Скопје-Софија

Бугарија сака поголемо присуство во Македонија преку компании, медиуми, универзитети...

Бугарија посакува да го зголеми своето присуство во Македонија и да влијае на општествено-политичките процеси преку свои компании и медиуми или со телевизија на бугарски јазик, а како што објави бриселски „Еуроактив“ предлага и отворање кампуси на бугарските универзитети во Македонија. Од Софија праќаат пораки да се смират емоциите на релацијата со Скопје и да се најде решение, за што е неопходно враќање на довербата, со укажување дека илузорно е да се верува оти евентуална смена на власта по изборите во март, би ја омекнала позицијата на Бугарија за разликите со Македонија.

Германија ја реафирмираше поддршката за отворање на преговорите за пристапување на Македонија со ЕУ. Амбасадорката на Германија во земјава Анке Холштајн вчера изјави дека отворањето на пристапните преговори на Македонија со ЕУ треба да се случи и оти се надева дека ќе успее да го постигне тоа оваа година.

„Нема друга атернатива. Исполнети се сите услови од страна на Северна Македонија“, изјави Холштајн по предавањето донација од возила и опрема за граничната полиција.

Според неа, во текот на следните недели многу е важно да има соработка меѓу Македонија и Бугарија во оние области и сегмени каде нема разлики во мислењата, со што, вели, ќе се докаже дека постои добра соработка. Во рамки на тројното претседателство со Португалија и Словенија, германската амбасадорка најави дека ќе продолжат со напорна работа со цел постигнување отворање на пристапните преговори со земјава.

„Како и претходно и понатаму немаме план Б. Она што преостанува е отворање на преговорите за пристапување на Северна Македонија во ЕУ, преостанува продолжување на разговорите за пристапување“, изјави Холштајн

Бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева во интервју за софискиот весник „Труд“ вчера изјави дека емоциите мора да се смират, и во Скопје и во Софија, и да се најде решение. Таа смета дека излезот од сегашната ситуација во односите меѓу Скопје и Софија лежи во враќањето на довербата.

„Ние работиме во оваа насока. Не застанавме, не се откажавме во никој случај. Ние работиме заедно на јасен план во спроведувањето на нашиот договор – да го надополниме изгубеното време. Постојат многу практични и јасни обврски што двете страни мора да ги прифатат, мора да има јасна определба дека работата на заедничката историска и образовна комисија повеќе нема да престане еднострано. Ние сакаме да видиме заложби, какви и одлуки да се донесат, тие не треба да останат само на ниво на одлуки на членовите на комисијата, туку да станат јавни, да влезат во учебниците. Се надевам дека кога ќе се вратиме на нашите заложби, ќе се врати довербата“, наведува Захариева.

Според неа, излузорно е да се верува и дека при евентуална смена на власта во Бугарија по изборите во март, Софија би омекнала во својот став кон земјава и би отстапила од некои од своите барања.

„Ова се слуша од минатата година. Но, ретко, многу ретко, бугарскиот Парламент донесува едногласна одлука за кое било прашање. Ова беше случај со Рамковната позиција за Република Северна Македонија. Така што не очекувам нешто такво“, истакнува Захариева повторувајќи го ставот дека поддршката за европската перспектива за Македонија не е безусловна.

Во меѓувреме, во наредниов период се очекува властите во Скопје да ги разгледаат коментарите што пристигнаа од Софија на македонскиот предлог Акциски план, по што ќе биде изградена јасна позиција на земјава во обид за враќање на довербата меѓу Македонија и Бугарија и одблокирање на нашиот европски пат.

По посетатата на Софија во понеделникот, на специјалниот пратеник за Бугарија, Владо Бучковски, и неговата средба со шефицата на дипломатијата Захариева, бугарското Министерство за надворешни работи соопшти дека Бугарија предложила „акциски план за соработка со Република Северна Македонија во спроведувањето на Договорот за пријателство“ и оти документот се однесува на сите ресорни министерства, а се очекува да биде потпишан на следниот состанок на Заедничката меѓувладина комисија (согласно член 12 од Договорот).

