Денеска во Стар Дојран

Борисов и Заев ќе положат цвеќе на споменик на бугарски полковник кој го спасувал „бугарското население од грчката војска“ во Дојран

Денеска, во Стар Дојран, на крајот од посетата на Македонија, бугарскиот премиер Бојко Борисов ќе положи цвеќе на споменикот на полковникот Константин Каварналиев. Кој е бугарскиот полковник? Според Бугарскиот културен клуб во Скопје „генералот Каварналиев загинува во близина на Дојран во 1913 година спасувајќи го бугарското население во југоисточна Македонија од нападот на неколку пати побројните грчки трупи".

Константин Каварналиев е полковник во бугарската армија кој загинал во 1913 година во Стар Дојран. Тој учествувал во српско-бугарската војна во 1885 година. Во Втората балканска војна е назначен за командант на 3-та бригада од пешадиска балканска дивизија.

Во 1916 година, кога регионот е окупиран од Царство Бугарија, во чест на Константин Каварналиев на местото каде што загинал полковникот бил подигнат споменик висок седум метри. Споменикот е на мал рид, непосредно до патот за Валандово, на 3-4 километри од Дојран.

Споменикот на Каварналиев од Дојран во Шумен

Владата на Македонија позитивно одговорила на барањето на Амбасадата на Бугарија во Македонија од 5 април 2018 година за реконструкција на споменикот на полковникот. Во барањето пишува дека Бугарија бара согласност од надлежните македонски власти за реконструкација на споменикот на „полковникот Константин Каварналиев и паднатите борци бугарски војници од 58-от полк во близина на градот Дојран. Бугарската страна искажува подготвеност да постави копија од оригиналниот споменик на полковникот Каварналиев на споменатата локација“.

Бугарскиот полковник Каварналиев

На интернет страницата на Бугарскиот културен клуб пишува дека „генералот Каварналиев загинува во близина на Дојран во 1913 година спасувајќи го бугарското население во југоисточна Македонија од нападот на неколку пати побројните грчки трупи... Во 1916 година бугарските војници поставуваат седуметарски споменик на неколку километри од Дојран. Споменикот бил тргнат во 1966 година од југословенските комунистички власти во Скопје, а коските на херојот и остатоците на споменикот биле расфрлани наоколу“.

„Основното прашање е кој е Каварналиев и кој е неговиот придонес за Македонија. Имено, станува збор за бугарски полковник кој бил дел од борбата за поделба на Македонија. Тој можеби е значајна историска личност за Бугарија, но во македонската меморија нема свое место“, вели професорот Тодор Чепреганов во изјавата за „Независен весник“.

Идејата за реконструкција на споменикот на Каварналиев е стара. Во 2006 година, открива Чепреганов, тогашниот шеф на државата Бранко Црвенковски побарал мислење од Институтот за национална историја во однос на барањето на Амбасадата на Бугарија за реконструирање на паметникот, но и на воените гробишта на паднатите војници на 58. регимента кои се наоѓаат на патот Валандово-Дојран. Одговорот од Институтот, чиј директор во тоа време е Чепреганов, бил делумно негативен. Позитивно било одговорено за гробиштата, бидејќи, според оценката, станувало збор за човечки, хуман и христијански чин (а притоа веќе постојат гробишта на војници загинати во француската, британската, германската и српската армија), но не и за паметникот.

„Не би требало да се возобновуваат паметници и спомен-обележја, имајќи предвид дека тоа може да предизвика лавина барања на наследниците на бугарските, српските и грчките учесници во војните“, стои меѓу другото во дописот до Црвенковски потпишан од Чепреганов.

Во образложението на ставот понатаму стои: „Во текот на Балканските војни и Првата светска војна територијата на Македонија претставуваше воено поле на кое се одвиваа големи воени операции меѓу самите балкански држави, а потоа и меѓу големите и спротивставени два блока. Сите завојувани страни имаа многу жртви. Истите биле погребувани на територијата на Македонија и биле формирани воени гробишта. Тоа се правело со единствена цел – дека жртвите паднале за ослободување на Македонија, која ја сметале за нивна територија. Во однос на тоа кој окупатор владеел со Македонија, таков бил и односот кон воените гробишта и кон паметниците и спомен-обележјата. Се обновувале и им се одавало почит на жртвите на оние што во тој момент управувале со Македонија, додека противничките спомен-обележја биле запоставувани, па дури и уништувани. Сигурно дека тоа најмалку може да се оправда како цивилизациски чин“.

Македонизмот често е мистика и точка на недоразбирање и меѓу Македонците и на Македонците со другите народи во и околу Македонија.

повеќе

Хрватскиот музичар и кантавтор Дадо Топиќ уште во далечната 1973 година во неговата култна песна „Македонија" ја опиша нашата татковина како „земја каде сонцето вечно сјае".

повеќе

Одолговлекувањето на истрагата за случајот „Рекет" е тесно поврзана со политичките проценки за тоа до каде може да се оди во тактиката „жртва за квалитет".

повеќе