Интервју

Божин Павловски: Нашите шарлатански политичари влетаа боси во трње - не знаат да преговараат, ниту до каде смеат да одат во распродажбата

Ви се молам, каков е тој демократски капитализам во кој си ги задолжил генерациите со десет милијарди долари кредити, а си изградил инфраструктура вредна одвај четвртина од долгот? Најобични битанги тврдат дека се политичари и се владеат како филмски ѕвезди. Неверојатно колку тоа се исплатува за разлика од креативната работа. Балканот цел потона во криминален капитализам, кој нема врска со вистинскиот капитализам.... Дозволивме политички шарлатани да преговараат за нашата иднина. Апсолутно неспорни работи станаа спорни, вели во интервјуто за МКД.мк писателот Божин Павловски, кој е убеден дека ние преговараме со тајната полиција на Бугарија, а не со европска Бугарија.

Академик Божин Павловски „си ги отседе” вообичаените шест месеци во својата прва татковина и ги прослави двата јубилеи: 80 години од раѓањето и 60 години плодно творештво. Како и секогаш со неверојатна прецизност, вели дека 43. пат заминува „отаде морињата”, каде што и на оваа возраст, како претседател на бордот, го надгледува издавањето на двата македонски неделници што со успех излегуваат во Австралија полни 34 години.

Од тие далечни простори тој во родната земја си ги донесе повеќето свои романи, кои освоија многу награди и признанија. И се надева дека на пролет, кога повторно ќе се врати дома, со себе ќе го понесе најновиот роман „Прости му на Ѕверот”.

За почеток на овој разговор, кој го водевме неколку квечерини во неговиот „Спомен дом” во Скопје, го прашавме дали е потешко или полесно да се пишува во туѓина.

- Има некои предности творењето на уметничко дело од дистанца. На пример, вршиш просејување на темите и не паѓаш како жртва на баналностите. Пред да креираш нешто во естетска смисла, веќе знаеш каде и како да ја развиваш темата и композицијата на делото. Боледувањето на татковинските теми и дилеми мене лично ми помогна да го излачам суштинското што ќе го привлече вниманието на читателите на глобален план. Не е претешко со идејата и уметничките вредности да привлечеш читатели во родната земја, но е ѓаволски тешко да успееш во други јазични средини. А, како што велеше големиот Борхес „литературата надвор од читателот не постои”.

Ако ги погледнеме деталите од Вашата биографија „60 години творештво”, излегува речиси дека сте врсник со појавата на македонскиот роман. Ги познававте ли првите наши романсиери?

- Имав чест да бидам во поворката кога се погребуваше Стале Попов, но лично не го запознав при животот. Со Славко Јаневски се дружев, тој ми беше рецензент на книгата раскази со која дебитирав. И подоцна ги читаше некои мои романи во ракопис, како на пример „Уткини соседи” и „Подвижни гробови”. Не само што тој беше посветен романсиер, туку на помладите им даваше корисни совети. Горд сум што се дружев со корифеите на нашиот роман, какви што беа и Владо Малески, Димитар Солев, Петре М. Андреевски, Ташко Георгиевски. Особено сум почестен што професор во средното училиште во Битола ми беше Владимир Костов, еден од најдобрите романсиери, кој неодамна го прослави својот 90-ти роденден.

Господ да му го позлати умот и да му даде крепка старост.

Познававте и многу светски великани што ги спомнавте на промоцијата во „Матица ексклузив”.

- Професијата уредник на уметничка литература тоа ми го овозможи. Прво во 1970 го запознав Патрик Вајт во неговиот сиднејски дом. Тој си живееше со својот љубовник Маноли Ласкарис и си имаше проблеми со средината поради тој стил на живеење. Со задоволство ми го довери романот „Вос” да се објави на македонски јазик. По две години Патрик Вајт ја доби Нобеловата награда. Во 1971 година на македонски беа објавени сите 16 дела на Иво Андриќ, нобеловец. Кога му однесов комплет од тие дела во неговиот дом во стариот дел на Белград, тој ме прегрна и рече дека е импресиониран од брзата афирмација на македонскиот јазик.

Имав чест да познавам и други големи автори, како Нагиб Махвуз во Каиро, Чеслав Милош во Сан Франциско, Тони Морисон во Детроит и други. Подоцна тие добиваа нобелови награди.

Многу труд вложив да го сретнам Александар Солженицин, дури стигнав пред портата на неговиот имот во малата американска држава Вермонт, но освен неговата сопруга, еден од синовите, како и неговиот расен пес, други не запознав. Го испив чајот и си заминав на ручек кај Маргарет и Стојан Христов, кои живееја во блискиот Вест Довер. Како што знаете, Стојан, некогашен американски сенатор, беше и голем романсиер од македонско потекло, кој пишуваше на англиски јазик.

