Интервју со Бојан Главашевиќ, хрватски пратеник

„Борисов не е Ципрас, се надевам дека Заев ја научи лекцијата“

Хрватскиот пратеник Бојан Главашевиќ  во интервју за МКД.мк вели дека правдата е на страната на Македонија и на македонскиот државен врв му порачува да биде трпелив и да не прифаќа уцени бидејќи премиерот Бојко Борисов нема засекогаш да биде на власт. За идентитетот и јазикот не се преговара и како цинична ја оценува препораката од еврокомесарот за проширување Вархеји Македонија да ѝ направи отстапка на Бугарија. Главашевиќ коментира дека подеднаков легитимитет би имала и тезата дека бугарскиот јазик всушност е дијалект на македонскиот јазик, но и потсетува дека Македонија во историјата порано се спомнува од Бугарија.

Бојан Главашевиќ е независен пратеник во хрватскиот Сабор, каде што е член на Зелено-левиот пратенички клуб. Тој е дипломиран лингвист и дипломиран социолог. Роден е во Вуковар во 1984 година, бил дете кога почна војната, можеби најстрашна токму во неговиот град. Неговиот татко Синиша бил новинар, уредник и воен известувач на Радио Вуковар. Тешко ранет за време на едно воено известување татко му бил пренесен во болница, од каде што подоцна му се губи трагата.Потоа било утврдено дека бил oдведен од болницата и убиен. Војната му ги зела и дедо му и баба му. Бојан со мајка му животот го продолжил во Загреб. Во него нема омраза, почит им оддава на жртвите на војната без оглед на националноста и гледа кон иднината.

Господине Главашевиќ, во вашите ставови поврзани со евроинтеграциските процеси на Македонија посебен акцент ставате на условувањата од страна на Бугарија што задираат во македонскиот идентитет, јазик, историја, култура... Во хрватскиот Сабор се обративте до премиерот Aндреј Пленковиќ со барање да одговори на едноставно прашање - дали Хрватска како полноправна членка на ЕУ презема нешто за да ја заштити пријателска Македонија од барањата на Бугарија, со кои, како што оценивте, таа држава ги крши основните вредности на кои е заснована Унијата. Што ве наведе на тоа и дали во меѓувреме добивте одговор?

- Одговор од премиерот Пленковиќ сѐ уште не стаса. Се надевам дека нема да бидам принуден да го потсетувам и дека одговорот ќе го прати на време. Му го поставив тоа прашање бидејќи верувам дека Хрватска, како земја членка на Европската Унија, има одговорност и обврски кон земјите кандидатки за членство. Тоа е обврската да им обезбедиме чесен третман, со свој пример да им покажеме дека и навистина ги живееме тие фамозни вредности и владеењето на правото со кои се гордее Европската Унија. За земјите од Западен Балкан тоа има уште поголема вредност бидејќи со нив имаме заедничка историја и цврсти пријателски и културни врски. Кој може во ЕУ на Македонија да ѝ биде поголем пријател од Хрватска и Словенија? Никој. Кој во рамките на ЕУ ја познава Македонија подобро Хрватска и Словенија? Исто така никој. Во овие пандемиски времиња сите земји се повлекоа и се фокусираа на здравјето на своите граѓани и на санирање на економските штети, но не смееме да го заборавиме проширувањето на ЕУ ниту ветувањата што им ги дадовме на Македонија и на другите земји кандидатки за членство. Moето прашање до премиерот Пленковиќ треба да биде потсетник на тоа.

- Неодамна со колумна која што ја пренесе МКД.мк, повторно се јавивте за прашањето за Македонија. Во колумната направивте споредба на релацијата Бугарија - Македонија - ЕУ, со условувањата од Словенија, како полноправната членка на ЕУ, кон Хрватска како кандидат за членство во тој период. Официјална Љубљана сакаше да го реши спорот, актуелен по распадот на Југославија, кој се однесуваше на разграничувањето помеѓу двете држави во еден дел по море и копно. Несомнено тоа беше непријатна епизода за Хрватска, бидејќи ЕУ во принцип изгледаше немоќна да донесе одлука за прием на Хрватска имајќи предвид дека функционира врз база на консензус на полноправните членки. Сепак, дали оваа споредба не е сосема соодветна имајќи предвид дека е различна суштината на проблемот што ѝ е создаден на Македонија?

