Интервју

Божин Павловски: Властодршците кај нас не знаат што е свето, а што проклето

Македонскиот писател и академик по 30-годишна авантура во Австралија се враќа во татковината. Освен ова, повод за неговото интервју е и 60-годишнината од објавувањето на неговиот прв расказ и, како што самиот вели „ова е најдраматичното време за нашата малечка земја, а помнам од 1949 наваму".

Академик Божин Павловски во Австралија освен што раководеше со двата неделни весника, создаде и 15 романи. Од „Подвижни гробови” до најновиот, „Мемоари на задоцнетиот романтичар”, кој беше хит на годинешниот Саем на книгата - дела што освоија меѓународни и национални признанија. Павловски е добитник и на државната награда „11 Октомври” за животно дело во уметноста. А за големиот подвиг со „Мисла” беше одликуван со највисокиот Орден заслуги за народ.

Со оглед на тоа што бевте угледен издавач на книги во Македонија, основач на легендарната „Мисла”, зошто токму кога бевте во зенитот на успехот, заминавте од татковината?

- Ми се допаѓа кога некој ќе рече за мене: 30 години во туѓина - но секогаш дома. Затоа што таму далеку бев опседнат со македонските работи. Во Австралија издадов 3.300 неделни изданија на весници што продолжија да живеат на слободен пазар. На убав македонски јазик во англиско говорно подрачје. Многумина знаат што значи тоа. Во тие три децении, 40 пати си дојдов дома во Македонија.

Сепак, што беше пресудно да ја напуштите татковината од позицијата директор на еден гигант како што беше „Мисла“?

- Она вечно сомневање дека животот ќе си го потрошиш на глупости, ќе ти отиде по ѓаволите. Незадоволството. Неколку години пред распаѓањето на југословенската федерација бев опседнат со идејата да создадам уште една „Мисла”, во стабилен амбиент, на северноамериканскиот континент. И така, едно утро му тропнав на најбогатиот Македонец, Џон Битов, во даунтаун на Торонто. Ќе купиме некој познат американски издавачки бренд што западнал во криза, ќе му го додадеме твоето презиме, ќе го ревитализираме и ќе го искачиме на врвот, му реков.

Тој се збуни, се изненади. Ама јас сум угостител, градежник, претприемач, абер немам од издавањето книги, ми рече. Но името ќе ти се слави сто, двесте и повеќе години, продолжив да го убедувам. Да речеме, како што е „Харкорт Брејс Јовановиќ”, така може да биде „Харперс Џон Битов”. Малку по малку, идејата го загреа. Набрзо го основавме „Битов букс”, ангажиравме брокер од „Мерил Линч” што ќе ја следи берзата и ќе демне познат бренд што западнал во криза. Тоа траеше 15 месеци.

Но во август 1990 година, кога се приближивме до самата цел, ме повика Битов на ручек во неговиот елитен хотел „Гилд ин”. Ми покажа неколку броеви на весници и магазини, што му ги донесол попот на враќање од Македонија. Ми вели: Не смеам по никоја цена да го доведам во ризик својот углед. Со оглед на тоа што во македонскиве весници се пишува лошо за тебе, ќе се вратиш во Скопје за да си го исчистиш името, и потоа ќе продолжиме. 

За ова со написите по весниците пишувавте и во „Романот за моето заминување“. До толку ли беше изразена таа завист во тоа време, осумдесеттите години од минатиот век, кога почна да се врти и Вашето име за прв човек на тогашната голема издавачка куќа „Нова Македонија“?

- Баш деновиве се потсетивме со Глигорие Гоговски, тогашниот премиер на Републиката. Тогаш, при крајот на осумдесеттите години од минатиот век му се јавив по телефон со молба Владата да ми помогне за да купам авионски билети. А тој рече: дојди кај мене, ми требаш. И веднаш штом стигнав во неговиот кабинет, ми ја откри причината. Ќе застанеш на чело на оној гигант „Нова Македонија”, ми предложи. Веднаш го одбив предлогот, правдајќи се дека мене во животот ме водат идеите, а не кариерата.

Но тогашното раководство на овој лажен гигант веројатно си мислело дека штом се вратам од странство, ќе им ги расипам сметките. Кутрите...

И не се вративте „за да си го исчистите името”?