Познатиот нобеловец и дисидент Солженицин, кому во „Мисла” му излегуваа тиражни романи, ненадејно се разболел и беше сместен во некоја болница во Бостон. И така натака.

Но би сакал да го додадам и ова. Во Македонија повеќе години доаѓаше и едно високо момче од Австрија, мој врсник. Ете тој Петер Хандке многу подоцна беше овенчан со Нобеловата награда.

Ги идеализирате ли одвеаните времиња или со ова сакате да кажете дека денес сме нешто како заспана провинција?

- Не, не. Вистина е дека нашата уметност и култура денес стагнираат. И самите творци, писатели, сликари, музичари се збунети од таа нивна маргинализација во општеството. За жал, малата државичка Македонија во творечка смисла денес нема повратна информација ни за своите ни за туѓите вредности. А без неа тешко се изоструваат критериумите.

Додека живеевме во Федерацијата можевме и да се натпреваруваме со другите народи, но денес, творците од сите области, не само од литературата, паднаа како жртви на лажната демократија и божемна капитализација. Политичарите го узурпираа просторот и станаа господари на фондовите. Најобични битанги тврдат дека се политичари и се владеат како филмски ѕвезди. Неверојатно колку тоа се исплатува за разлика од креативната работа.

Балканот цел потона во криминален капитализам кој нема врска со вистинскиот капитализам. Граѓаните, оние што не се корисници на парите и тендерите треба што поскоро да се освестат за да го избегнат амбисот. Овие клептомани од политиката немаат милост. Ќе ја потрошат иднината на државата. Ви се молам, каков е тој демократски капитализам во кој си ги задолжил генерациите со десет милијарди долари кредити, а си изградил инфраструктура вредна одвај четвртина од долгот?

Во светот нема да опстане ниту една држава што не може да ги направи среќни и полетни своите млади поколенија. Што е најжално кај нас, националниот романтизам ќе им се удри од глава на сите. Многумина ќе зажалат што мечтаеле за своја национална држава. Да се разбереме, денес кај нас најголем проблем се политичките партии, кои ја доведоа Македонија до нефункционалност.

Навистина мислите дека сме на чекор од амбисот?

- Прескапо ќе биде издржувањето на ваков тип администрација. Ем непродуктивна, ем неквалификувана и, згора на тоа максимално корумпирана. Овде тие луѓе и не знаат колку многу е суров капитализмот. Затоа ја глодаат супстанцата што им припаѓа на новите поколенија.

Во светот капитализмот главно создава вишок од материјални и духовни вредности, но кај нас гледате што се случува. Задолжувања и само задолжувања. Но свесни и посвесни граѓани можат да ја оправат работата. Ако си го ценат својот глас на изборите, имаат шанса малку по малку да внесат светлина на патот кон иднината.

Познававте и многу политичари во комунистичка Македонија, иако никогаш не Ве привлече оваа професија.

- Освен Лазар Колишевски и Мито Хаџивасилев, мислам никој од нив не беше посветен комунист. Излезени од големата војна како победници, повеќето без некое образование, жртви на своите догми, често не знаеја како да ја водат државата. Но во споредба со овие денешни политичари, тие беа невини душички.

Ги познавав речиси сите преживеани народни херои. Со најмладата хероина, Фана Кочовска - Цветковиќ имав необично искуство. Таа беше на чело на комисија за општествен надзор кога јас основав приватна издавачка куќа. Бев трн во очите на сите бирократи, кои преку Фана во 1969 година ми испратија седум инспекции.

А кога најпосле со записникот во рацете успеав да влезам кај неа во парламентот, кутрата и таа беше млад народен херој, но јас пак немав полни 27 години, ја предизвикав да плаче: Ти си станала народен херој со пушка во рацете, но јас сакам тоа да го постигнам со книга, затоа што ова време не е за пушка. Таа почна да плаче: Божин, го испокрадоа општествениот имот, морам да бидам строга, ми рече. Мојата реплика беше: Прво, јас немам пристап до таков имот, и второ, која мајка си го краде своето чедо? Никоја.

Минаа години и Фана ме сретна на аеродром, па ме праша: Ми се лутиш што бев толку строга кон тебе? Ја прегрнав, таа беше малечка убава жена: Не само што не ти се лутам туку сум ти благодарен, ти ме подготви за суровиот капитализам, реков.