Суштината е поинаква, дотолку повеќе бидејќи Словенија никогаш не го негирала идентитетот и историјата на Хрватска. Но прашањето на границата по море и копно беше ударна игла за едногодишната словенечка блокада на преговорите што на крајот заврши рационално, преку заемни дипломатски напори. Меѓутоа, има и сличност со бугарската блокада на македонските преговори. И во двата случаја, земјата што блокираше на хоризонтот имаше парламентарни избори. И во двата случаја, токсичниот национализам ја наруши довербата помеѓу земјите, но и довербата на земјите кандидатки во пристапниот процес.
И во двата примери, земјата што иницираше блокада ја злоупотреби позицијата на моќ во обид, во рамките на пристапниот процес, да реши билатерално прашање. И, и во двата случаи, премиерот на државата што иницираше блокада беше длабоко заглавен во корупциска афера, па се фати за национализмот со цел да го сврти вниманието на јавноста. Признавам, секој ден размислувам за сличностите на двата случаи. Навистина ги има многу.

- Овде со разочарување одекна изјавата на еврокомесарот за проширување Вархеји со која тој на Македонија ѝ даде „мал" совет - да направи отстапки кон Бугарија. Дали таквата изјава е еден од примерите поради кои често пати реагиравте дека ЕУ понекогаш непримерно се однесува кон послабите, како што тоа своевремено беше случај и со Хрватска. За што станува збор? Стравување да не дојде до недоразбирања меѓу полноправните членки? Или?

Пред сѐ, сакам да кажам дека не мислам оти Вархеји е добар избор за портфолиото на проширувањето. Со оглед на политиката на партијата од која тој доаѓа, и имајќи ја предвид ксенофобичната, националистичка политика што ја води Виктор Орбан, изборот на Вархеји за портфолиото проширување е исто како за инструктор за нуркање да поставите некого што се плаши од водата.

Неговата порака дека Македонија треба да направи „отстапка" е чист цинизам, особено доколку го земеме предвид фактот дека Орбан и партијата Фидес трошат доста големи пари од унгарските даночници на зачувување на културата и идентитетот на унгарското малцинство во Хрватска и во Романија. Вархеји и Орбан многу добро знаат дека тоа што го предлагаат за Македонија не е никаква „отстапка", бидејќи на прашањата поврзани со идентитетот, јазикот и историјата тие градат голем дел од својата реторика и во Брисел и во Будимпешта. Виктор Орбан постојано искажува благо камуфлирани територијални претензии кон некои делови од Хрватска, па би кажал дека тој и Вархеји многу подобро се разбираат со Бојко Борисов, отколку со Зоран Заев. А, би можеле и да си разменуваат белешки и во врска со обвинувањата за корупција. Меѓутоа, политиката на проширување не е заснована ниту на Орбан, ниту пак на Вархеји, туку на сите земји членки, на целата Европска комисија и на Европскиот парламент.

 

-Вие сте млад политичар кога е во прашање некогашната заедничка држава Југославија во која како рамноправни републики функционираа Македонија и Хрватска. Сепак, се чини дека сте доста запознаен со историјата на Македонија. Што мислите, зошто Бугарија толку инсистира дека Македонија е создадена со директива на Коминтерната и со волја на Јосип Броз Тито и зошто толку инсистира во македонските медиуми и во учебниците да не се говори за фашистичкиот бугарски режим во Втората светска војна, а пак за окупацијата да се говори како за администрирање на територијата што денес ја зафаќа Македонија?

Mислам дека треба да бидеме попрецизни во изразувањето: историски ревизионизам е политика на Бојко Борисов и неговата ГЕРБ, а не на сите партии. Социјалистичката партија на Бугарија, на пример, во Европскиот парламент гласаше за резолуцијата со која од Бугарија се бара да го признае македонското малцинство во земјата и на тие луѓе да им овозможи некои од правата.
Ми изгледа дека станува збор за пресметка на Борисов со политичките противници преку македонскиот грб, а таква теза напиша во одличен текст нашиот новинар Зоран Даскаловиќ. Впрочем, јасно е дека Борисов всушност не сака никаков компромис со Македонија: тоа се гледа во реакциите на обидите на Заев да се согласи на тој наратив за „администрација", а која всушност претставуваше окупација. Красимир Каракачанов го нарече Заев Бугарин и рече дека умот му доаѓа следниот ден. Бојко Борисов не е Алексис Ципрас и јас се надевам дека Заев ја научи таа лекција.

