од Гоце Делчев.

Минатата година во октомври во Благоевград членовите на новото регистрирано Граѓанско друштво за заштита на основни индивидуални човекови права во Бугарија биле посетувани од бугарската полиција по налог на обвинителството. И ова здружение се занимава главно со правата на македонското малцинство во оваа земја.

Во мај годинава Европскиот суд за човекови права донесе пресуда со која ја осуди Бугарија поради повреда на правото за здружување по членот 11 од Европската конвенција за човекови права, во предметот „Македонски клуб за етничка толеранција во Бугарија и Радонов против Бугарија“. Пресудата е донесена по жалбата поднесена против Република Бугарија согласно член 34 од Конвенцијата за заштита на човековите права и основните слободи („Конвенцијата") од „Македонскиот клуб за етничка толеранција во Бугарија", здружение со седиште во Благоевград, Бугарија и претседателот на нејзиниот одбор, Ангел Кирилов Радонов, бугарски државјанин („апликанти"), на 10 октомври 2013 година.

И покрај пресудите на судот во Стразбур Бугарија сѐ уште не ја регистрира партијата на Македонците во оваа земја ОМО Илинден - Пирин. Бугарија е осудена 13 пати во Стразбур за тоа што ги дискриминира Македонците.

А.Д.

Во либералните демократии веќе со години се продлабочува политичката поларизација, се намалува довербата во владеењето на правото и, институционално гледано, состојбата општо се распаѓа.

повеќе

Како по ѓаволите успеаја политичарите да го претворат токму Гоце Делчев во повод за поделби и омраза?

повеќе

Независна Македонија не може да се пофали со успешно менаџирање на етничките прашања, а првите „грешки“ се прават во првите денови од независноста.

повеќе