Ете такви беа тогашните политичари. И пред да заминам во туѓина, за своите успеси со книгата ми го доделија највисокиот Орден заслуги за народ, што беше еден вид замена за орденот народен херој.

Денес ти можеш да добиеш такво признание само ако си дел на партијата што е на власт. За жал.

Мислите ли дека нашите политичари се виновни затоа што на патот кон ЕУ нестручно преговаравме со соседите?

- Да се извлечеше поука од споровите што Македонците ги имаа со Србите, немаше да трпиме понижувања. Па до 1970 година ние за интелектуален Белград бевме „Јужносрбијанци”. Каква иронија, 50 години подоцна треба да докажуваме дека не сме „неосвестени Бугари”! Ова си го добивме затоа што дозволивме политички шарлатани да преговараат за нашата иднина. Апсолутно неспорни работи станаа спорни.

Проблемите со Србите беа реални, затоа што 90 проценти од книгите во Македонија беа на српски јазик, како и 95 проценти од весниците. Но денес, кога во Македонија ни за лек не можеш да најдеш книга и весник на бугарски јазик, верувајте, сме на прагот од големо самопонижување. Иронија. Исклучиво по вина на политичарите.

Да се вратиме на спорот со Србите. Во неговото совладување најмалку учествуваа нашите политичари. Тие до крајот на Федерацијата во јавните комуникации си зборуваа на српски јазик. Но уметниците, од народните пејачи, фолклористите, сите кадри од уметностите и науките, целото образование, посветено и страсно ја афирмираа македонската посебност, за на крај со Србите да ги решиме сите недоразбирања. Во Белград се објавени најмалку 500 книги од македонски автори, што е фантастична бројка, а во Скопје можеби и повеќе дела на српски автори. Така се градеа мостови, доверба.

А што сме изградиле со Бугарите? Дури ни пат, ни пруга. Само недоверба.

- Ќе ви раскажам една анегдота за последниот квалитетен српски негатор на македонската посебност и уште една за еден голем бугарски афирматор на македонската посебност, кој, за жал, малку ретерирал од своите ставови.

Господинот се вика Драгослав Михаиловиќ, голем српски автор. „Кога цутеа тиквите” е негово дело. Со години го убедувавме да му објавиме дело на македонски јазик. Не, па не, вашиот јазик не го признавам, велеше. Ама конечно прифати.

Излезе делото, дојде и авторот, му направивме многу убава промоција, го нагостивме со вечера, следниот ден ручек со група угледни писатели. И, попладне му велиме: А сега, Драгославе, ќе те носиме на гробишта. Тој се збуни, ама не приговори. Стигнавме во Бутел, тој излезе од колата и се загледа во народот. Најмалку 200 ужалени луѓе. Со запалени свеќи во рацете, пееја и плачеа додека сандакот со покојникот слегуваше во црната студена земја. Македонските артисти си го погребуваа Ристо Шишков. И така, блед и збунет, големиот српски романсиер стигна на аеродромот Петровец. А пред разделбата ми вели со шепот: Како можев да негирам ваков народ?

Втората анегдота е со големиот бугарски филозоф и во два мандати претседател на Бугарија, Жељу Желев. Пред да заминам во туѓина, 1988, ми се јави мојот пријател и голем бугарски интелектуалец Ганчо Савов. Жив е, сега има повеќе од 90 години. Рече дека само што излегол од политичкиот затвор во Стара Загора, осуден на 13 години затвор како „југославски шпион”. Му предложив да дојде во Скопје, знаејќи дека му треба поддршка. А може ли да дојдам со еден свој пријател?, праша. Се разбира дека може, одговорив.

И дојде со едно кусо човече. Тоа беше Жељу Желев, кого го избркале од некој институт. Знаете што се случуваше потоа. „Мисла” на Жељу му објави силна книга, тој дојде на гламурозната промоција, даваше прекрасни изјави. Малку подоцна стана прв претседател на посткомунистичка Бугарија. Киро Глигоров му го врачи орденот „8 Септември”... меѓутоа сега излегуваат негови „посмртни” изјави дека божем никогаш не би го признал македонскиот јазик. Ако е така, зошто би сакал да му излезе книга на македонски јазик?

Матни, премногу матни се работите со Бугарите. Мислам дека таму ни се подготвува стапица. Како е можно човек „посмртно” да менува ставови? Се плашам дека злогласната тајна полиција на Бугарија и денес ги контролира релациите со Македонија и дека нејзино дело е отворањето на сите контроверзни клубови во Македонија. Мислам дека бугарските клубови во Македонија ќе имаат задача „да ги осветлат сопствениците на бугарски пасоши”. И сами гледате каков е профилот на нивните основачи.