- Без оглед на недостатоците на некогашна Југославија, гледате ли битна разлика помеѓу наследството на Бугарија, која кон демократија тргна од еден режим произлезен од рамките на Варшавскиот пакт под диктат на Москва и, Македонија која во рамките на СФРЈ имаше далеку порелаксирани општествени односи и слободи, па и подобар стандард. Откаде тогаш тврдењата на официјална Софија дека Тито бил голем диктатор и дека Бугарите овде биле асимилирани во Македонци?

Не сум од оние што Југославија ја романтизираат, но сосема сигурно дека тоа не беше таков социјализам каков што постоеше зад таа Железна завеса. А во Бугарија беше токму таков. Бојко Борисов тоа сигурно треба добро да го знае бидејќи токму во тој режим ги помина формативните години на својата кариера и тоа во Министерството за внатрешни работи. Познато е каков профил на личност беше подобен за такви позиции.
Многу е иронично Борисов да говори денес за социјализмот на таков начин, имајќи предвид дека во раните деведесетти години доста јавно тој одбиваше да се одрекне од своето членство во Комунистичката партија. Патем, тоа е уште една негова сличност со словенечкиот премиер Јанез Јанша. Националистите низ цела Европа денес многу ревносно ја ревидираат историјата и своите националистички претензии ги обвиткуваат во наводни предавства и гревови на социјализмот. Во тоа најгласни се токму оние националисти што во тоа време беа златната комунистичка младина.

-Не сте историчар, но сте политичар и лингвист и социолог, па е и логично кога ги коментирате прашањата што се однесуваат на потеклото на јазиците, на постанокот на нациите, на општествените односи не само во рамки на една земја, додека пак како пратеник сигурно имате и доста информации што се однесуваат на актуелните меѓународни односи. Како ги коментирате тврдите ставови на Софија бидејќи нам ни изгледа како да нема битни разлики кога се во прашање бугарскиот државен врв, политичките партии или науката. Сакате во одговорот да почнете како социолог? Што е тоа што го храни тој заеднички дух во Бугарија?

Jaс сепак би тргнал од јазикот, бидејќи таму работите се појасни. Јужнословенските јазици сочинуваат еден јазичен континуум. Замислете да тргнете од Крањ во Словенија кон Варна на Црно Море - говорите најпрво се менуваат неприметно, а како одите натаму, разликите стануваат сѐ поголеми. Но и понатаму ќе наоѓате разбирливи и заеднички елементи. Границите помеѓу јазиците и дијалектите овде е тешко да се идентификуваат и најдобрата дефиниција за тие разлики во шега ја дал Макс Вајнрајх: „Jазикот е дијалект со копнена војска и морнарица". Јас, пак, подеднакво шеговито би додал дека морнарицата е факултативна.
Шегата на страна, за сериозните лингвисти бугарската позиција е очигледно дека е политичка, а не научна, бидејќи е исклучива. Македонскиот јазик постои, има своја граматика, правопис, речник и тоа навистина не е спорно. Сличноста со бугарскиот јазик исто така не е спорна: сите јужнословенски јазици делат огромен број заеднички карактеристики и претставуваат стандардизирани варијанти на говорот од одредено подрачје. Реториката на негирање на самоопределувањето и посебноста, па така и на јазичната, припаѓа на империјалните и националистички проекти од некои минати времиња. Подеднаков легитимитет би имала и тезата дека бугарскиот јазик всушност е дијалект на македонскиот јазик - бидејќи сличноста оди во двата правци, нели?
Впрочем, во историјата Македонија се спомнува многу порано од Бугарија. Но, нагласувам, тоа се потполно „закривени" расправии. Многу добра е споредбата со скандинавските јазици. И тие имаат многубројни дијалекти за кои е нејасно дали му припаѓаат на норвешкиот, шведскиот или на данскиот јазик; па одлуката најчесто зависи од тоа од која страна на границата почесто се зборуваат. Но никој нормален поради тоа нема да тврди дека, на пример, не постои норвешкиот јазик бидејќи е граматички сличен со данскиот, а под данска власт биле стотици години. Наместо тоа, заеднички ги штитат своите дијалекти, уживаат во меѓусебното разбирање, а нивните држави на меѓународната политика настапуваат тимски бидејќи имаат заеднички интереси. Ете, тоа е вистинскиот пат.