- Немав време. Тогаш „Нова Македонија” и „Вечер”, по урнекот на гласилата што ги контролираше Милошевиќ, беа опседнати со објавување анонимни писма со најгрди квалификации. Каква иронија. Мене приватизацијата на фирмите, која беше во тек, не ме интересираше нималку, заминав далеку од својата богата „Мисла” - и токму ова да ме снајде. Беа објавени седум фалсификувани писма за мене. Во тек беше и фељтон со обвинување дека една моја книга - не е моја. Да се вратиш назад во таа Југославија, која умираше во канџите на умоболни типови, за да се бориш со ветерници, или да продолжиш на Запад, само на Запад - беше дилемата. Имав 46 години, косата веќе ми белееше, немав време за губење во одбрана на повредената суета. Нема враќање - таква ми била среќата, си реков. Така и превлада одлуката од Америка да го прелетаме Пацификот и да се инсталираме во Мелбурн, Австралија. Со толку мил сопатник, каква што беше сега веќе покојната моја Љубена, со такви деца крај себе, знаев дека ќе успеам. Можам да си замислам колку ќе ми беше потешко доколку ме придружуваа малодушни сопатници.

И, со оглед на тоа што таму брзо создадов нешто поголемо и покорисно од самата „Мисла”, веќе можев да му се посветам на книжевното творештво. Но сепак, многупати се прашувам дали ќе бев посреќен и позадоволен ако ја остварев идејата со Џон Битов? Совеста ми вели дека не згрешив, но свеста знае понекогаш да се побуни. Затоа што, да издаваш книги, весници, дури и портали за мал народ, кој пребрзо се раслојува и си заминува, тоа значи да ја приграбиш неизвесноста како судбина. А во тоа време кога посакав да создадам уште една „Мисла”, да бидам малку нескромен, ретко кој можеше да ме победи со идеи и работливост во сферите на издаваштвото.

Со „Мисла“ успеа ли Вашата мисија 7 наслови од книги по жител?

- Богами, таа Мисла од 1965 до 1989 година произведе не помалку од 15 милиони примероци книги. Пред тоа светскиот печат објавуваше сожалувачки факти дека во Македонија седум жители делат една книга годишно, за разлика од развиена Европа во која е постигнат стандард од седум книги по жител. Но, кога си заминував во туѓина, статистиката регистрираше четири книги по жител годишно. Им побегнавме на Риплиевите „Верувале или не”. Ние и како нација во тие неколку децении имавме голема виталност, плоден духовен живот, и со неверојатна брзина фативме приклучок со културните стандарди на другите соседни народи. Имавме слобода на изразување во творештвото. Кога еднаш го прашав доктор Александар Грличков како им успева на нашите политичари да не забранат ниту една книга, за разлика од другите во таа Југославија, тој ми одговори: „За да уживате максимални слободи, ние од врвот се договоривме да ги читаме книгите вертикално, а не хоризонтално”. Духовито и промислено, нели?

Мислите дека барањето пославно минато што го заговараа политичките елити по осамостојувањето ќе биде скапо платено?

- И барањето пославно минато, но и барањето пославна иднина. Народите или природно се развиваат или му подлегнуваат на авантуризмот и доживуваат трагедии. Стигнуваат до таканаречен безизлез. Само политички шарлатани можат да го изместат природниот развој на една нација. И едното и другото, како и милијардата од Тајван, се родени на исто место. Во програмите на тајните служби. Ние уште еднаш сме испречени пред историски предизвик. Но овој трет драматичен пресврт што е во тек има поголеми шанси да успее. Критичната маса што може да размислува со здрав разум е изморена, апатична, интелектуалците премногу зависни од власта, замолчани или со пари или со уцени, плус, за разлика од триковите со милијардата од Тајван и умоболната антиквизација, овој процес со менување на името е изведен потемелно, со повеќе моркови што му се нудат на обичниот граѓанин.

Па морковот никаде не го гледаме. Кои, според Вас, ќе бидат најнегативните последици од ова менување на името, а кои најпозитивните?