А што е со Преспанскиот договор? Нели оттаму почна обезличувањето?

- За жал, така е. Преспа ја отвори Пандорината кутија. Со тој договор на Грците им овозможивме да си ги исперат сите гревови од минатото и, згора на тоа, добија третман на спонзори за нашиот пат кон ЕУ. Веќе не верувам дека имаме капацитет да смениме нешто од Преспанскиот договор како ни од Тиранската платформа, која преку ноќ успеа да го декодира македонскиот литературен јазик и да ја направи државата нефункционална и прескапа за одржување.

Но сега Македонија се наоѓа пред најголемиот историски предизвик. Бугарија го посакува нашето духовно наследство. Отпорот може да биде силен и да го одложи решавањето на спорот. Во решавање на овие недоразбирања требаше да се вклучат социолози што ќе објаснат некои од феномените. На пример, зошто Бугарија ги посакува толку многу македонските духовни традиции.

Сакате да кажете дека нема да ги решиме споровите со источниот сосед?

- Не ја разбираме нивната перверзија околу македонското прашање. Велат никогаш нема да го признаат македонскиот јазик, но секоја година го одржуваат „Пирин фест” со целата музичка програма на прекрасен македонски литературен јазик. И не само што не кријат, туку на сите ѕвона објавуваат дека тоа е најголемиот фестивал на македонската музика во светот. Подобро од нас ги пеат македонските песни. Само водителите на тој фестивал зборуваат на бугарски јазик, целата креативна програма тече на убав македонски литературен јазик.

Еве во кој правец одат моите размислувања. За 70 години, од 1952 година, кога „ја забранија” македонската нација, се разбира не и македонските народни традиции, кај нив израснаа нови генерации „македонски Бугари”. Според Жељу Желев, тоа е третина од бугарската популација. Сега, кога таа држава преговара со нас, убеден сум дека живее во страв од некаква реверзибилност на процесот. И ние како Македонци и македонските Бугари негуваме апсолутно исти традиции, пееме исти песни. Стравот дека ние би можеле да влијаеме на македонските Бугари, според мене, е клучен во оваа наша драма. Затоа толку посакуваат да се унифицираме според нивниот инженеринг. И затоа сум убеден дека ние преговараме со тајната полиција на Бугарија, а не со европска Бугарија.

Фактот дека тие преку ноќ станаа Европа, додека ние ја живееме агонијата на пропадната федерација, им дава голема предност. Тие веќе не кријат дека строго ја следат политиката од 1952 година, кога со декрет беа поништени Македонците во Бугарија. Да заклучам, додека не се најде квалитетно и за нив безбедно решение за македонските Бугари, ние во Европа не влегуваме. Моќни се, душата ќе ни ја извадат во овие преговори.

Колку македонските Бугари се вградени во самата бугарска нација, култура, историја?

- Многу. На пример, од лозата на Гоце Делчев имаат амбасадори, професори, секакви кадри. Имаат големи книжевни имиња од македонско потекло, какви што се Димитар Талев, Христо Силјанов, Христо Смирненски, Атанас Далчев и уште најмалку триста што оствариле книжевна кариера. Се разбира, нивната традиција е градена и од стотици политичари, офицери, генерали од македонско потекло, научници, славни архитекти, доктори, журналисти, и така натака. Затоа и ви велам дека нашите политичари - шарлатани влетаа боси во трње. Ниту знаат да преговараат, уште помалку знаат до каде смеат да одат во распродажбата.

Како сето ова влијае на дијаспората?

- Видовте и сами. Таа западна во депресија, минатата година не учествуваше ни на пописот. Од Преспанскиот договор наваму дијаспората остана без главното свое „оружје”, а тоа е гордоста. Ги снема и многубројните фолклорни здруженија, веќе не можете да видите некој да го вее македонското знаме. Дијаспората не учествува во трошењето на државниот буџет, но отсекогаш имала значајна улога во неговото полнење. Се плашам дека набрзо ќе се почувствуваат последиците од тоа разочарување.

 

Александар Дамовски

Калоѓера не може да премолчи, не може да замиже пред историската вистина на Македонија, па затоа во својот живот се определил да македонствува.

повеќе

Слушањето како способност да го фокусираме вниманието на аудитивните дразби е важен аспект на нашиот живот и значително влијае на неговиот квалитет во сите сегменти.

повеќе

„Ќе дојде ден, кога пазарите отворени за трговија и размена на идеи, ќе бидат единствените борбени полиња“ - Виктор Иго

повеќе