Меѓутоа, шефот на дипломатијата Бујар Османи појасни дека тоа што е добиено од Софија всушност е бугарско гледање на нашиот Акциски план, односно „размена на идеи по однос на тој план“.

Предлог Акцискиот план за имплементација на Договорот за пријателство од 2017 година земјава го достави до Бугарија кон крајот на минатата година.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицковски вчера ја повика Владата да го покаже документот од, како што рече, „12 точки“ за кој преговара со соседна Бугарија, а премиерот и надлежните министри да се охрабрат и да присуствуваат на дебатата во Парламентот што ја организира опозицијата. Тој, на новинарско прашање на прес-конференција, рече и дека останува на ставот дека со Бугарија се разговара за македонскиот идентитет.

Во планот што завчера министерката за надворешни работи Екатерина Захариева му го предаде на специјалниот владин претставник Владо Бучковски имало и предлози поврзани со железницата, патиштата и инвестициите на бугарските компании.

Од македонска страна се предлага доизградба на Коридорот 8, соработка во образованието, економијата и културата. Завчера Бучковски се сретнал со истакнати културни дејци и разговарале на кои начини може да се зголеми културната размена меѓу Бугарија и Македонија.

Но, и покрај оптимизмот и во Скопје и во Софија, заменик директорката на Европскиот совет за надворешни односи (EЦФР), Весела Чернева во изјава за бугарскиот весник „Дневник“ вели дека придвижување во спорот меѓу двете земји може да има само ако дојде до промена на владејачката коалиција во Бугарија.

 „Конкретно за Северна Македонија не гледам дека оваа Влада има желба и намера да прави што и да било до март, така што за напредок можам да зборувам најрано кон средината на годината“, наведува Чернева, оценувајќи дека наместо Скопје да ја „турка“ оваа тема во предизборието во Бугарија, двете земји треба да се посветат на конкретни проекти.

Според Чернева, вметнувањето на прашањата од историјата во процесот на проширувањето претставува опасност,  бидејќи ако историскиот реванш се промовора преку ЕУ, таа би се распаднала.

„Се надевам дека Бугарија ќе ги запре овие обиди, бидејќи ова дополнително ќе ја изолира и ќе си направи да и е потешко. Видовме дека не само Чешка, Словачка и Германија, туку и сите 26, јасно ставија до знаење дека не го прифаќаат бугарскиот аргумент. Дури и соседите како Грција и Романија, на кои Бугарија теоретски би требало да може да се потпре, не покажаа соседска солидарност“, оценува Чернева.

Таа, сепак, не е оптимист околу напредок во проширувањето за време на португалското и словенечкото претседателство со ЕУ во текот на оваа година.

„Мислам дека ќе биде многу тешко да се постигне напредок. Концептот за проширувањето ќе биде разгледан политички, затоа што ако само кажеме дека проширувањето постои, а во практика е невозможно да се исполни, тоа ги демотивира земјите кандидати. Пристапот „ние ги лажеме дека ги сакаме, тие не лажат дека ни веруваат“ – повеќе не функционира, вели Чернева, оценувајќи дека Бугарија само ја завршила „валканата“ работа околу застојот во проширувањето и затоа и молчат другите земји на кои им одговара ваквиот развој на настаните.

Западен Балкан оди во насока на целосна контрола на државните институции во служба на политичките елити. Не е чудо што граѓаните имаат ниска доверба во овие институции.

повеќе

Граѓаните се преморени од бескрајните, приказни на предавници и патриоти, тирански платформи, договори со Грција, Бугарија, рекети, пописи, тендери,

повеќе

Критичкото малцинство, на 2020 година не гледа само како на година која ја донесе вирусната пандемија, туку и како на година која донесе и еден друг вид на пандемија, онаа на КОВИД-авторитаризмот.

повеќе