Брнз: Ветото на Бугарија носи бројни ризици, важно е преговорите со ЕУ да почнат што е можно побрзо

Разочарани сме од ветото на Бугарија поради бројни причини, прво затоа што веруваме дека Северна Македонија беше подготвена да го почне процесот на отворање и затворање на поглавјата со ЕУ, изјави во интервју за Гласот на Америка, американската амбасадорка во државата Кејт Мари Брнз.

Таа вели дека ветото носи ризик не само за Северна Македонија, туку и за ЕУ, како и за прашањата поврзани со процесот на проширување во целина.

Дали очекувате новата админстрација на претседателот Џо Бајден да изврши поголем притисок врз Бугарија да го тргне ветото?

- Прво би сакала да кажам дека САД се ангажирани во овој регион и во Северна Македонија со децении. Јас би кажала дека во изминативе неколку години и многу интензивно вклучени во поддршката на Северна Македонија да влезе во НАТО, во поддршката на нејзините аспирации и напори да се приклучи кон ЕУ, како и во проширување на економската соработка и регионалната соработка во целина. Јас верувам дека таквиот вид на соработка ќе продолжи, и се разбира пред се ќе биде фокусирана на нашата поддршка за евроатлантската интеграција на Северна Македонија. Тоа е основа на нашата политика овде, и има многу работа да се заврши, во смисла на поддршка на реформската агенда, како и да осигураме дека пристапниот процес во ЕУ оди напред.

Северна Македонија привремено ги стопираше официјалните преговори со Софија, со најавa тие да продолжат по изборите во Бугарија во април. Дали сметате дека тоа е добар потег, и што би можеле Владите на двете држави да направат овојпат, а што не беше направено претходно, за да има позитивен исход за државата?

- Важно е билатералните разговори да продолжат во некоја форма, а мислам дека тоа го препознаваат двете страни. Се надевам дека тие дискусии ќе продолжат на конструктивен начин и на соодветен начин за двете држави, и во инетрес на двете држави. Одвоено од тоа, важно е теренот да се држи подготвен и да се одвиваат преговорите за пристапниот процес во ЕУ. Веруваме дека Северна Македонија има покажано оти е подготвена за нејзината прва меѓувладина конференција, која се надеваме дека се` уште ќе може да се случи што е можно побрзо. Ние сме охрабрени што Португалија истакна дека проширувањето на ЕУ во целина ќе биде приоритет и за време на нејзиното претседателство.

Дали сметате дека бугарското вето отвора простор за надворешно влијание, особено од Кина и од Русија? Дали сте разочарани од Бугарија, со оглед на тоа што таа е НАТО членка?

- Очигледно е дека бевме многу разочарани од одлуката на Бугарија да го блокира почетокот на пристапниот процес минатата година, и ние ќе продолжиме да правиме тоа што можеме, за да осигураме билатералните прашања да се решаваат преку билатерални канали, и оти добрата волја и постојаните напори што Северна Македонија ги презема за да ги води билатералните разговори со Софија да продолжат на позитивен начин, одвоено од политичката реторика. Има држави кои не ги делат истите визии за Северна Македонија во Европа, и кои не ги делат вредностите за Европа, како слободна и обединета, каде има долготраен мир и стабилност. Тие можеби ќе гледаат да ја искористат ситуацијата за нивен стратешки интерес. Јасно е дека Русија и Кина не ја делат таа визија и мислам дека ова е нешто што сите треба да го имаат предвид. Затоа е особено важно пристапниот процес во ЕУ да се движи напред што е можно побрзо.

Државата ги очекува првите вакцини против ковид-19. Но, како да се убедат граѓаните да се вакцинираат, и да се спречи ширењето на дезинформации поврзани со безбедноста на самата вакцина?

- Најважни состојки за довербата на јавноста се отворен дијалог со граѓаните и точни информации. Разбирам дека има некои кои се загрижени за примање на вакцината против ковид-19. Треба да се осигура граѓаните да ја разберат програмата и да носат одлуки базирани на факти. Додека вакцината против ковид-19 се развива многу брзо, нејзината безбедност е врвен приоритет на американските и европските производители. И низ фазите на развој има процедури кои се воведени за да ја осигураат безбедноста. Има ригорозен процес на одобрување, и во Европа, и во Америка. Мислам дека е важно луѓето да ја разберат важноста да бидат вакцинирани, прво за да се заштитат лично од болеста, и второ да ги заштитат членовите на семејствата и саканите. Бидејќи колку повеќе од нас се вакцинираат, толку побезбеден ќе биде секој. Јас имам намера да се вакцинирам штом вакцината ќе биде достапна, и се надевам дека и другите ќе го направат тоа.

