Брисел бара нормално продолжување на работата на СЈО, партиите бараат брза разврска на „Рекет“

Европската комисија бара истрагите за илегалните прислушувања да продолжат и покрај оставката на специјалната обвинителка на СЈО Катица Јанева, односно нејзиното поврзување со актуелниот случај „Рекет“. Сите политички партии во Македонија бараат брзо расчистување на овој случај.

„Важно сите парламентарни политички партии да продолжат да работат за наоѓање одржливо решение за статусот на Специјалното јавно обвинителство. Европската Унија потсетува дека е важно да се продолжи со воспоставување отчетност за криминалите што произлегуваат и се поврзани со илегалните прислушувања“, се вели во соопштението од ЕК.

ВМРО-ДПМНЕ смета дека за СЈО веќе може да се зборува во минато свршено време. „Кредибилитетот на ова обвинителство е целосно уништен и не постои шанса да продолжи да функционира во облик како сегашниот“, вели Христијан Мицкоски, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ кој побара на Јанева да ѝ биде одреден притвор, а Јавното обвинителство да се охрабри и чесно да ја води истрагата кон нарачателите на рекетот.

Според Мицкоски, станува збор за втор криминален октопод на СДСМ предводен од Зоран Заев, но овој пат, поголем со изразено криминално рекетарска медиумска спрега на високи функционери на власта. Овој втор криминален октопод, смета Мицкоски, е милје сочинето од неформален сопственик на медиум, обвинители чие дејство не може да биде возможно без поддршка од власта каде што имаме злоупотреба на медиум, тргување со правдата, финансиски интереси и политички мотиви.

„Никаде ги нема фамозните Фрики и Кики, кои заедно со првообвинетиот, како што се говореше во некои написи, вршеле уцени, изнуди и влијанија. Мојот сомнеж, а и на ВМРО-ДПМНЕ, е дека во сето ова се вклучени директно лица од самиот врв на власта“, рече Мицкоски, алудирајќи на два пратеника од СДСМ, кои до скоро беа на видни функции во партијата.

Зачувување на интегритетот на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) е примарниот интерес на обвинителите и истражителите во СЈО, изјави вчера обвинителката Ленче Ристовска во име на тимот на СЈО. Дејствијата на поединци, според неа, не ги отсликуваат сите во обвинителството и не смее да ги доведат во прашање постапките што се водени досега.

Премиерот Зоран Заев  во интервју за МИА е дециден дека законот мора подеднакво да важи за сите без разлика за кого станува збор.

„Во случајот веќе има двајца осомничени, а како што слушнав од медиумите е конфискуван и телефонот на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева за да утврди дали постои конекција меѓу неа и првоосомничениот. Поради тоа што се работи за високо позиционирана личност тоа дава мотив за секаков вид политички шпекулации. Според мене, Јавното обвинителство треба да каже дали таа е злоупотребена во целиот овој процес или инволвирана во овој процес. Тоа е коректно да се каже, бидејќи се злупотребуваат секаков вид на аругменти за да некој прави политички конструкции или слично“, рече Заев и додаде дека отворањето на овој случај значи дека земјата има организиран систем којшто си ја врши својата работа.

„Ја почитуваме пресумпцијата на невиност, но истовремено сите индиции и докази мора до крај да се процесуираат за да се докаже невиноста или вината на кој било инволвиран во истрагите, рече Заев во интервјуто за МИА давајќи коментар на последните случувања во врска со истрагата „Рекет“ во која Бојан Јовановски и Зоран Милевски се осомничени за изнудување пари од бизнисмен за да влијаат да се олесни постапката против него врз одреден јавен обвинител.

Оставката на Јанева беше објавена неколку часа откако полицијата информираше дека Јовановски и Милевски се приведени, а потоа и притворени. Јанева оставката ја образложи со недоразбирањата на политичките партии во врска со измените во Законот за јавно обвинителство и во име на европската иднина на земјава.

Од ДУИ велат дека со разочарување гледаат на последните случувања и оти посочуваат дека како партија секогаш биле против селективна правда.

„ДУИ е најголем непријател на селективната правда, и доколку ги следите обраќањата на лудерот Али Ахмети ќе видите дека во секој говор селективната правда е како канцер на општеството, затоа ДУИ го предложи законот за ветинг и во политиката и во судството, и кај сите носители на јавните функции“, изјави вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи.

Додаде дека институциите треба да истражат точно што се случило, која била позадината, и кои биле реперкусиите, посочувајќи дека ДУИ останува на ставот дека земјава има потреба од инститиција што ќе биде фокусирана на борбата против корупцијта на високо ниво во политиката.

Во СДСМ, пак, го оценија настапот на Мицкоски како уште еден негов обид да се заштитат криминалните на Никола Груевски. Според портпаролот и пратеник Костадин Костадинов, СДСМ ќе направи сè правдата да биде задоволена. Во однос на двајцата пратеници за кои во јавноста се зборува дека се дел од рекетарскиот скандал, Костадинов вели дека доколку во транспарентна постапка се докаже дека се огрешиле, СДСМ ќе преземе мерки согласно партискиот статут.

Пратеникот Фадил Зендели од Беса смета дека треба да има правна разврска на случајот „рекет“ бидејќи, според него, тоа е еден од предусловите за евроинтеграциските процеси на земјата. Тој рече дека неговата партија го поддржувала СЈО и оти и натаму го поддржува, но дека ситуацијата уште повеќе се комплицира по она што овие два дена се обелодени во јавноста.

„Сепак, треба да се најде начин како СЈО да продолжи да функционира, со нови обвинители кои се докажани дека се независни во својата работа“, рече пратеникот.

Тоталното разочарување од сите мејнстрим политички елити, вклучувајќи ги и зелените, континуирано води кон отуѓување на граѓаните, за што доказ е се помасовното бојкотирање на изборните процеси.

повеќе

Помина времето кога политиката беше „шаховска борба“ на политичките актери, која неретко се одвиваше далеку од очите на јавноста и беше доста неразбирлива за обичниот гласач. 

повеќе

Државата треба повеќе да се вклучи во промовирање на младинско претприемништво како економска активност која би помогнала за намалување на невработеноста.

повеќе