За новите случаи на СЈО

Брза реакција на Груевски за СЈО: Нови фабрикувани случаи, ова е политички прогон за промена на името

Новите шест истраги на СЈО се само продолжување на политичкиот прогон кон сегашни и поранешни високи функционери на ВМРО-ДПМНЕ, а во контекст на слабеење на позициите на партијата и нејзини поединци, како и во контекст на промената на името по неуспешниот референдум, реагираше синоќа на својот фејсбук-профил поранешниот премиер Никола Груевски по објавувањето на новите шест истраги на Специјалното јавно обвинителство.

За Груевски нема никакви сомневања дека Владата додека тој бил премиер работела посветено и привлекувала странски инвестиции.

„Очигледно, од илјадници инвеститори и компании кои работеле во Република Македонија избрани се компании од Русија, Турција и Кина, со цел да се создаде слика дека ВМРО-ДПМНЕ било политички и економски ориентирано кон овие држави за да тоа, а не кон НАТО и ЕУ државите, иако јавно е позато дека по сите параметри, независно дали е увоз-извоз или странски инвестиции, над 90 отсто од соработката се со компании од држави членки на ЕУ и НАТО, како Германија, Британија, Америка, Белгија, Италија, Холандија итн“, напиша Груевски.

За случајот со Балканскиот универзитет тој вели дека земјиштето на кое се изгради универзитетот било продадено на јавна електронска лицитација на која можеа да конкурираат и други кандидати од областа образование и дека цената од 1 евро квадрат била почетна цена која некогаш кога немаше други кандидати била и конечна. „Пред доаѓањето на ВМРО на власт имавме во изобилство неизградена земја низ градовите и селата, локации полни со шут и ѓубре и 39 отсто невработени луѓе, односно само 560 илјади вработени. Со новите политики на ниски почетни цени на земјата вработеноста од 560 илјади луѓе се искачи на 740 илјади вработени, а невработеноста опадна од 39 на 22 отсто. Промената на уредбата на почетната цена на земјата не ја сменил еден човек, туку е сменета со одлука на Владата и важи за сите. Нашиот однос како Влада кон сите инвеститори беше крајно пријателски и тоа многу помогна да ги убедиме инвеститорите да инвестираат во Македонија. Патем речено, да напоменам дека од она што јас го знам инвеститор и сопстевеник на Балканскиот универзитет во Скопје се фондации и НВО кои се и хуманитарни и добротворни организации и во чии управни одбори членуваат првите луѓе на најголемите турски компании како Ефес Пилсен, Кока кола, Ваикики, Халк банка и повеќе други“.

Распределбата на средствата за јавни кампањи владата го вршела во целост согласно закон, откако претходно на јавен оглас ангажирала специјализирана куќа за медиа планирање, вели Груевски.

„Владата никогаш сама, без критериум и надвор од закон не вршела распределба ниту одлучувала каде и колку средства за кампањи ќе се наменат. Ваквиот начин на финасирање на владини кампањи е присутен и во речиси сите други развиени држави. Не случајно кога своевремено СДСМ го критикуваше законот по кој се распределуваа средствата за медиумски кампањи, немаше одговор на нашата понуда да предложат друг закон, но тој закон да е од некоја понапредна и поразвиена држава. Оттука, никакви државни средства не биле незаконски префрлани на наводни преземени медиуми. ВМРО-ДПМНЕ ниту имало ниту поседувало медиуми“, напиша поранешниот премиер.

За него нема сомневање дека овие случаи се всушност класичен политички прогон од политичките противници за што преку закани од различен тип ги контролира најголем дел од медиумите, кои притиснати од тоа давале поддршка на политиките на владата и политичкиот прогон и фабрикувани случаи и монтирани случаи, под притисок и како што бара СДСМ.

„Останатите 4 случаи се исто така празни и фабрикувани. Само човек кој не ги разбира или несака да ги разбере можностите за доаѓање до средствата кои Македонија 20 години се обидуваше да ги добие од Руската Федерација како средства од поделбата на побарувањата на поранешните републики од поранешната СФРЈ може од тој успех да креира истрага.

Тука на СЈО можам да им препорачам две работи. Нека испитаат како и зошто во време на СДСМ, Македонија прифатила долгот од 90 да се сведе на околу 60 милиони долари. И нека проверат и пресметаат зошто СДСМ не успеала да ги повлече и искористи тие пари како долг кон нас и колку е загубено што тие пари не дошле пред 10 или 20 години во Македонија.

Само влада која го тераше народот да се вози во 20 години стари и амортизирани автобуси може да има комплекс на друга влада која речиси комплетно го обнови автобускиот возен парк во главниот град со нови и најсовремено опремени автобуси и при тоа еден дел од автобусите заради туристички имиџ и атракција ги набави во ретро дизајн“. 

„Накратко, политичкиот прогон кој се спроведува преку СДСМ продолжува и се интензивира. СЈО не е ниту независна, ниту неполитичка ниту непристрасна институција. СЈО е класичен инструмент за репресија кон политичките неистомисленици и што подолго одржување на власт на СДСМ“, напиша Груевски.

 

Што е потребно младите велешки занаетчии да не станат самоубиствени гемиџии, туку да ги тераат своите замисли напред.

повеќе

Брзата храна и газираните пијалоци се водечки причинители на прекумерна телесна тежина, која пак значително го намалува нашиот животен век и квалитет на живот.

повеќе

Процесот на проверка не треба да почне од правосудниот систем, туку од извршните претставници и членовите на парламентот, и тоа не само оние кои се на власт денес, туку и оние кои со години ја водеа земјата.

повеќе