-Минатата недела заседаваше Мешовитата македонско-бугарска комисија за историските прашања, а резултатот е нула. Единственото нешто околу кое нема забелешки внатре во оваа комисија се периодите на предисторијата и на антиката. Бугарските членови пак ја проблематизираат придавката „македонски". Може ли политиката да пегла така големи разлики, особено кога во прашање се периодите од крајот на Турската империја, Првата и Втора светска војна и потоа?

Тоа се толку долгорочни процеси што не може туку-така, со декрет, да ги реши некоја комисија. Особено не доколку е на кусото јаже на политиката. Тешки прашања од историјата мора да се решаваат во доверба и со волја никој да не биде понижен, како и со свест дека понекогаш нема едноставни ниту еднонасочни одговори. Затоа, еднакво важно е во барањето одговори на тешки прашања да се ангажирани стручни луѓе во чија непристрасност веруваат сите.

-Доколку вас, како пратеник од земја членка на ЕУ што не така одамна имаше предизвици на патот кон членство, ве праша за совет македонскиот државен врв, што би им кажале во врска со спорот наметнат од Бугарија?

Би им кажал да бидат трпеливи, да не посегнуваат по национализмот, да не се впуштаат во ревидирање на историјата за да одоброволат кого било и да бидат подготвени на компромиси онаму каде тоа е нужно и потребно - а тоа се прилагодување на македонското законодавство со законодавството на ЕУ. Уцени да не се прифаќаат, но секогаш да се има отворен повик за дијалог. Нема ни ГЕРБ засекогаш да биде на власт во Бугарија.

- До која цена треба да се оди? За НАТО цената беше промена на името на државата. А кога во прашање е ЕУ?

Европската Унија е далеку од совршенство. Имаме низа на проблеми и не се срамам тоа да го признам. Нашите проблеми не се тоа што нас нѐ дефинира. Идејата за Европа се роди токму поради проблемите што изгледаа нерешливи и таа идеја на Европа ѝ обезбеди најдолг период на мир во историјата. Искуството што досега го имаше Македонија, разбирливо, остави горчлив вкус во устата, но на граѓанките и граѓаните на Македонија сакам да им го порачам следното: пристапните преговори се можност самите за себе да направите нешто добро. Законодавството на ЕУ е квалитетно, тоа е тестиран начин да се обезбеди владеењето на правото, слободата на медиумите, демократијата, антикорупцијата и безбедноста. Тука е и слободата на движењето. Денес - утре, граѓанките и граѓаните на Македонија ќе можат да возат од Битола или Струмица сѐ до најдалечната северна точка на Норвешка без никој да ги праша за пасош или за лична карта. Ученици, студенти и професори ќе можат да одат на студии во европските факултети и знаењето да го донесат дома и својата земја да ја направат подобра и пообразована. Парите од европските фондови финансираат водоводи, патишта, претприемачки проекти како што се тие за винарии, на пример. Одличните македонски вина и производи ќе можете да ги заштитите и да ги направите препознатливи во целиот свет. И се разбира, нема да морате да се откажете од својот идентитет, од својот јазик или историја. Бидејќи, таква не е Европската Унија. Тоа е само националистички влажен сон.

Панта Џамбазоски

 

Објавено

Среда, Декември 9, 2020 - 11:28

Целиот свет гледа на 2021 година како на година на заздравување на економијата.

повеќе

Не треба толку да се грижиме за тоа дали се искачуваме на табелата, туку повеќе треба да внимаваме на тоа дали навистина се справуваме, истражуваме и ги гониме оние кои се занимаваат со корупција.

повеќе

Потребно е да се провери дали имало наредба за следење врз Камчев.

повеќе