Отворено писмо до ООН, ЕУ и САД

Брисел да почне истрага за издавањето бугарски пасоши за Македонци

Условите што Софија ги поставува за добивање на државјанство се навредливи, недостојни и нечовечни и има за цел одродување на Македонците.Тоа е недостојно и за Европската Унија доколку продолжи да го толерира ваквото однесување. Во целина, кон Македонија и кон македонскиот народ, бугарската држава ја спроведуваат филозофијата на хиената, се вели во писмото на Македонски манифест, кое го пренесуваме во целост.

Република Македонија е либерална држава во однос на припадноста на нејзините граѓани. Голем број жители имаат и туѓи државјанства, во согласност со регулативите на другите земји, и тоа не предизвикува никакви проблеми.

Сепак, регистрирана е појава која предизвикува загриженост во земјата и особено кај нас, членовите на движењето Македонски манифест. Откако Бугарија стана членка на ЕУ и се здоби со поволностите во однос на визниот режим со другите членки на Унијата, Софија почна да води тенденциозна, некоректна и злонамерна политика кон Македонија.

Свесна дека македонските граѓани беа соочени со крајно рестриктивен визен режим од страна на ЕУ, и имајќи ги предвид економските тешкотии со кои се соочи земјата после распадот на Југославија и проблемите на нејзиното етаблирање на меѓународната сцена, Бугарија официјално воведе и разработи систем и механизми за што повеќе македонски граѓани да земат бугарско државјанство.

 

Историски факт е дека Софија настојува да го бугаризира идентитетот на македонскиот народ и неговата држава. Таа не ги прифаќа Македонците како издвоен, посебен народ туку тврди дека се тие неосвестени „Бугари“, а македонскиот јазик го смета како дијалект на бугарскиот. Тоа е неодржлива, антиисториска позиција на Бугарија која, за жал, се’ уште опстојува.

Бугарската широкоградост кон Македонците кои имаа(т) интерес да земат бугарско државјанство и пасоши е резултат токму на горниот синдром. И на овој начин Софија сака да покаже дека во Македонија сите се „Бугари“, а не Македонци. Тоа е однапред изгубена битка бидејќи сите апликации за бугарски пасоши се резултат на економските проблеми и политиката на изолација која долго време ја води ЕУ кон Македонија и немаат никаква врска со изразување на било какво бугараштво. Луѓето земаа(т) бугарско државјанство само поради пасошите, за да можат да работат во Унијата.

 

Македонците што примиле и примаат бугарско државјанство и пасоши го прават тоа бидејќи се убедени дека така полесно ќе добијат работа низ Европа. На тоа ги принудила невработеноста и сиромаштијата, а бугарската држава ја злоупотребува нивната несреќа уценувајќи ги да се побугарчат.

 

Дека е тоа точно потврдува следното – а) откако беше либерализиран визниот режим за Македонија, побарувачката на бугарски пасоши е намалена на минимум, и б) барателите на пасоши беа главно поединци кои одеа на работа во европските земји, а не земаа државјанство и за другите членови на семејството. Доколку земањето на државјанство навистина беше израз на некакви бугарски национални чувства, тогаш тие секако ќе се земаа и за целото семејство, што е крајно редок случај.

 

Меѓутоа, високо почитувани, главниот проблем е во фактот што оваа своја политика Софија ја спроведуваше на нелегален, непринципиелен и неевропски начин. Условите кои беа поставени за добивање на државјанство беа навредливи, недостојни и нечовечни. Секој барател требаше да потпише изјава дека и тој, неговиот татко, дедо, прадедо... – биле или се „Бугари“!

Широкото делење на „бугарски пасоши“ има за цел одродување на Македонците. Бугарскиот политички врв има мефистофелски план за разнебитување и уништување на македонската држава и на автентичниот национален идентитет на народот без да се почитуваат европските цивилизациски норми. Тој ги игнорира индивидуалните и колективните идентитети на луѓето. Наместо да ја промовира филозофијата на универзални вредности, на правдата и хуманоста, Софија нè враќа стотина и повеќе години назад во историјата. Тоа не и прилега на бугарската држава и недостојно е за Европската Унија доколку продолжи да го толерира ваквото однесување.

 

Во целина, кон Македонија и кон македонскиот народ, бугарската држава и нејзините официјални претставници ја спроведуваат филозофијата на хиената. Филозофија што се базира на бескомпромисна мршојадна грабливост кон жртвата која се наоѓа во незавидна положба. Тоа е дијаметрално спротивно на вредностите кои ги пропагира и спроведува Унијата.

Ваквиот начин за добивање државјанство веројатно е единствен случај во ЕУ кој заслужува внимание и истрага од надлежните служби во Брисел. Покрај другото, политиката на врбување на што повеќе Македонци да станат „Бугари“, е спротивна на целите кои сака да ги реализира Унијата.

Бугарската влада, со блокада на членството во Европската Унија, ја уценува Македонија да ја усогласи сопствената историја според бугарски оценки и „вистини“. Тоа е уште еден преседан во цивилизацискиот свет. Паралелно, Бугарија инсистира на потпишување на едностран договор за добрососедство и соработка, со кој Македонија, макар имплицитно, треба да прифати дека нема ниту македонски народ, ниту македонски јазик, туку дека сите Македонци се „Бугари“!

И ООН и ЕУ се веќе запознаени дека македонското малцинство во Бугарија нема никакви права; дека не можат на попис да се определат како Македонци; дека им е забрането да се организираат во културни, уметнички или политички друштва кои носат предзнак македонски.

Затоа, високопочитувани, ве молиме да се заинтересирате за горните политики, случувања, намери и пракси и да преземете мерки кои се во ваша надлежност за да престане овој своевиден геноцид кон Македонците од страна на Бугарија.

Македонски манифест

(Текстот е одговор на колумната „Сите нации се модерни конструкти" од д-р Љубица Спасковска објавена на МКД.мк, 1 август)

повеќе

На мојот пријател, овчарот Митко му реков: „Дојде време ти, јас, сите граѓани на Македонија да си го вратиме суверенитетот на оваа наша држава".

повеќе

Неопходно е да се допрецизира законот со што би се овозможило одреден дел од финансиски средства да се пренасочат кон делот на општествена одговорност на приредувачите на игри на среќа со цел подобрување на спортската инфраструктура.

повеќе