Хрватскиот Сабор на седница за ЕУ интеграцијата на Македонија

Бугарската блокада, пријателството со Хрватска, земјотресот и македонската марихуана - дел од расправата

На седницата на Саборот на која тема беше извештајот за политиката на Хрватска во рамки на ЕУ, пратеникот Бојан Главашевиќ, во еден дел говорејќи и на македонски јазик, го актуелизираше своето барање за одговор на прашањето што презема Владата за да ѝ помогне на Македонија во однос на блокадата од Бугарија. Тоа предизвика дискусии и на други пратеници, а оценето е дека на Македонија ѝ се прави нова неправда откако веќе го промени и уставното име. Во дискусиите се слушна и дилемата дали марихуаната може да стане нова пречка за Македонија.

Пратеникот во хрватскиот Сабор, Бојан Главашиќ вчера, на маратонската седница на хрватскиот Сабор, повторно го покрена прашањето за проблемот што Македонија го има со блокадата на нејзините европски интеграции наметната од Бугарија. Тој најнапред изрази незадоволство затоа што неговото пратеничко прашање упатено пред два месеца до премиерот Андреј Пленковиќ за тоа што Хрватска направи или прави како членка на ЕУ за да ѝ помогне на Македонија да се отстрани бугарската блокада и да ги отпочне преговорите со Унијата, остана без одговор иако деловнички требаше да биде одговорено во рок од триесет дена. Иако на вчерашната седница Пленковиќ не беше присутен, тој изрази надеж дека одговор ќе даде министерот за надворешни и европски работи.

Во своето обраќање пред пратениците Главашевиќ, кој е независен пратеник, а дејствува во рамки на пратеничката група на Зелено-левиот блок, оцени дека Владата е нетранспарентна и дека не ја вклучува јавноста во поглед на политиката на Загреб во рамки на членството во ЕУ. Притоа, Главашевиќ, цитирајќи ја државната секретарка за Европа Андреја Метелко Згомбиќ дека „чуда" постигнала Хрватска за време на своето претседателствување со ЕУ во првата половина од минатата година, (поради ковид-кризата) го потсети Саборот дека за проблемот на Македонија не е кажано ништо, ниту како таа „чудесна политика се одразила врз третманот на Македонија во рамките на ЕУ". Додаде и дека премиерот Пленковиќ има дадено само една „бледа изјава за медиуми дека се надева на решение".

„Македонија е земја со која делиме многу силни историски, културни и други врски и Хрватска треба да ѝ биде најдобрата пријателка на нејзиниот европски пат. Да потсетам дека Македонија првиот ден кога дел од Хрватска беше погоден од катастрофален земјотрес донесе одлука за финансиска помош во износ од 100 илјади евра, а само два часа по веста за земјотресот македонскиот премиер Зоран Заев му се обрати на премиерот Пленковиќ со поддршка и со подготвеност да помогне согласно потребите на Хрватска", рече Главашевиќ пред пратениците.

Тој потоа ја прочита пораката од Заев до Пленковиќ на македонси јазик, онака како што е напишана, велејќи дека е убеден дека сите ќе ја разберат без превод.

Главашевиќ потсети дека токму Хрватска на своја кожа почувствува што значи блокада на европскиот пат, кога таква политика на сопирање на европската интеграцција спроведуваше Словенија, и дека токму блокадата од Јанез Јанша на земјата ѝ нанесе многу штети и уназадување на целиот процес.

„Можеме ли со мирна совеест да гледаме како речиси идентична работа ѝ се случува на Македонија и да не превземаме ништо? Добрите пријатели не ги затвораат очите пред неправдата, а верувам дека сакате да бидеме добри пријатели со Македонија. Треба ли да е потсетувам дека Македонија веќе беше принудена да направи големи отстапки, па сепак трпи нова неправда", рече пратеникот.

На говорот на пратеникот Главашевиќ се надоврзаа неколку пратеници пред да му дојде ред на министерот.

Марко Павиќ од владејачката ХДЗ негираше дека постои вина на хрватската влада. Тој рече дека кога Хрватска го презеде претседателството со ЕУ, „некои држави се обидуваа да го убијат проширувањето и кои наметнуваа нова методологија за тој процес".

Но, како што нагласи Павиќ, токму со организирањето на Загрепскиот самит Хрватска го врати проширувањето во агендата на ЕУ.

„Да не беше Загрепскиот самит, сега ќе немаше што да се блокира, а земјите кандидатки ќе останеа надвор од процесот. Направивме максимум во време на криза, тоа се гледа и сега, со заклучоците во поглед на вишокот вакцини против ковид-19 за земјите од Западен Балкан", рече Павиќ.

Маријана Петир, независна пратеничка која дејствува во рамките на пратеничката група на ХДЗ, оцени дека ги цени напорите на Владата да се заживее пристапниот процес низ утврдена методологија за Македонија и Албанија.

