Конфликтите и мировните операции ни покажуваат дека жените можат еднакво да бидат во првите редови, одлучно да се борат за правда, да придонесуваат во разрешувањето на конфликти, а честопати токму жените се жртви на воени злосторства. Не само денеска, секој ден е потребно да оддадеме почит за храброста на жените во воените конфликти и нивната улога во помирувањето.
Пандемијата нè соочи со растечка нееднаквост во многу сфери. Соочени со предизвиците, жените повторно го понесоа поголемиот товар, преземајќи на себе многукратни улоги и неплатен труд во одржувањето на домовите, образованието на децата, грижата за повозрасните.
Имаме заедничка одговорност да правиме проценка како одлуките што ги носиме и јавните политики што ги креираме влијаат на жените. Сите имаме одговорност, но пред сè релевантните институции и политичките чинители, за промените кои ќе овозможат поголемо учество на жените во политиката, донесувањето на одлуките, креирање на политиките, управување со процесите, економскиот развој, науката и иновациите.
Родовата еднаквост е предуслов за слободно, развиено, демократско, праведно и отворено општество. Ги поздравувам заложбите на сите чинители кои работат на унапредување на родовата еднаквост и создавање на општество во кое жените сами ќе ги носат своите животни одлуки, ослободени од родово базирано насилство и сексизам, општество во кое на девојчињата нема да им биде спречен развојот поради предрасуди и стереотипи. Честит 8 Март“, порача претседателот Стево Пендаровски.