Северна Македонија се подготвува за попис наскоро. Опозицијата, пак, најави дека ќе се обиде да го блокира. Зошто е важно државата да го заврши пописот?

- Пред се, многу сум среќна што Законот за попис помина во Парламентот. Уште повеќе што помина со поддршка на два опозициони партнери, и владината коалиција. Ова е важен чекор. Северна Македонија немала попис речиси 20 години, а тоа се одрази врз процесот на водење на политиките, бидејќи точните податоци за населението се важен дел во планирање на иднината. Очекуваме дека Владата ќе осигура пописот да го направат професионалци, што ќе обезбеди инфорамции кои ќе ѝ помогнат на државата во однос на иднината.

Поддржувачи на поранешниот претседател на САД Доналд Трамп неодамна упаднаа во Конгресот, што многумина во Македонија го споредија со нападот на Парламентот во 2017 година. И додека во САД веќе има над 300 отворени истраги против лица вклучени во нападот, а Трамп беше отповикан од Претставничкиот дом, во Македонија има одолжени судски процеси, без политичка одговорност. Дали сметате дека државата има направено доволно во однос на реформите во судскиот систем и владеење на правото?

- Споредбите меѓу владионот одговор на САД кон немирите на 6. јануари во Вашингтон, со одговорот кон нападите врз македонскиот Парламент во 2017 година се тешки, бидејќи правните ситеми и процеси во двете држави се доста различни. Овде во 2017 година, САД , исто така, ги осудија нападите, и го изразивме нашето очекување да има истрага за тие што се вклуечни во инцидентот, да се поднесат обвиненија и прогонот да продолжи пред фер, независно и непристрасно судство. Она што го видовме е дека многу луѓе беа обвинети, има пресуди во некои случаи, а некои случаи се` уште се одвиваат. Во Северна Македонија има одлични напори да се зголемат реформите во судскиот систем, има неодамнешни најави, конкретно фокусирани на чистење на судството, за судската транспарентност, дигитализација и адресирање на проблемите со корупцијата. Но, крајно треба да се осигура да има правда за сите, судска независност, транспарентност, правен и етички кодекс кој секој треба да го почитува. Ова не е нешто што се применува еднаш, туку мора да биде посветена заложба и процес, исто како што е во САД. Ние сме посветени да продолжиме да работиме со локалните пратнери и со меѓународната заедница да ги поддржиме судските реформи и пошироката реформска агенда, како дел од демократија на Северна Македонија.

Кај нас има политичари против кои се водат криминални истраги, а тие и натаму се на функција и влијаат врз формирање на јавното мислење. Како би го искоментирале нивото на политичка одговорност во државата?

- Одговорноста е клучна за довербата на јавноста. Од сите анкети што сме ги виделе, еден од најважните, ако не и најважниот фактор што граѓаните на Северна Македонија сакаат да го видат, е одговорноста од нивните владини лидери. Јас мислам дека тоа ќе продолжи да биде приоритет, не само во нашите програми, туку и во нашите пораки.

Како НАТО сојузници, на што работат САД и Северна Македонија во моментов?

- Имавме одличен состанок со министерката за одбрана, со која разговаравме за бројни цели. Мојот приоритет е Северна Македонија како најнова НАТО членка да биде подготвена колку што може за да биде активен придонесувач во Алијансата. Разговаравме за Буџетот за одбраната и модернизација на Армијата. Многу е важно Северна Македонија да ги исполнува нејзините заложби, односно да осигура дека 20 отсто од трошоците да одат за модернизација, од два проценти од бруто-домашниот производ што треба да се искористи за одбраната. Разговаравме за Криволак, кој што министерката би сакала да го види како врвен центар за обука на НАТО. Мислам дека колку повеќе Северна Македонија може да ги развие овие можности за обука, толку повеќе ќе придонесе во Алијансата и за регионалните вежби во целина, што е добро за Северна Македонија и одличен начин да ги демонстрира нејзините заложби кон НАТО.

Да бидеме реални: регионот на многу начини сè уште е претежно (погрешно) разбран и (погрешно) третиран и меѓународно се нарекува „бурето барут на Европа“.

повеќе

Јане бил свесен дека деновите му се одброени и отворено говорел за тоа. Знаел дека многумина имаат причина да го ликвидираат, дека им пречи во остварувањето на нивните „повисоки цели“.

повеќе

Во македонскиот интернет простор постојано се појавуваат и гаснат портали, со што засекогаш исчезнуваат и објавените содржини.

повеќе