Таа додаде дека фестивалскиот оган ќе гори сè додека постои нашата љубов кон Нејзиното Височество – Операта. „Мајските оперски вечери се повеќе од празник, тие се круна на децениските напори на генерации македонски уметници да создадат и да остават гласовна трага за долги времиња“, рече министерката за култура насочувајќи го вниманието и кон изложбата посветена на македонската примадона Милка Ефтимова.
„Тоа се тие генерации врвни уметници на кои им ја должиме сета наша почит зашто од нив научивме дека културата е мисија која прави чуда. Со задача да го промени и да го спаси светот“, рече министерката.
На премиерата на „Трубадур“ диригент беше Енрико Довико од Италија, сценограф Миодраг Табачки од Србија, костимите се на Марија Пупучевска, а кореографијата на Саша Евтимова.
Во операта „Трубадур“ настапуваат Зоран Сотиров, Марјан Јованоски, Сандра Митровска, Сања Анастасиа (Србија), Владимир Саздовски, Дејан Стоев, Ана Ројдева, Тихомир Јакимовски и Јане Дунимаглоски, како и Хорот и Оркестарот на НОБ. Репризата е на 11 мај, со диригентот Иван Еминовиќ и солисти од Канада и Чиле.
На Мајските оперски вечери ќе се изведат и балетот „Заспаната убавица“ на Чајковски (15 мај) со диригентот Најер Нагуи од Египет и солисти од Бугарија и операта „Валкира“ на Вагнер (18 мај), со која ќе гостува Софиската опера и балет.
Ќе биде изведена операта „Тоска“ (23 мај) со Весна Ѓиновска-Илкова во насловната улога, а ќе има изведба и на камерната опера „Свадба“, со која на 28 мај ќе гостува Словенечкиот камерен музички театар од Љубљана.
Традиционално, Мајските оперски вечери ќе завршат на 31 мај со Вердиевата „Аида“.