Случај „Рекет“

Боки 13 ги примил парите на 20 февруари, а на 4 март Врховниот суд го пушта Орце Камчев да се брани од слобода за „Империја“

Видеоснимката од примопредавањето на парите меѓу Орце Камчев и Бојан Јовановски била направена на 20 февруари. На снимката се слуша дека Јовановски на Камчев му ветува дека со помош на Катица Јанева, специјалната обвинителка, тој ќе биде на слобода за неколку дена. Што навистина се спроведе по ветувањето на Боки 13?

Боки 13 и Кичеец по излегувањето од куќата на Камчев

На 4 март Врховниот суд го пушти Камчев да се брани од слобода за случајот на СЈО „Империја“. Врховниот суд ги прифати жалбите и осомничените Јордан Камчев, Цветан Панделески и Ненад Јосифовиќ, осомничени во истрагата за „Империја". Според правното мислење кое го утврдија врховните судии на општа седница, СЈО е неовластен тужител и не може да покренува обвиненија, да отвора истраги и презема предмети од редовното обвинителство 18 месеци по преземањето на бомбите. Од куќен притвор излегоа и Ненад Јосифовиќ и Цветан Панделески.

На 12 март се случи поплавата во подрумските простории на Специјалното јавно обвинителство за која најпрво беше јавено дека се уништиле дел од доказите за „Империја“, а потоа обвинителката Лиле Стефанова за МКД.мк потврди дека сите документи од овој случај се сочувани.

На 29 март Врховниот суд му го укина куќниот притвор и на Мијалков за случајот „Империја“. И за Мијалков Врховниот суд објави дека СЈО не е овластен тужител за да може да бара определување и продолжување на мерката притвор за Мијалков.

Во меѓувреме, обвинителката на Специјалното јавно обвинителство, Лиле Стефанова која ја води постапката за случајот „Империја" изјави дека стои цврсто на ставот дека ќе продолжи да го застапува овој предмет, како и да води истрага за истиот. Во изјава за МКД.мк обвинителката Стефанова вели дека не отстапува од истрагата за случајот „Империја" за која, како што нагласи има цврсти докази.

Случајот „Империја" е истрага против Јордан Камчев, Сашо Мијалков, Ненад Јосифовиќ, Цветан Панделески, Ратка Куноска Камчева, Христина Камчева Стојческа, Зорица Арсовска, Лилјана Гајдовска, Владислав Стајковиќ, Тодор Мирчевски, Дејан Јанев, Ванче Мијалчев и Јованче Тасковски, поради постоење на основано сомневање за сторени кривични дела злосторничко здружување, оштетување или повластување на доверители, злоупотреба на службената положба и овластување, измама и перење пари и други приноси од казниво дело. Осомничените се товарат дека кривичните дела ги сториле во периодот од 2002 година до 2013 година. СЈО во случајот „Империја" за перење пари дојде до матичните броеви на многу фирми, во Македонија и во странство, кои имаат слични имиња и чии управители и називи се менувале на речиси 6 месеци.

Обвинителката Стефанова во изјава за медиумите во ноември, 2018 рече дека во државава нема недопирливи, дека истрагата за „Империја" ќе се проширува и ако СЈО процени дека има какви било индиции ќе побара мерка притвор и за други лица, вклучувајќи го и Сашо Мијалков. Случајот „Империја“ е во фаза на истрага и за сега се уште нема поднесено обвинение.

Во јуни Катица Јанева дала одобрение да му се врати пасошот на Камчев на одредено време. „Сметавме дека е потребно да му се даде пасошот бидејќи истрагата во делот на прибирање на финансиската документација е прибрана и се анализира во моментот“, изјави Јанева.

A.Д.

 

 

 

Деликатна јазична авантура е ако се излезе од основното и утврдено значење на зборовите и се прејде во сферата на жаргонот и колоквијалноста.

повеќе

Плаќањето на вработените на час наместо месечно помага да се зголеми нивната плата со тоа што ќе се вреднува работното време поефикасно.

повеќе