Борбата против недозволената трговија со оружје е на ниво на стратешки приоритет на МВР, вели Спасовски

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски денеска учествуваше на седмиот Регионален координативен состанок за спроведување на Патоказот за одржливо решение за нелегалното поседување, злоупотреба и трговија со мало и лесно оружје во Западен Балкан до 2024.

Како што соопшти МВР, Спасовски се заблагодари на сите меѓународни организации за континуираната и несебична поддршка при спроведување на зацртаните цели од Патоказот и истакна дека проблемот со неконтролираното ширење на малото и лесно оружје во последниве години се искачи високо на меѓународната, регионалната и националната агенда.

„Сведоци сме дека пролиферацијата на малото и лесното оружје често пати е катализатор кој ги трансформира локализираните инциденти во глобални предизвици. За таа цел, од исклучителна важност се глобалните и националните активности, заедно со добро координирана национална и регионална соработка на сите агенции за спроведување на законот, во зајакнување на контролата за производство и трговија со оружје, градење на стандарди за развој на ефективни системи за следење, размена на информации и транспарентност, споделување на најдобри пракси, како и подигање на јавната свест преку спроведување на програми за промовирање и поддршка за намалување и контрола на оружјето во јавното образование“, потенцираше Спасовски.

Откако во Лондон, на Самитот во рамки на Берлинскиот процес, министрите за внатрешни работи на земјите од Западен Балкан го усвоија Патоказот, како што информираше Спасовско, се пристапи кон усогласување и ревидирање на Стратегијата за контрола на мало и лесно оружје и Акцискиот план на Македонија.

„Новата Национална стратегија за контрола на мало и лесно оружје и Акцискиот план на Република Северна Македонија за периодот 2022 – 2024 се во владина процедура на усвојување и целосно се усогласени со Патоказот, а седумте цели дефинирани во него се преточени во пет стратешки цели на новата Стратегија. Во оваа насока, би сакал да информирам дека нашата држава во изминативе години активно работеше на спроведување на бројни активности во процесот на воспоставување на систем на сеопфатна контрола на оружјето, согласно целите утврдени во Националната стратегија за мало и лесно оружје и Акцискиот план“, информираше министерот Спасовски.

Во рамки на спроведување на целите од Патоказот, Националната комисија за мало и лесно оружје, односно МВР и другите надлежни институции, рече министерот, активно работат на усогласување на законската регулатива од областа на мало и лесно оружје и експлозивни материи со европската регулатива, а активно се работи и на спроведување на сите планирани активности во насока на остварување на поголеми резултати во подигнувањето на јавната свест за опасностите од злоупотреба на огнено оружје, спречување на трговијата со оружје, како и воспоставување ефикасни системи за размена на информации.

„Борбата против недозволената трговија со оружје е издигната на ниво на стратешки приоритет на МВР. Како резултат на плански и насочено интензивираните активности во оваа област, во 2021 година се постигнати особено значајни резултати кои се согледуваат во зголемениот број на откриени кривични дела и зголемување на вкупните количини на заплени на оружје, муниција и распрскувачки материи, а позитивни резултати се постигнати и во делот на сузбивање на организираните облици кои се поврзани со недозволената трговија со оружје“, истакна министерот Спасовски.

Минатата недела во јавноста се актуелизираше дискусијата за концептот на даночната реформа.

повеќе

Војната во Украина ја разоткри вистината за Русија, но и вистината за Европа. 

повеќе

Несанкционирањето на овој говор доведува до повторување, ширење и злоупотреба на овие аномалии како еден вид „нормализиран“ начин во политичката борба против поединци и групи со различни мислења.

повеќе