„Мала дипломатска победа на Скопје“

Бугарските политичари бараат одговори од Петков дали ги пречекорил црвените линии

Додека властите во Скопје и Софија испраќаат пораки за нов пристап во решавањето на отворените билатерални прашања, политичарите во Бугарија зборуваат за „мала дипломатска победа на Скопје и отстапување од бугарските позиции“ и бараат одговори од премиерот Кирил Петков за тоа што точно се случило за време на неговата посета на земјава.

„Ентузијазмот на премиерот Петков е спротивен на јавното мислење. Тој должи многу одговори бидејќи за поголемиот дел од бугарската јавност не е јасно што всушност се случи во Скопје. Отстапи ли Петков од бугарската позиција и од мандатот што му беше даден од Консултативниот совет за национална безбедност“, изјави за БНТ пратеникот на ГЕРБ и поранешен министер за надворешни работи, Даниел Митов.

Даниел Митов

Тој во разговорот потсетува дека сите партии и учесници на Советот се обединиле околу „тврда“ бугарска позиција која е во согласност со Рамковната позиција од 2019 година и Декларацијата на Собранието кои се содржани во таканаречената позиција 5+1.

„Ако Бугарија отстапила од ова, не знам како би го нарекол тоа, освен како пречекорување на мандатот и можеби предавство“, вели Митов.

Со забелешки и критики се јави и лидерот на бугарската партија ВМРО-БНД, Красимир Каракачанов кој му замерува на Петков што во Скопје не го негирал постоењето на фашизмот во Бугарија и додава дека посетата на бугарскиот премиер на Скопје претставувала грешка.

„Не можете да одите и да кажете дека во Бугарија имало фашистички режим, но Бугарите не биле фашисти. Тој мораше да им одговори, господа, немаше фашизам во Бугарија и тоа е научно докажано и треба да ставите крај на овие југословенски и советски клишеа“, рече Каракачанов.

Красимир Каракачанов

Тој додава дека е склучен договор меѓу две земји-партнери, а не меѓу непријатели, а денеска страдаат Македонците.

„Бугарија е во ЕУ и НАТО. Тие страдаат од сопствената глупост. Ново е што испратија како официјална нота до ОН дека името Северна Македонија се однесува само на територијата на нивната Република Северна Македонија. Тоа е добро, но погледнете ја реакцијата на македонскиот претседател по средбата со нашиот премиер, па затоа велам дека нашиот премиер нема многу причини за оптимизам“, вели Каракачанов.

Во однос на најавите за воспоставување авионска линија меѓу Софија и Скопје, рече дека се зборува за „големиот успех што за два месеца ќе има авионска врска меѓу Софија и Скопје“, но никој нема да патува со оваа авиолинија.

„Во 2009 година таква авиолинија беше затворена затоа што никој не сакаше да патува. Се зборува за Коридор 8, отприлика од 1998 година. Тоа го ветија сите македонски влади, вклучително и владата на Заев и ништо не прават“, додава тој.

Во меѓувреме, македонската Влада вчера донесе решение за назначување на копретседавачи и членови во заедничките меѓувладини работни групи за продлабочување на билатералната соработка меѓу земјава и Бугарија, а бугарскиот премиер Кирил Петков пред седницата на неговата Влада порача дека и Скопје и Софија мораме да го исполнат поголемиот дел од задачите што не се завршени.

Ввицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ оцени дека новиот пристап кон решавањето на отворените прашања со Бугарија ветува позитивен исход и дава нова вредност во заложбата на Северна Македонија за пристапување кон ЕУ, додека министерот за надворешни работи Бујар Османи најави дека за неколку дена ќе има предлог за наш амбасадор во Софија.

Со Одлука на Владата на вчерашната седница се формирани заеднички меѓувладини работни групи за економија, трговија и иновации, за инфраструктура, транспорт и поврзување, за европска интеграција и зелени политики и за култура, наука и образование. За копретседавачи на работните групи се именувани вицепремиерите и министри од соодветните ресори, а во нив ќе членуваат и претставници на ресорните министерства и соодветните агенции и институции.

Премиерот Димитар Ковачевски синоќа во интервју за Канал 5 нагласи дека целта на Владата е во работните групи, чијашто работата ќе се одвива практично на неделно ниво, да не бидат вклучени само политичари, туку и деловните заедници, стопанските комори и претставници на универзитетите и на младински организации, кои што можат да дадат придонес во зајакнувањето на добрососедските односни.

„Јас се надевам дека во јуни и јули ќе имаме многу подобри односи со Бугарија и дека ќе бидеме чекор до решавање на отворените прашања што ги имаме“, рече Ковачевски, нагласувајќи дека иако не сака да се врзува со датуми и конкретни рокови, сепак е рационален оптимист којшто верува во остварување на целта – да стигнеме брзо до решение.

Бугарскиот премиер Петков, кој во вторникот престојуваше во посета на Скопје, во коментар на односите на Бугарија со земјава, истакна дека нема да се губи ниту минута за да се претворат новите заложби во вистински резултати, најавувајќи изработка на план со реални достигнувања што треба да се постигнат во следните шест месеци.

По посетата на бугарската владина делегација на Скопје и претседателот на Бугарија, Румен Радев излезе со поумерен тон, нагласувајќи дека од неа дошле „позитивни сигнали“ и дека секој чекор што ја продлабочува билатералната соработка треба да биде поддржан. Но, не пропушти да каже дека заедно со сите напори за подобрување на поврзаноста, инвестициите, економијата и соработката, да не се заборави на „главните прашања што треба да се решат и ќе ја отклучат вратата за почеток на преговорите“ на земјава со ЕУ.

„Се надевам дека властите во Скопје ќе покажат мудрост и политичка храброст да ги решат овие проблеми, особено правата на македонските Бугари, за да може да ја отвориме вратата за почеток на преговорите за членство. Како одговорна членка на ЕУ, мора да интегрираме партнери, а не проблеми“, нагласи Радев.

Во однос на прашање за правата на Бугарите во земјава премиерот Ковачевски, пак, кажа дека секогаш ги поддржува правата на сите помали заедници.

„Ние веќе во Уставот имаме заедници, доколку граѓани коишто имаат свое друго определување, а тоа веќе го побараа, Црногорците, Хрватите и граѓаните кои што се определуваат како Бугари, тогаш тоа барање е легитимно да биде дел од процесот за внесување во Уставот. Јас секогаш сум ги поддржувал правата на сите помали заедници. Без разлика која е таа заедница, но постои постапка и постои процедура во државата која што се нарекува уставни измени и трае подолг временски период и е потребен поширок консензус и во рамки на Парламентот. И во еден момент кога ќе влегуваме во ЕУ ние тоа и ќе го направиме со оглед на тоа дека треба да се направат уставни измени. Ние можеме да разговараме за начинот и постапката и моментот кога тоа ќе се прави меѓутоа сепак тоа треба да биде направено низ дијалог внатре во државата и нормално низ разговори кои што ги имаме со Република Бугарија“, изјави Ковачевски.

Економската криза е лоша во сите сфери на живеењето, но од неа можеме и да научиме по нешто.

повеќе

Во саботата во јавноста го претставивме предлог-ребалансот на Буџетот за 2022 година, откако истиот беше усвоен од страна на Владата.

повеќе

Наспроти сесловенскиот и општоевропскиот карактер на нивната дејност, Кирил и Методиј станале објект на присвојувања уште од средниот век.

повеќе