„Неправеден е статусот на Македонија. Таквото подметнување нога на чекорењето на Македонија кон ЕУ треба да престане", рече Петир.

Иван Ќелиќ oд ХДЗ во реплика до Петир рече дека и тој го поддржува влезот на Македонија во ЕУ, но нагласи дека има и еден дополнителен проблем:

„Тоа е нешто за што зборуваа Холандија, Данска и Франција, а се однесува на нелегални супстанци. Имено, две тони марихуана се украдени од легално поле за одгледување на марихуана за медцински цели. Од друга страна, имаме изјави на Заев за легализација на марихуаната, што можеби е проблематично", рече Ќелиќ.

Петир во контрареплика рече дека Ќелиќ говори за работи од најнов датум и потсети на вистинските, како што рече, проблеми.

„Проблемот со интеграција на Македонија е стар 15 години кога земјата беше подготвена за преговори, но беше ставена во чекалната затоа што некому не му се допаѓаше нејзиното име. И сега кога таа земја ја прескокна таа неправедно поставена пречка, ѝ се поставуваат нови пречки", рече Петир.

Поранешниот шеф на дипломатијата Давор Иво Штиер ги отфрли тврдењата на Главашевиќ и рече дека Хрватска настојува да се одржи во живот процесот на проширувањето, оценувајќи дека за нови интеграции веројатно ќе помине доста време. Штиер не ја именуваше ниту еднаш Бугарија и во својот говор не именуваше на кои други земји мисли:

„Во врска со истата тема, постои востановен став дека кога помала земја членка блокира друга земја дека всушност тоа не би можела таа земја да го прави без да има поттик од друга, поголема членка. Затоа не може да говориме едноставно за позицијата на Хратска во тој поглед, верувам дека тој процес на проширување ќе се случи, но не така брзо. За Хрватска е битно да опстои перспективата на земјите од Западен Балкан".

Актуелниот министер за надворешни и европски работи Гордан Грлиќ Радман на крајот од расправата изјави дека токму македонскиот вицепремиер Никола Димитров и шефот на дипломатијата Бујар Османи за време на посета на Загреб искажале благодарност до хрватската Влада за поддршката во рамки на ЕУ.

„Во 2019 година Хрватска, Романија, Грција и Бугарија во Њујорк потпишаа декларација за побрза интеграција на Северна Македонија во ЕУ. Нова методологија потоа воведе Франција, со Холандија и Данска. Нас тоа не нѝ одговораше, па испреговаравме со Париз таа нова методологија да се приспособи кон Северна Македонија и Албанија. Тоа е наш успех, не може да се добие датум за отворање на преговори без рамка од ЕУ. Хрватска безрезервно поддржува датум за преговори за Северна Македонија, таа земја неправедно беше во заложништво заради името. Ние со задоволство би ја виделе со нас како членка на ЕУ", одговори министерот.

Пратеникот Бојан Главашевиќ кој ја предизвика расправата за Македонија во Саборот, на крајот оцени дека му е драго што може да се забележи дека се разбуди свеста во владејачката гарнитура заради тоа што Македонија и Албанија добија лош третман во рамки на ЕУ и дека тоа е и спротивно на државните интереси на Хрватска. Рече дека чита македонски медиуми и предупреди дека се забележува тренд кај познати новинари да ја критикуваат Унијата и да изразуваат сомнеж дали ЕУ е вистинскиот пат за земјата.

По седницата која заврши во вечерните часови, во изјава за МКД.мк Главашевиќ рече дека е задоволен што се расправаше за Македонија, иако не го добил бараниот одговор од премиерот Пленковиќ.

„И понатаму ќе инсистирам на поактивен и пријателски однос на Хрватска кон Македонија. Брзата и солидарна акција на македонската Влада по разорниот земјотрес во Петриња, ја потврди старата изрека дека во неволја се покажува кој ти е вистинскиот пријател. Хрватска треба на Македонија да ѝ возврати на пријателството, не затоа што сме ѝ должни, туку затоа што е така правилно како и заради нашата заедничка историја и култура, практично, затоа што сме семејство", рече Главашевиќ за МКД.мк.

Панта Џамбазоски


Реакцијата на семејството и блиските во однос на пандемијата е пресуден фактор кој влијае на емотивната состојба, размислувањата и однесувањето на младите.

повеќе

Можеби по нас ќе дојдат некои нови клинци што прегрнати ќе го слушаат мртвиот Џоле и ќе го разберат подобро отколку што го разбравме ние на кои со години жив на глуви уши ни пееше за љубовта.

повеќе

За државата Македонија, Македонците се посебен народ со повеќевековна традиција, кои зборуваат, творат, се радуваат и тагуваат на македонски јазик, веќе со векови, во и надвор од територијата на нашата држава.

повеќе