- Нашите кадри што ја туркаат оваа работа се растоварени од секакви национални предрасуди, меѓутоа, нивните албански, бугарски и грчки партнери се добро познати ултранационалисти. Ниту Али Ахмети ќе престане да поставува услови во полза на албанската кауза, ниту идниот премиер на Грција Мицотакис, најмалку Каракачанов. Тие ќе успеат да го видоизменат нашиот македонски идентитет до непрепознатливост. Нашите „интернационалци” ќе бидат условувани и мислам дека ќе одат со отстапки до ѕидот што не смеат да го прескокнат. Затоа што тоа ќе биде ѕид на срамот и за нив. Имено, сега, откако стана јасно дека ЕУ не ги сака државите со големина колку едно предградие на Париз, овие ултранационалисти ќе сакаат да ги остварат своите цели веднаш, нема да чекаат на пристапните преговори. Ние и натаму ќе се занимаваме со прашања што другите народи одамна ги решиле. Политичката клима ќе си остане нездрава. А тоа значи на секој што ќе паѓа од власта ќе му се заканува Идризово.

Не мислите дека сте преголем скептик во врска со нашето членство во ЕУ?

- За жал, тој сон на секој наш човек ќе остане недосонуван. Досега требаше државата да ја унапредиме економски за Европа да дојде кај нас наместо ние да молиме за влез во Европа. Но етничката демократија, која е прескапа, ја стави државата во позиција да лета во место. Откако Заев и Ахмети договорија бинационална држава со два рамноправни државни јазици, бидете сигурни дека таа ќе биде и бирелигиозна. Мислам дека тие од ЕУ ќе се решат за најмалку уште едно одлагање на преговорите. Ќе го чекаат пописот кај нас. И доколку се покаже дека нашите муслимани веќе се половина од населението, ние, заедно со Албанија, која е 60 проценти муслиманска, и Турција, ќе си останеме во чекалница со децении...

Во колумните некако голема надеж полагавте на економската политика на Груевски. Зошто?

- Имав такви илузии што ги објавував во „Дневник”. Со таква напредна програма Груевски во 2006 година ги доби изборите. Не знам зошто толку забега човекот. Последната моја комуникација со него е многу интересна. Во една сабота ми прати меил порака со молба да ја прочитам колумната во која го напаѓаат затоа што како премиер решил да го обнови Офицерски дом во Скопје. Ја прочитав колумната и му вратив краток одговор: Авторот на текстот е во право, Офицерски дом не може да биде приоритет. А Груевски, за кого Љубиша Георгиевски веќе тврдеше дека е човек што се раѓа на илјада години, ми испрати нервозен меил: Ако ми беше советник, веднаш ќе дојдев во конфликт со тебе. Го чувам тој меил и понекогаш се навраќам да го видам. Ми е жал за човекот, христијански. Се надевам дека во егзил ќе го заврши студирањето на човечките карактери. Тој е жртва на сопствените заблуди.

Како ретко кој пред него имаше шанса да биде модерен премиер. Работлив е, ја познава економијата, поседува лична култура. Штета, навистина штета...

И во „Мемоарите...“ оваа состојба ја дијагностицирате како духовна пустелија. Ни треба ли духовна револуција?

- Па секоја будалетинка кај нас што ќе ја освои власта и ќе го јавне државниот буџет мисли дека е Бог. Ние во Македонија имаме проблем со критериумите. Властодршците не знаат што е свето, а што проклето...

На крајот, според Вас, зошто дијаспората е толку остро расположена против актуелната власт во Македонија?

- Затоа што е погодена во епицентарот како со бомба. Таа со личен труд и лични донации основа близу 500 македонски институции, организации, клубови, друштва и цркви. Нема ни теориски шанси тие да продолжат со работа како северномакедонски. Ќе продолжат како оригинални македонски но, јазот што ќе се продлабочува со матичната земја, која практично нема да биде тоа, ќе предизвика брзо осипување, разочараност и целосно исчезнување. Тоа кај македонските ентузијасти во големата дијаспора предизвикува страв во коските. За жал, власта ниту може да ги разбере, ниту има капацитет и храброст да им пристапи...

Александар Дамовски

Фото: Роберт Атанасовски

Античкиот грчки филозоф Хераклитус, кој живеел пред Сократ, Платон и Аристотел, е авторот на често користената поговорка „панта реи“ (Panta rei), односно, во превод, поедноставено: ,„сѐ тече, сѐ се менува, ништо не останува исто, нема апсолутна вистина и единствена реалност е повеќегодишно движење“.

повеќе

Интеграциите и буџетски субвенционираната економија и социјала се проектираните теми на кампањата на власта за претстојните избори.

повеќе

Третманот и плаќањето на работникот од кого зависи целиот производствен систем, треба да биде на прво место кај државата и работодавачот. 

повеќе