Според, Брнз, билатералните спорови меѓу земјите треба да се решаваат надвор од процесот на интегрирање.
„Разочарани сме што Бугарија го блокира прогресот. Навистина е важно, и ние продолжуваме да комуницираме за ова во Бугарија и во Северна Македонија двете земји да продолжат да ги решаваат билатералните спорови надвор и одвоено од процесот на евроинтеграциите“, изјави Брнз.
Американската амбасадорка, во интервјуто, ги повикува сите политички партии да се обединат околу двата клучни предизвици со кои се соочува земјата – борбата против Ковид-19 и спроведување на реформите за членство во ЕУ.
„Прва работа што ја бараат граѓаните се решенија. Многу е лесно да се укаже на предизвиците, да се критикува, но она што е тешко, е да се работи заеднички на ефективни решенија. Се надеваме дека опозицијата, но и сите политички партии, сите организации ќе застанат зад овие две цели. Прво да се заштити нивното здравје и здравјето на граѓаните и второ да инвестираат во позитивна иднина која доаѓа со реформската агенда и напредокот на евро-атлантскиот пат“, изјави Брнз во интервју за телевизија Телма.